Фирма на Nokia стартуваше со пилот проект во Финска, во кој автомобилите меѓусебно разменуваат предупредувања за опасности на патот, како застој, голомразица или преминување на дивеч.
Сервисот за мапи Here стартуваше пилот проект во Финска, за интелигентно предупредување од опасност на патот, преку користење на сообраќајни податоци и локациска интелигенција. Целта на проектот наречен „Coop“ е да се овозможи комуникација меѓу возилата во реално време, за истите да можат меѓусебно да си разменуваат предупредувања за опасности на патот, како голомразица, преоѓање животни преку патот, незгоди или ненадејни застои. Проектот го финансира Финската агенција за транспорт FTA, а ќе го реализира Here, посестринска фирма на Nokia, претходно под имињата Navteq, Ovi Maps и Nokia Maps. Ова е прв проект што имплементира систем за предупредување од опасност според директивите на ЕУ, односно директивата за Интелигентен систем за транспорт ITS.
Во проектот ќе се тестира способноста на актуелните и на идните технологии на мобилната мрежа и на „локациски облак“ за брза размена на информации што се релевантни за безбедноста во сообраќајот. При тестирањето, возачите доброволно ќе разменуваат информации за промени на условите на патот и за опасности на патот. Во моментов, овие информации сé уште им се соопштуваат на возачите преку паметни телефони, но целта е сензорските системи во автомобилите во иднина да ги испраќаат овие информации автоматски.
Here користи податоци од повеќе производители на автомобили
Сервисот за мапи на Nokia повеќе години работи на технологиите на обработка во облак што преку умрежување ги предупредуваат возачите за опасности на патот. За развој на услугите, Here користи анонимни податоци од возила од различни марки, затоа што фирмата испорачува навигациски мапи за повеќе производители на автомобили. Here учествува и во развојот на технологии за автоматизирани возила, кои во иднина ќе се ориентираат во сообраќајот преку карти во реално време и со висока прецизност. Неодамна, финската фирма објави техника на обработка во облак за карти во реално време, којашто го дефинира начинот за собирање, обработка и анализа на сензорски податоци од најразлични возила во облак-технологија, за потоа да се добие детална слика во реално време од патиштата и од сообраќајот.
Финскиот специјалист за веб-картографија смета дека овој проект означува пресвртница, укажувајќи на можноста уште денес да се зголеми безбедноста во сообраќајот преку програми поврзани во мрежа. Сензорите во возилата создаваат огромна количина податоци, коишто можат да се соберат, анализираат и разменуваат со останатите учесници во сообраќајот. Главниот предизвик е релевантните информации да се обезбедат на вистинското место и во вистинското време со колку е можно помало доцнење.
Во првата фаза на проектот ќе се проверува техничката зрелост на системот. Втората фаза ќе стартува во следната есен на магистралата Е18, како главна сообраќајна врска меѓу финските градови Хелсинки и Турку, како и меѓу мрежата од автопатишта во регионот на Хелсинки. Here очекува илјадници возачи да учествуваат во проектот. Пилот фазата треба да заврши кон крајот на 2017 година. Предноста на овој систем е во тоа што не е потребна дополнителна инфраструктура (Car-to-X) во форма на сензори во патиштата.