Користењето на сопствените автомобили во Австрија во последните десет години е намалено за околу илјада километри. Во просек се вози помалку од еден час дневно.
Австриските возачи минуваат сé помалку километри со своите автомобили. Годишната километража на приватните автомобили во периодот од 2003 година е намалена од 14.140 на 13.100 километри. Службата за статистика на Австрија заклучува дека причината за намалување на километражата лежи во тоа што релациите кои претходно биле совладувани со автомобил сега се минуваат со јавниот превоз или со велосипед.
Во просек, приватните автомобили сега се користат помалку од еден час во текот на денот, што значи дека во останатите 23 часови автомобилот мирува. Намалувањето на годишната километража е најизразено во регионот на Салцбург (минус 1.470 километри), наспроти Бургенланд, каде што се возат во просек 210 километри помалку во годината.
Во алпската држава се регистрирани околу 4,6 милиони патнички возила, од кои преку 600.000 се користат како службени возила и во јавната служба. Секое четврто домаќинство во Австрија, односно околу 850.000 домаќинства, не поседуваат сопсвен автомобил. ВО Виена дури 41 процент од домаќинствата не поседуваат возило. Секако дека на територијата на државата постојат и такви домаќинства кои што поседуваат повеќе од еден автомобил. Вторите и третите автомобили во домашниот возен парк имаат уште помали километражи. Преку концептот на заедничко користење на возила за изнајмување, т.н. „carsharing“, како и преку густата сообраќајна мрежа во развиените региони, голем дел од домаќинствата немаат потреба од втор автомобил. Користењето на системот Carsharing се исплатува при годишна километража помала од 10.000 километри.