За значењето на наградите Златен Волан најдобро сведочи фактот што на годинешново одбележување на 50-те години на изборот пристуствуваа извршните директори на автомобилските производители.
Половината век на изборот Златен Волан, што денес прерасна во најзначаен и најверодостоен избор на најдобрите автомобили во Европа, беше одбележан на 10-ти ноември во Берлин. Достојно за значењето на настанот, свеченото доделување на наградите Златен Волан 2026 се пренесуваше во живо, на каналите на германскиот магазин Ауто Билд и на најтиражниот дневен весник во Германија, Билд. Водителка на свеченоста беше актерката Барбара Шенебергер.
Од врвот на автомобилските куќи дојдоа Оливер Блуме (концерн Фолксваген АГ), Герно Делнер (Ауди), Џон Елкан (Ферари, Стелантис), Ола Калениус (Мерцедес-Бенц) Флоријан Хутл (Опел), Милан Недељковиќ (БМВ) и Хо Сунг Сонг (Киа).
Златен Волан првпат беше доделен во 1976 година, во организација на неделникот Билд ам Зонтаг. Издавачот Аксел Шрингер имаше за цел да воспостави избор на автомобили на годината, по пример на тогаш влијателната Златна Камера.
Од 1990 година, во изборот се приклучи Ауто Билд. Историјата на наградата се поврзува и со 9-ти ноември 1989 година. Во вечерта кога се доделуваа наградите, падна Берлинскиот Ѕид, којшто проаѓаше веднаш покрај висококатницата на Аксел Шпрингер.
Жири сочинето од тркачи, експерти, јавни личности
Во изборот Златен Волан победуваат најдобрите автомобили. Жири од тркачи, новинари, експерти и познати јавни личности што се заљубеници во автомобилизмот – меѓу нив и тениската легенда Борис Бекер, деветкратниот светски првак во рели Себастијан Огиер, тркачот Клаус Лудвих и водителката Андреа Кајзер – ги тестираа до детал финалистите што претходно ги избраа читателите. Тестирањето се одржа на патеката Лаузицринг.
Во жирито се најде и семејно жири, сочинето од пет семејсртва со деца. Тие оценуваа секојдневна практичност, квалитет, одржливост, погон и возни својства.
Златен Волан 2026 е доделен во 15 категории
Во 15-те категории беа доделени 17 Златни Волани. За одбележување на половина век, читателите ги изгласаа историските победници, Мерцедес-Бенц СЛ Р129, Порше Карера ГТ и Ауди 100 Ц3.
Посебно беше доделена награда за мотоспорт, којашто му припадна на Тото Волф, шеф на тимот на Мерцедес-АМГ Петронас Ф1, кој ја прими наградата од Борис Бекер.

Добитниците на Златен Волан 2026
- Градски автомобили: Opel Corsa GSE
- СУВ од градска класа: Škoda EPIQ
- Компакт класа: Kia K4 Sportswagon
- СУВ од компакт класа: Kia EV5
- Средна класа: BMW i3
- Виша средна класа: Genesis GV60 Magma
- Виша и луксузна класа: Mercedes-Benz S-Klasse
- Спортски автомобили: BMW M2 CS
- Семеен волан: Škoda PEAQ
- Награда од редакцијата до 25.000 евра: VW ID. Polo
- Награда од редакцијата до 30.000 евра: Kia EV2
- Награда од редакцијата до 35.000 евра: Mazda CX-5
- Најдобро користено возило: Audi A4 Avant B9
- Историски победници: Mercedes-Benz SL R129, Porsche Carrera GT und Audi 100 C3
- Иновација: Ferrari Luce
- Награда за мотоспорт: Тото Волф, шеф на тим и извршен директор на Mercedes-AMG Petronas F1















