Германските производители размислуваат дали уште да произведуваат во Германија

Најголемите германски производители на автомобили забрзуваат со реорганизацијата на производствените процеси и на местата во коишто произведува возила, откако падна профитот во Кина и превисоките трошоци во земјата го ставаат под прашање нивниот индустриски модел.

Фолксваген го откажа воведувањето нова технологија за производство во матичната фабрика во Волфсбург, откако намалената заработка го принуди германскиот производител да го преиспита вложувањето во домашните фабрики.

Групацијата Фолксваген соопшти на 11-ти ноември дека го отфрлила важниот проект за внесување нова технологија на производство во својата матична фабрика во Волфсбург. Причина за тоа е опаднатата заработка, поради што најголемиот европски производител мора да преиспита дали во иднина да вложува во своите фабрики во Германија.

Настрана од тоа, извршниот директор на Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, изјави дека преговорите со работниците во Германија за продолжување на работното време, без да се зголеми надоместот, мора да донесат видливи резултати.

„Повеќе не можеме да се криеме,“ изјави Калениус на форумот на дневниот весник Зид Дојче Цајтунг во Берлин. Доколку не се постигне значлително подобрување на конкурентноста, Германија за десет години ќе има „осетно помали индустриски активности во оваа земја.“

Извршниот директор на производителот на премиум автомобили исто така изјави дека компанијата преоѓа на стратегија „100 проценти за Кина“, откако заклучи дека досегашниот пристап повеќе не функционира, по наглиот пад во продажбата. Тоа значи дека ќе се направи отстапка од инженерскиот пристап при развојот на модели во Германија, како што се Ц- или Е-Класата, и нивно приспособување кон кинеските купувачи.

Откако воспостави нови партнерсртва со цел да го забрза развојот на нови модели што се наменети исклучиво за Кина, Фолксваген веројатно ги покажува првите знаци дека започнала пресвртницата на најголемиот автомобилски пазар во светот.

Продажбата на автомобили со батериски и хибриден погон на марката Фолксваген во Кина достигна рекордна вредност во минатиот месец, благодарејќи на моделите како лимузината ИД Ера 5С, соопшти производителот на 11-ти ноември. Германскиот производител очекува дека тој раст ќе продолжи до завршетокот на годинава, а целта е Фау Ве в година да се најде меѓу 10-те најпродавани марки на пазарот на електрични автомобили во земјата.

Во истиот ден, Фолксваген соопшти дека ги откажал плановите за вложување во својата матична фабрика во Волфсбург, со коишто требаше да се воведе револуционерна технологија на производство. Меѓу откажаните производствени постапки спаѓа и леењето под висок притисок. Одлуката наиде на отпор од претставниците на моќниот работнички синдикат.

Овие промени покажуваат дека германските производители на автомобили повеќе не можат да ги трпат високите трошоци во земјата, затоа што пазарот во Кина порано носеше огромен профит.

Кинеските соперници ги притискаат да развиваат и произведуваат повеќе автомобили во Кина, и тоа точно во време кога смалениот приход бара да се направат подлабоки резови во Германија. Тоа подразбира зафати во веригата од добавувачи, затворање фабрики и отпуштања.

ЗФ Фридрихсхафен, светски производител на менувачи и сопирачки, го намали работното време во бројни погони ширум Германија, додека врши реструктурирање поради смалената побарувачка.

Вработените во некои погони работат 30 часови неделно или помалку, како мерка што има за цел да ги сочува работните места, додека добавувачот продолжува да ги скусува трошоците, изјави извршниот директор Матијас Мидрајх. До завршетокот на деценијава, ЗФ планира да отпшти околу 14.000 работници.

Овие притисоци се случуваат во време кога Германија и Европа се соочуваат со длабока ерозија на својата индустриска база. Автомобилските производители и нивните добавувачи со децении вработуваа стотици илјади лица на добро платени работни места во производството, и сочинуваа столб на широка мрежа од фабрики, инженерски центри и помали добавувачи.

Смалената побарувачка, високите трошоци и заострената конкуренција, ги наведуваат производителтие да преиспитаат колку можат да го издржат притисокот.

„Европскиот прирачник не функционира, а ако не се промени нешто, целото производство во Европа ќе се преполови, изјави во Берлин извршниот директор на Рено, Франсоа Прово. „Ги губиме работните места во нашата индустрија, сега навистина е итно.“

Претходна објаваВОЗБУДЛИВ HOT HATCH: НОВАТА OPEL CORSA GSE ЈА ОВОИ НАГРАДАТА ‘ЗЛАТЕН УПРАВУВАЧ 2026’