Условот „Произведено во Европа“ повеќе ќе ѝ наштети на Тојота отколку на кинеските напаѓачи

Планот на ЕУ да субвенционира само електрични возила што се произведени во Европа, во рамките на предложениот Закон за забрзување на индустријата (ИАА), повеќе ќе им наштети на Тојота и на останатите производители со добавувачи ширум светот, отколку што ќе ги забави кинеските соперници, коишто веќе градат фабрики во регионот, предупредуваат аналитичарите.

Тојота ги произведува своите електрични модели во Јапонија и ги извезува во Европа и на други пазари.

Тоа е клучна дебата, затоа што ЕУ треба да реши колку далеку ќе оди со давањето предимство на возилата од локално производство, додека кинеските производители го зголемуваат својот пазарен удел. Производителите на автомобили што имаат создадено успешни бизниси во Европа, користејќи вериги од добавувачи ширум светот, се наоѓаат во опасност да го изгубат правото на субвенции.

За да ги исполнат условите на ЕУ за добивање субвенции при купување возило или за добивање помош од државата, според предложениот ИАА, возилата со батериски електричен и приклучен хибриден погон мора да содржат компоненти од локално производство, чијашто вредност треба да биде најмалку 70 проценти од вредноста на возилото. Единствен исклучок е батеријата, којашто не е опфатена во барањата на ЕУ.

Европското здружение на производители на автомобили предупреди дека и покрај тоа што е најважно да се заштити производството во Европа, предложениот закон би можело да предизвика нарушување на постоечките вериги за снабдување на фабриките со делови.

Кинеските производители пак може да излезат како победници

ИАА има за цел да ги заштити европските производители на автомобили од кинеските конкуренти, меѓутоа предлогот не го зема предвид фактот дека кинеските производители на автомобили веќе почнуваат со производство во свои фабрики во Европа, изјави Педро Пачеко, потпретседател за истражување во компанијата Гартнер. БИД е пред почеток на редовно производство во Унгарија, додека Чери врши монтажа на свои модели во Шпанија.

Филип Зајдел, директор во огранокот на компанијата Артур Д. Литл во Минхен, кажа дека законот може да го зголеми производството во Европа, но не гарантира дека корист од тоа ќе имаат исклучиво европските производители на автомобили.

Пачеко кажа дека голем дел од производителите на автомобили што се силни во Европа, потекнуваат од други региони. Тојота ги увезува сите свои електирчни модели од Јапонија, со исклучок на Урбан Крузер, што се увезува од Индија. Јапонскиот производител во 2025 година увезе од Јапонија возила во вкупна вредност од 6,9 милијарди евра.

„Тојота не е на гости во Европа“, изјави извршниот директор на Тојота за Европа, Јошихиро Наката, на настан за медиуми што се одржа во Брисел на 15-ти октомври.

ЕУ мора да ја задржи својата експертиза во Европа, советуваат аналитичари

Критичарите напоменуваат дека барањето за локално потекло може да предизвика зголемување на цените на електричните возила. Пачеко посочува дека тоа барање го занемарува фактот што некои европски производители на автомобили не можат сами да произведуваат достапни електрични возила и мораат да ги реструктурираат своите вериги на снабдување за електрични возила.

Во Европа може да се произведуваат електрични возила по конкурентна цена, посочи Пачеко. Тесла во Германија го произведува Модел Уај, својот најпродаван електричен автомобил во Европа. Тој во септември беше најпродаван ЕВ во Европа со новорегистрирани 40.971 возила, што е за 55 проценти повеќе од лани.

Дури и кога производството и монтажата ќе останат во Европа, постои ризик дека истражувањето и развојот, новите технологии и инженерингот сé повеќе ќе се преселуваат во Кина, кажа Зајдел.

„ИАА не зема предвид како денес функционираат веригите на создавање дополнителна вредност во автомобилската индустрија. Лесно е да се каже дека сакаме одреден процент од компонентите да бидат произведени во Европи или да бидат набавени од европски добавувачи. Но, потребни се дополнителни политички мери и закони, за инженерската експертиза, развојот на производи и дизајнот да се задржат во Европа,” заклучува Зајдел.

 

Претходна објаваНепал со најголем раст во продажбата на електрични автомобили во светски размери