Добавувач затвора 5 фабрики за делови за автомобили во Европа поради забавениот пазар

Добавувачот на автомобилските фабрики Шефлер ќе затвори пет фабрики во Европа и ќе отпушти работници, поради долготрајното забавување во побарувачката за делови за автомобили и високите трошоци во Германија.

Шефлер е 14-ти најголем добавувач на делови за автомобилската индустрија според Аутомотив Њуз

Компанијата ќе отпушти 3.460 работници во Европа, од коишто три четвртини отпаѓаат на фабриките во Германија, стои во соопштението од производителот на тркалачки лежишта и погонски системи за хибридни автомобили.

Од овие мерки се очекува да донесат заштеда од околу 300 милиони евра на годишно ниво, почнувајќи од 2030 година, вклучувајќи еднократни трошоци од околу 480 милиони евра. Со скусувањата ќе се надмине проблемот со недоволната искористеност на фабриките и воедно ќе се намалат активностите во истражување и развој.

Шефлер цени дека овие мерки ќе овозможат компанијата да продолжи да произведува и развива конкурентни производи во Германија и Европа.

Извршниот директор Клаус Розенфелд вели дека условите во германската автомобилска индустрија се влошиле, откако Шефлер ја објави претходната програма за реструктурирање во 2024 година. Продукцијата опаѓа повеќе од очекувањата.

„Мораме да ја приспособиме нашата структура тука, за да продолжиме да работиме конкурентно во иднина,“ кажа Розенфелд во интервју. „Не е доволно да се надеваме дека нештата ќе се подобрат, мораме активно да пристапуваме кон проблемите, а еден од нив се значително повисоките трошоци за персонал што ги имаме тука.“

Раководството ќе прифати скусување на плати

Водечкото раководство на Шефлер ќе се откаже од 10 проценти од својата основна плата. Компанијата планира да скуси две нивоа на менаџементот. Преку помалите скусувања на платите на вработените што се подолу во хиерархијата ќе се смалат трошоците за персоналот и ќе се намали бројот на работници што ќе се отпуштат, соопшти директорот.

Шефлер планира да затвори четири фабрики во Германија и една во Белгија, а вкупно 16 фабрики ќе бидат погодени од скусување на работните места. Добавувачот соопшти дека ќе се отпуштат околу 2.660 работници во Германија, најголем пазар на компанијата, што претставува околу 9 проценти од работната сила на Шефлер во земјата.

Новата низа мерки следи по само неколку недели откако Шефлер соопшти дека предвреме завршила претходната програма за реструктурирање. Планот донесен во ноември 2024 година предвидуваше скусување на 4.700 работни места во Европа и годишна заштеда од околу 290 милиони евра, почнувајќи од 2029 година.

Шефлер е погодена од смалената побарувачка за делови за мотори со внатрешно согорување, додека побарувачката за електрични автомобили од друга страна напредуваше побавно од очекувањата. Тоа доведе до прекумерна продукција и преголем капацитет за развој.

Синдикатите обвинуваат дека отпуштањата ја слабеат индустриската база во Германија

Работничкиот синдикат ИГ Метал и работничкиот совет на групацијата Шефлер го критикуваат новиот план за реструктурирање и оценуваат дека постојаните скусувања на работните места и на фабриките ја слабеат индустриската база на компанијата во Германија.

„Една програма за реструктурање следи по друга, уште пред да се надминат последиците од претходната,“ изјави Томас Хен, претставник на ИГ Метал во Шефлер. „Таквата стратегија не оди во корист на Германија како индустриска локација.“

Шефлер бара нови подрачја за раст, покрај автомобилскиот бизнис, и влегува на други пазари. Компанијата се шири во насока на компоненти за човеколики роботи и во секторот за одбрана.

Шефлер вработува околу 109.000 лица во светски рамки. Компанијата е 14-ти најголем добавувач на списокот на 100-те највлијателни компании од оваа бранша во светот, од страна на Аутомотив Њуз, со годишна продажба кон производителите на автомобили што во 2025 година достигна 18,6 милијарди долари.

Претходна објаваАвтомобилот на годината во Европа ќе биде електричен, со сигурност