
Групацијата Фолксваген со години најавуваше дека разгледува можности за да започне со локална монтажа на своите модели во САД, но досега не се наведуваа можниот датум и податоци за обемот на продукцијата.
Фабриката во Џорџија ќе се гради во индустриската зона Мидл Џорџија Мега Сајт во Мејкон, јужно од Атланта.
Ауди соопшти дека изградбата ќе започне во 2027 година и дека во проектот ќе вложи 4 милијарди долари.
Тоа ќе биде една од најголемите фабрики на Ауди во светот, којашто ќе вработува 4.500 лица. Првите возила ќе излезат во почетокот на 2030-те, со возила што се конструирани и наменети главно за купувачите во САД, посочи германскиот производител.
Претседателот Доналд Трамп ја соопшти веста за изградбата на фабриката на митинг во Пери, во близина на Мејкон, во присуство на извршниот директор на Ауди, Герно Делнер.
„Планираме да ги донесеме нашите најголеми и најпрестижни СУВ и да ги произведуваме тука во Мејкон,“ изјави Делнер на собирот, застанат покрај Трамп. „Се работи за долгорочно вложување, затоа што веруваме во пазарот во САД.“
Покрај собирот беше изложен златен Ауди Ку 9 со фабрички регистерски ознаки.

Ауди планира дополнително да произведува уште 25.000 возила годишно во соседната сојузна држава Јужна Каролина. Монтажата на тие возила ќе се врши во фабриката од 2 милијарди долари на специјализираната марка за теренски возила на концернот Фолксваген, Скаут. Таа фабрика е во изградба и се наоѓа во Блајтвуд, во близина на Колумбија, главниот град на сојузната држава Јужна Каролина.
Дилерите бараат автомобили на Ауди што се скроени за купувачите во САД, се очекуваат негодувања во Германија
Плановите на Ауди се добредојдени вести за дилерите на марката во САД, коишто долго бараа локално производство и повеќе модели што се наменети за возачите во земјата.
Но, Ауди веројатно ќе се соочи со силни негодувања од синдикатот, владините претставници и работниците во Германија, каде што останува неизвесноста околу неколку фабрики на групацијата Фолскваген, додека се спроведува планот за реструктурурање. Фабриката на Ауди во Некарсулм, во југозападна Германија, е меѓу фабриките што се соочуваат со можно затворање по 2030 година.
Делнер кажа дека вложувањето во САД „не е одлука против Германија,“ образложувајќи дека со тоа ќе се заштитат домашните работни места, преку зајакнувањето на глобалниот бизнис на Ауди. Тој напомена дека Ауди во моментов работи со загуба во САД. „Со тукашното инвестирање, ќе го зајакнеме нашиот бизнис модел,“ кажа Делнер.
Надзорниот одбор на концернот Фолксваген допрва треба да ги одобри плановите на Ауди. Влијателните претставници на работниците, коишто сочинуваат половина од надзорниот одбор, дадоа знаци дека се подготвени да направат остапки околу фабриката, додека во Германија се водат напнати преговори околу работниците, платата и инвестициите.
„Дополнителното производство на нова локација секогаш придонесува и оди во корист на постоечките фабрики во глобалната производствена мрежа,“ порача работничкиот совет на 25-ти октомври. „Околу тоа уште остануваат отворени некои прашања, на коишто ќе следат интерни одговори од надлежните комисии.“
Делнер очекува надзорниот одбор да ја донесе одлуката во текот на следниот месец.
Извршниот директор на концернот Фолксваген, Оливер Блуме, кажа дека САД се важен пазар за концернот да постигне профитабилен раст. „Потенцијалната фабрика во САД ќе создаде дополнителни услови за тоа,“ додаде Блуме.
Сите автомобили на Ауди што се продаваат во САД, увезени се или од Европа или од Мексико. Тоа ја изложува марката на силен притисок од царините што ги воведе владата на Трамп. Концернот во 2025 година плати царина во висина од 4 милијарди долари, од коишто 1,4 милијарда само за Ауди.
Соперниците Мерцедес-Бенц и БМВ веќе со децении вршат монтажа на возила во своите производствени центри во САД, коишто исто така се наоѓаат во југот на земјата.
Се преговара за ослободување од царини
Како возврат за најавата за изградба на фабриката, Трамп и Фолксваген ќе продолжат да преговараат околу различни видови на ослободување од царините. Владини претставници посочија дека евентиалните отстапки понатаму ќе важат за сите што ќе го прошират своето производство во САД.
Ауди постигна рекордна проджба во САД во 2023 година, но оттогаш се соочува со постојан пад.
Концернот Фолксваген во моментов располага со три фабрики фабрики за монтажа на патнички возила во Северна Америка – фабриките на Ауди и Фолксваген во Мексико и фабриката на Фолксваген во Тенеси.














