Агрон Сулејман е меѓу автомобилските новинари со најдолг стаж и ценета експертиза на македонската сцена. Покрај тоа што објавуваше тестови на нови автомобили и правeше осврти на случувањата на домашната автомобилска сцена, Баби, како што го познаваат неговите пријатели и блиските, беше и член на своевременото македонско жири за избор на автомобил на годината во Македонија.
Пошироката фамилија, бројни пријатели и колеги, денес се збогуваа со Агрон Сулејман, еден од најистакнатите автомобилски новинари на македонската сцена, на погребот што беше одржан на градските гробишта Бутел.
Агрон беше вистински космополит, светски човек, не само поради тоа што струката го однесе на сите можни страни на светот, туку и поради единствениот начин на којшто тој комуницираше со луѓето. Баби секогаш имаше нови вицеви да раскаже, честопати и пригодни, коишто е малку веројатно дека некогаш пред тоа ги имате слушнато. Големиот колега остави зад себе слика на ведар, искрен, чесен човек.
Колегите од македонската автомобилска сцена имаат минато со Агрон илјадници часови во летови до места ширум целиот свет, на коишто производителите на автомобили одржуваа спектакуларни презентации на нови модели, со него извозевме десетици илјади километри, посетивме десетици салони на автомобили, присуствувавме на веројатно илјада настани.
Тој ја почна својата кариера во светот на радиото, беше меѓу првите соработници во вистинскиот Ауто Плус, што се печатеше во 1990-те години, а неговата стручност и чесност му обезбедија и место во експертското жири за избор на Автомобил на годината во Македонија. До пензионирањето, Агрон Сулејман го уредуваше посетениот портал за автомобилизам автоинфо.мк.
Агрон Сулејман почина на 66-годишна возраст.
Уште долго ќе те спомнуваме и паметиме, Агрон. Почивај во мир.
















