Додека се одвива работничкиот штрајк, Хјундаи продолжува со стратегијата за масовна примена на роботи и целосно ја презеде компанијата Бостон Дајнемикс од САД. Намерата на Корејците е со тој чекор значително да го забрзаат воведувањето на хуманоидни роботи во индустријата.
Околу 40.000 синдикално организирани работници се чувствуваат загрозени. Според синдикатот, околу 87 проценти од членовите го поддржуваат штрајкот. Тие стравуваат дека испразнетите места во иднина нема да се пополнуваат со нови работници, туку на нивното место ќе се поставуваат хуманоидни роботи.
Ова е прв работнички отпор во автомобилската индустрија, во којшто како главна точка на несогласувањата се наведува точно примената на хуманоидни роботи.
Атлас ќе биде составен дел од фабриките на Хјундаи
Во средиштето на спорот е Атлас, хуманоиден робот што е развиен од Бостон Дајнемикс. За разлика од вообичаените индустриски роботи, тој не е поврзан со едно работно место. Атлас може да се движи самостојно во фабриката, да носи делови, да користи алати и да се поставува на различни работни места. Роботот е наменет за еднолични работни постапки, што бараат физички напор или носат опасности, како во производството, така и во логистиката.
Тековната генерација на Атлас користи целосно електричен погон и развиена е посебно за индустриска примена. Посебност се подвижните злобови, коишто овозможуваат работни постапки што се тешки или невозможни за обичните индустриски роботи.
Хјундаи ја планира првата примена за новата фабрика Метаплант во сојузната држава Џорџија, во САД. Роботите во почетокот ќе бидат поставени да носат материјали и во логистиката, а подоцна ќе бидат ангажирани и во монтажата на возила.
Бостон Дајнемикс стана дел од Хјундаи
Со намера да го забрза воведувањето на Атлас во сериското производство, Хјундаи целосно го купи Бостон Дајнемикс. Корејците уште во 2021 година станаа мнозински акционери, преземајќи го уделот на СофтБенк, а сега ги купија и преостанатите акции. Тоа значи дека Бостон Дајнемикс сега е сестриска компанија во целосна сопственост на Хјундаи.
За Корејците, овој чекор не е само инвестирање. Хјундаи има планови, за развојот, производството и идната примена на хуманоидните роботи, да ги вгнезди во сопственото производство на автомобили. Од технолошки демонстратор, Атлас ќе прерасне во редовен составен дел од производството.
Atlas Goes Hands On | Boston Dynamics
Хјундаи планира да го користи роботот и во останатите фабрики
Целосното преземање на Бостон Дајнемикс е дел од широката стратегија за роботизација. Хјундаи ги води роботиката, вештачката интелигенција и развојот на возила под поимот Физички АИ. Намерата е да се развијат роботи што се „свесни“ за својата средина и можат самостојно да преземаат задачи во вистинскиот свет.
По завршувањето на тестирањата, Хјундаи планира роботите да ги постави и во останатите фабрики. Во подолг рок, планот е годишно да се произведуваат до 30.000 хуманоидни роботи. Корејците планираат да ги применуваат роботите и во логистиката и во останатите индустриски гранки. Повеќе производители планираат да постават хуманоидни роботи во своите фабрики.

















