На единаесет делници ширум Германија се вршат поправки, се ограничува брзината, некои патишта се затворени целосно.
Во моментов е најпогодена патната делница А2, главна сообраќајна жила до Берлин и до Хановер, којашто претрпе најголеми оштетувања, јавуваат германски медиуми.
Високите температури го погодија германскиот аутобан. Асфалтот омекнува под дејство на жештината, бетонот се шири. Тоа предизвикува деформации и т.н. блоу-ап, односно распукнување, кога бетонските плочи одеднаш се подигнуваат или се кршат. Поради тоа се воведени брзински ограничувања, а некои патишта се дури затворени целосно.
Компанијата што е надлежна за целата мрежа од патишта низ Германија, Аутобан ГмбХ, повикува возачите да бидат посебно внимателни. Оттаму порачуваат: „Ако забележите оштетување на патот, веднаш јавете во полиција.“
Службите веќе поправија неколку делници
На делот од автопатот А1 што води кон Бад Олдесле, веќе се поправени оштетувањата. Сликата е сосем различна во округот Витлих, каде што патот ќе остане затворен до 1-ви јули. Возилата се пренасочуваат по помошен пат, камионите мора да кружат уште повеќе.
Аутобан ГмбХ јавува и за оштетувања на А2, меѓу Цисар и Волин, за настанати колони во должина од десетици километри, но и за случаи кога поправките траеја покусо од очекувањата, како што е примерот со делницата меѓу Бург-Центрум и Бург-Ост.
Колку жешко треба да биде за патот да се оштети
Не постои точна вредност на температурата на воздухот при којашто се појавуваат блоу-апс. Проблем се јавува обично по неколку денови со температури што надминуваат 30 степени Целзиусови. Во такви случаи, коловозот се шири до таа мера што се појавуваат напрегања во споевите и на местата што веќе се оштетени. Кога температурата ќе надмине 50 или 60 степени Целзиусови, бетонот се подигнува одеднаш или пука.
Во неколку региони се активираше зимската служба, во спротивна улога од вообичаената. Место да го трга снегот и мразот од патот, прскаклките се користат за ладење на коловозот. На тој начин се смалува опасноста од оштетување.
Со штети се соочуваат и други земји во регионот, меѓу кои Австрија, Швајцарија, Франција.
















