за

Audi TT: Ист како стариот, само многу подобар

Audi стартува со третата генерација на TT, со подолго меѓуоскино растојание, поостра линија, футуристички диодни светла и тежина намалена за 50 килограми. Но, најголемата револуција е во кокпитот.

Во шеснаесетте години од појавувањето на првата генерација слушнавме најразлични епитети за компактното купе на Audi. Тоа беше и дизајнерска икона и спортист без спортски гени и мајстор за свијоци и евтина замена на Porsche. Дури имаше и непријатни моменти кога производителот мораше да реагира поради лесното пролизгување на опашот. Но, и покрај оваа контрадикторност во мислењата на различните групи околу тоа дали TT е вистински спортист или не, факт е дека купето на Audi е еден од автомобилите што дури и лаиците го препознаваат на улица. Сето тоа е тежок товар за наследникот, којшто мора во се да биде подобар од претходникот, но сепак мора да е препознатлив како TT.

Многумина кога ќе го видат новиот TT отстрана помислуваат дека се работи за претходникот. Но, токму тоа беше и целта на дизајнерите на Audi, да ја исцртаат целата форма од ново, но купето да остане препознатливо како TT. Со непроменета контура и со должина од 4,18 метри, новиот TT е точно еден милиметар покус од претходникот, додека меѓуоскиното растојание порасна за добри 3,7 сантиметри. Последново е резултат од модуларната платформа MQB којашто сега ја користи и TT.

Разликите повеќе се забележуваат од напред, во носот што ги следи цртите на суперспортскиот R8. Поголемите отвори за воздух и трапезната маска прават TT да изгледа поагресивно. Регистерската табличка е точно во средина на огромната маска, а четирите прстени на Audi се преселија на хаубата. Највпечатливи се диодните матрични светла коишто се добиваат со доплата од околу 2.100 евра според германскиот ценовник. Со овие светла, покрај значително подоброто и поприродно осветлување на патот, возачот може ноќе да вози постојано со вклучено долго светло. Предната камера препознава кога отспротива наидува друго возило и соодветно го приспособува светлосниот сноп за да спречи заслепување на патниците. Диодните светла се препознатливи и дење, во форма на легната буква F. Истата шема ја користат и задните светла.

Задниот спојлер дополнително поседува лајсна, којашто дава и поголема спортска нота во изгледот. Спојлерот е во серискиот пакет и излегува автоматски над 120 km/h. Со новото дотерување на линијата, TT изгледа поширок и подинамичен, за што меѓу другото придонесува и „исчеснувањето“ на типичната куполеста форма на покривот, во знак на првата генерација на моделот од 1998 година. Од оригиналниот дизајн се задржаа испакнатите крила, коишто сега оптички се поврзани со остар раб по должината на каросеријата.

Со притискањето на сребреното копче за старт се открива најголемиот новитет. Темната површина зад спорсткиот волан со зарамнет долен дел служи како „филмско платно“ за шоуто коешто по давањето контакт почнува на дисплејот од 31 сантиметар. Стандардно, на дисплејот се прикажуваат класичен брзиномер и бројач на вртежи. Со префрлување на прикажување на навигацијата се појавува голема карта, а инструментите се прикажуваат смалено во краевите на дисплејот. Слично се случува при префрлување на радио или пребарување низ музичката датотека, како и при телефонирање. Целата контрола се одвива преку копчињата на воланот или преку централниот контролер меѓу седиштата. Покрај контролерот сега има само шест копчиња и површина, на којашто со прст може да се испишат букви или бројки, кои понатаму ги препознава навигацијата или телефонот.

Под хаубата на TT во почетокот на комерцијализацијата работи или дволитарски турбо бензинец со 230 КС или дволитарски дизел со 184 КС. Бензинецот е достапен и во изведба quattro,со погон на сите тркала како специјалитет на куќата, а во тој случај, место шестстепениот мануелен менувач работи менувач со двојна спојка, исто така со шест степени.

Со доплата од 1.100 евра се добива и автоматска регулација на амортизацијата, со повеќе програми. Во „динамичната“ програма се намалува будноста на контролата на стабилноста и на останатите електронски помагала, а дополнително се вклучува и генераторот на звук, за целото доживување да добие уште поспортска нота. Основната изведба на TT со дволитарскиот бензинец чини 35.000 евра во германскиот ценовник на Audi. Верзијата со погон quattro и менувач S tronic чини 39.500 евра, додека дизелот со 184 КС е достапен за 35.900 евра. За целосно уживање во виртуелното кино зад воланот треба да се доплати уште 2.500 евра за комбинација со систем за навигација, а за поврзување на интернет се потребни уште 500 евра. Напролет следува и родстерот.

Напишано од Дарко Јаконов

Објавува текстови за автомобилизам од 1994 година, дел од оригиналната постава на магазинот Ауто Плус на Томислав Биљарац, главен уредник на првото лиценцирано издание на Ауто Билд Македонија, член на жирито за избор на европски автомобил на годината Ауто 1 на групацијата магазини Ауто Билд, во 2013 година ја основа Аутомедиа.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Confederate Hellcat Speedster X132: Мотоцикл за холивудските ѕвезди

Mercedes ќе ја проширува фабриката во Алабама