Францускиот претседател Емануел Макрон најави дека Стелантис ќе вложи преку една милијарда евра во својата фабрика во Милус, на истокот на Франција, за оттаму во 2029 година да почне да излегува нова генерација електрични автомобили.
Тоа претставува една од најголемите единечни вложувања во изминатите години во производство на електрични возила во фабрика во Франција. Рено во почетокот на 2020-те години вложи 550 милиони евра, за својата фабрика во Дуе да ја префрли на производство на електрични автомобили.
Макрон ја најави инвестицијата
„На фабриката во Милуз ѝ даваме вистинска индустриска иднина“, иозјави Макрон во Париз. Претседателот лично се вози во ДС Но8, најпретставителниот модел од една од марките на Стелантис.
Макрон и Стелантис не наведоа кои модели ќе се произведуваат во Милуз. Производителот на автомобили, за време на денот за инвеститори во минатата недела, сепак најави нова платформа што се води под името СТЛА Уан. Таа платформа ќе ја користат модели од градската, компакт и средната класа. Прво возило врз оваа платформа ќе биде новата генерација на Пежо 208.
Во Милуз во моментов се произведуваат комбилимузинската и комби изведбата од Пежо 308, како и фастбек-моделот Пежо 408. Двете моделски серии излегуваат од фабриката и во изведбата со мотори со внатрешно согорување и како целосно електрични автомобили. Производството на СУВ-компактот ДС 7 во Милуз ќе престане, со преоѓањето во новата генерација на моделот, што ќе носи ознака Но. 7 и ќе се произведува во Мелфи, Италија.
Моделите што во моментов се произведуваат во Милуз се базираат врз платформата ЕМП2, што е развиена од групацијата ПСА. Пежо планира најдоцна во 2030 година да ја пушти моделската серија 308 во двете каросериски изведби, во нова генерација, којашто исто така ќе се базира врз платформата СТЛА Уан. Моделот 308 стартуваше со продажба во 2022 година.
Франција со јасна насока во електромобилноста
Макрон ја објави инвестицијата за време на претставувањето на новиот пакет мерки за засилено користење електрична енергија, вклучувајќи ги автомобилите, индустријата, транспортот и објектите.
Од мерките што се однесуваат на мобилноста, беше спомната успешната програма за т.н. социјален лизинг, којашто на домаќинствата со пониски примања им овозможува да изнајмуваат електричен автомобил за помалку од 100 евра месечно.
Откако оваа програма стартуваше во 2024 година, се продаваат по околу 50.000 електрични автомобили секоја година.
Владата на Макрон јасно се залага за поттикнување на електричните возила. Тој уште за време на ковид-пандемијата во 2020 година, најави пакет за поддршка во висина од осум милијарди евра, наменет за помош на француската автомобилска индустрија. Тоа беше еден од најширокоградите потези за потпомагање на купувањето електрични автомобили во европски рамки. Француската држава учествуваше и во поставување станици за полнење во региони во коишто немаше соодветна инфраструктура.
Стелантис уште нема објавено соопштение
Стелантис уште ја нема пренесено најавата на Макрон во соопштение. Оттаму единствено беше потврдено за дневниот весник Ла Монд, дека се работи на иднината на фабриката.
Концернот во минатата недела соопшти дека ќе вложи 60 милијарди евра во новата стратегија наречена Фастлејн. Од нив, 24 милијарди евра се наменети за платформи и за нови технологии.
Тест ·Пежо 3008 1.2 ГТ · Некои автомобили мора да бидат лавови
















