Киа Спортаж ја задржува големината на своето име на македонската автомобилска сцена, како најпродаван модел воопшто во низа години. Под новите притисоци, главно од кинеските производители, македонската Киа повторно има одговор. Спортаж стартува од 28.800 евра, со електрично отворање на вратата на багажникот, камера што го предупредува возачот при невнимавање и со класичен мануелен менувач што значително ја спушта цената.
Македонската Киа веќе започна со продажба на својот бестселер во новата моделска 2027 година и првите примероци веќе се изложени во салон. Промените се видливи и однадвор, иако пак е потребно познавачко око за да ги забележи промените. Спортаж во нивото на опременост Лајт, коешто е ново почетно ниво за компактниот СУВ на македонскиот пазар, доаѓа со тркала од 17 инчи, со нов дизајн сличен со ЕВ-серијата модели.
Оваа димензија на тркала ја делат и новото почетно ниво Лајт и досегашното почетно ниво Концепт, коешто во моделската 2027 година е преименувано во Експериенс. Претходно, Концепт доаѓаше со 18-ки. Разликата во изгледот одвај се забележува, посебно што и новиот дизајн на тркалата внесува свежина. Гледано општо, тоа ќе донесе придобивки и во комфорот, и во потрошувачката, а секако и во цената при купување на следниот комплет гуми.
Како што напомена генералниот директор на Премиум Брендс, Владимир Билбилов, со зафатите во новата моделска година, во одредени позиции е намалено, но во одредени позиции е додадено. Второво важи за електричното отворање на вратата на багажникот, коешто сега е стандард и во двете почетни нивоа на опременост Лајт и Експериенс.
Уште една промена што значи многу во поглед на безбедноста, е тоа што стандардно во целата гама се вградува камера, поставена на управувачкиот столб, веднаш зад воланот, што звучно го предупредува возачот, кога подолго време ќе го тргне погледот настрана. Тоа е дел од пакетот системи за безбедност, што ЕУ го бара како стандард во секое возило од летово, а македонската Киа, како дистрибутер што е директно под европската централа во Франкфурт, веднаш го реализира во својата понуда.
Киа Спортаж е познато и докажано име на домашната, а секако и на европската сцена, како еден од најпродаваните компактни СУВ на континентот, изградено преку противвредноста, гаранциите, безбедноста, но и грижливото одржување на имиџот на марката.

Останува предноста на Киа Спортаж во системите за асистенција и во поврзувањето со телефон
Тоа што дополнително ја двои Киа Спортаж пред „новата конкуренција“, главно е во беспрекорната работа на системите за асистенција и интуитивното ракување, кога возачот не мора да посегнува по пет команди за да го вклучи радарскиот темпомат, што во иста мерка, придонесува и за комфорот и за безбедноста.
Следната предност, покрај возните квалитети што се неоспорни, е во поврзувањето со телефон и во користењето онлајн услуги. Киа веќе половина деценија го нагласува напредокот што го има постигнато во дигитализацијата, вклучувајќи и домашни функции на апликацијата Киа Конект.
Мануелниот менувач „одзема“ 2.000 евра од цената
Опременоста останува како една од доблестите на ова моделско име. Киа Спортаж Лајт со цена од 28.800 евра со мануелен и 30.800 евра со автоматски менувач со двојна спојка, доаѓа со предни, задни сензори и камера, двозонски автоматски клима уред, средишен дисплеј од 12,3 инчи, навигација, електрична паркирна сопирачка, автоматско долго светло и сензор за дожд, грејачи во предни седишта, ретровизори со електрично собирање, дополнително затемнети задни стакла, кровни шини и цел арсенал од системи за асистенција, вклучувајќи следење лента и предупредување при пешак или велосипедист на пат.
Во новото ниво Експериенс – со цена од 30.800 евра со мануелен менувач, 32.800 евра со ДЦТ7 и 34.800 евра со 180 КС и погон на сите тркала – за „доживување“ на Спортаж, претходно Концепт, тоа што следи дополнително над Лајт се возачки дисплеј и средишен дисплеј под заедничко стакло, грејачи во задните седишта и на волан, автоматско отворање багажник и предни магленки.
Референс е третото ниво, со цена од 36.800 евра со 150 КС и преден погон, односно 38.800 евра со 180 КС и погон на сите тркала, каде што дополнително следат аудио систем Харман Кардон со активен сабвуфер, безжичен полнач, амбиентално светло во кабина, но и кожени седишта, со вентилација и електрика за возачкото седиште, задни диодни светла и тркала од 18 инчи,
Киа ПВ5 · Тест · Електричниот погон е друг свет кај доставните возила
Врвот вообичаено му припаѓа на ГТ-Лајн, со 180 КС, погон на сите тркала, со цена од 43.400 евра, со полу-автопилот, камери во 360 степени, проекциски дисплеј, тркала од 19 инчи и стаклен покрив.
Кон средината на јули се очекува во салонот да пристигне новaта ЕВ2, основниот електричен модел на Киа, со цена под 30.000 евра, за којшто клиентите покажаа голема заинтересираност уште пред неговата официјална премиера. ЕВ2 се произведува во Словачка, во истата фабрика од којашто доаѓа Спортаж, а порано и Сид.
















