Ферари Луче: Тука не е туѓ само електричниот погон, туку и изгледот

Ферари реши да се појави на сцената на електричните автомобили со Луче. Тој е силен 1.050 коњи и ги исполнува стандардите на марката. Но, изгледот тргна по друг пат.

Критиките за Луче, електричниот автомобил на Ферари, досегаат од споредба со правосмукалка до гумени кломпи. Околу техниката никој не спори.

Ферари обично последен ги прифаќа автомобилските трендови. Италијанците долго време се опираа да направат СУВ, и покрај големата добивка што тие ја ветуваат. Но, пак се случи Пуросанг. Исто беше со хибридниот погон, што купувачите сепак го прифатија. Сега следи првиот целосно електричен Ферари. Тој се вика Луче, што на италијански значи светлина. Луче не е отстапка и исто како кај сите модели, компонентите се изработени дома. Од електромоторите, до батеријата, секој дел е произведен или составен во Маранело.

Луче донесува крупни промени, не само поради погонот. Тој се протега на раскошни 5,03 метри и со тоа ги надминува сите модели на куќата. Ширината е малку под два метри, а висината изнесува 1,54 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,96 метри е малку под Пуросанг.

На која категорија ѝ припаѓа Луче?

Формата балансира меѓу лимузина и купе-комби, односно шутинг брејк, да звучи попретставително. Дизајнот е дело на Сер Џони Ајв и Марк Њусон од Креативколектив Лав Фром. Тоа значи дека дизајнот не потекнува од Италија, туку од Калифорнија. Секако дека главниот дизајнер на Ферари, Флавио Манцони, и таму вршеше надзор над дизајнот. Од тоа произлезе Ферари, што целосно отстапува од тоа што светот досега го има видено од Италијанците.

Каросеријата има исклучително аеродинамична форма и располага со понизок отпор на воздух од кој било друг модел на Ферари досега. Сите површини на каросеријата со четири врати се мазни, со меки преоди, со цел да се овозможи воздухот мазно да лизга околу каросеријата. Предните и задните светла се под панели и втопени се во основната форма на возилото. Кога не се вклучени, светлата одвај се забележуваат. Се користат активни насочувачи на воздухот. Задните врати се отвораат наназад.

Внатрешноста нуди невообичаена просторност за модел на Ферари, затоа што отсуствува масивниот средишен тунел. Може да се избира меѓу кабина со пет или четири седишта. Кокпитот се сведува на трикрак волан и неколку команди. Меѓу нив секако не смее да отсусвува Манетино.

Дисплеите пред возачот и во средишната конзола личат како Ајфон, но се производ на Самсунг. Горила Глас штити од гребаници, а алуминиумот и кожата создаваат благородно чувство. Маранело уште претходно прикажа бројни детали од внатрешноста. Патниците на задната клупа исто така имаат свои дисплеи. Сите седишта се местат електрично, со греење за предните, и со доплата за масажа.

Во отсуство на бесен мотор, за звукот во кабината се грижи аудио систем од 3.000 вати со 21 звучници. Тие сепак имаат задача да произведуваат и вештачки звук на мотор.

Погон со четири електромотори

Ферари разви целосно нова и самостојна платформа за Луче. На местото каде што инаку работат шест- или осумцилиндарски мотори со турбонатполнење, па дури и атмосферски В12-мотор, тука презема 800-волтна технологија. Италијанците вградуваат четири електромотори во Луче, по едно на секое тркало. Сé заедно доаѓа до системска моќност од 772 киловати, односно 1.050 КС. Максималниот вртежен момент изнесува 990 њутнметри. Предните е-мотори заедно испорачуваат 210 киловати и 280 њутнметри, задните владејат со 620 киловати и 710 њутнметри. Тоа се вредности што прилегаат за Ферари.

Енергијата за погонот доаѓа од батерија со големина од 122 кВч бруто. Таа е составен дел од каросеријата, во подот и под задните седишта, и овозможува досег до 530 километри. Тоа не е сензационална вредност, но и бензинските Ферари возат толку.

За полнењето може да се смета на моќност до 350 киловати. Тоа значи дека за 20 минути ќе се наполнат околу 70 киловатчасови. На обичен полнач се добиваат 22 кВ. Батериските ќелии потекнуваат од корејскиот специјалист за батерии СК.

И покрај тежината од 2.260 килограми, што сепак е само 230 килорами повеќе од Пуросанг, Луче со погонот на сите тркала спринтува до темпо сто за 2,5 секунди. По 6,8 секунди се постигнуваат 200 километри на час. Кој очекува дека Ферари ќе ја ограничи крајната брзина, за да се сочува енергијата во батеријата, греши. Луче може да постигне 310 километри на час. И во овој поглед, Луче е Ферари.

Кога не се бара целосната моќност, таа може да се спушти на 320 или 460 киловати. Во тој случај и крајната брзина се намалува на 260 километри на час.

Подвозјето користи делови што се изработени од шупливи одливки, екструдирани профили и алуминиум, додека за каросеријата се користат екструдиурани профили и алуминиумска ламарина. Се користат активни амортизери, односно каросеријата се спушта за 10 милиметри при повисока брзина. Задната оска исто така е управувана.

Централен компјутер раководи со тракцијата, рекуперацијата, аголот на вртење, амортизацијата и распределбата на вртежниот момент до секое тркало. Акустичниот модул ја дополнува звучната кулиса со шумовите што се произведуваат околу оските и е-моторите. Преку е-Манетино може да се избира меѓу пет различни нагодувања на возната динамика. Програмата Торк Шифт Емгејџмент прогресивно ги зголемува испораката на вртежен момент и на моторното сопирање, за патниците поостро да ги почувствуваат промените во возната динамика.

Звукот го произведува надворешен систем што пушта природни звуци, но и внатрешен систем што нуди појасен и поквалитетен звук. Маранело ветува дека Луче звучи како Ферари.

Предната оска располага со тркала со пречник од 23 инчи, со гуми 265/35. Задните тркала се за еден инч поголеми, со гуми 315/30. Зад нив се наоѓаат карбон-керамички дискови со големина на пица, со пречник 39 сантиметри напред и 37 сантиметри назад. Врз предната оска паѓаат 47 проценти, врз задната 53 проценти од тежината.

Како секој електричен автомомобил, и Ферари нуди можност за батеријата и кабината да се донесат на работна, односно пријатна температура за престој, пред поаѓањето. Развиена е и мобилна апликација за тоа. Багажникот е солиден со 597 литри.

Ферари уште не ги објавува цените за Луче. Но, на купувачите на Ферари, тоа им е од сопоредна важност. Се шпекулира со 500.000 евра. Како и кај секој друг нов Ферари, следи седумгодишно бесплатно сервисирање. Маранело го лакира Луче во бои Аѕуро ла Плата, Џиало Луче, Росо Дино, Бјанко Артико и Росо Фјаманте.

Претходна објаваНовото „патче“ ќе вози како електрично мини со ретро изглед
Следна објаваКиа Спортаж во моделска 2027-ма со повеќе опрема и пониска цена

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here