Ситроен во 1948 година донесе на свет автомобил, што во Франција прерасна во симбол за мобилноста за секого. Точно за 80-годишнината, Французите ја враќаат оваа ознака, секако со електричен погон.
Стелантис за време на Денот за инвеститори објави најавна слика од новата интерпретација на „Патчето“ и воедно најави цело семејство електрични автомобили со ниска цена за Европа. Новото издание на 2ЦВ ќе биде носечки модел во оваа стратегија.
Основната изведба ќе чини под 15.000 евра
Настанот побуди одушевеност за време на конференцијата за инвеститори на Стелантис. Кога шефот на марката Ситроен, Хавиер Шардон, го изговори името 2ЦВ, аналитичарите и инвеститорите се јавија со бурно ракоплескање.
Шардон кажа дека тоа е икона што повторно ќе ја приближи марката до купувачите. Ситроен го позиционира новиот 2ЦВ како достапен електричен автомобил за европскиот пазар. Цената на основниот модел ќе биде под 15.000 евра.
Прикажаната најавна слика, којашто поттикна масовна изработка на рендери врз нејзина основа, откри неколку детали околу изгледот. Силуетата јасно потсетува на историскиот модел, со висок покрив, нагласени крила и опаш што се стеснува и завршува со речиси права линија.
Во регионов често се користи името Спачек за 2ЦВ, иако тоа се однесува само за моделот што се произведуваше во Словенија. На повеќе пазари, 2ЦВ го доби прекарот Патче, па така и словенскиот 2ЦВ стана Пачек. За да се напомене дека тоа е модел произведен во тогашен Цимос, во Копер, тие ја додадоа буквата С, за словенско.
Од историскиот модел потекнуваат и издвоените предни светла, како и заоблената хауба. Ситроен напомена дека не се работи за ретро-копија. Повеќе се внимава да се обезбеди колку е можно повеќе простор, да се понуди едноставна техника, но и ниски трошоци за одржување.
Новиот 2ЦВ ќе се позиционира под Ц3 во тековната понуда од модели на Ситроен. Се претпоставува дека должината ќе биде меѓу 3,5 и 3,7 метри. Со тоа, ретро-моделот ќе биде поблиску до идното Рено Твинго и до јапонските мини автомобили, отколку до класичен модел од градската класа. Благодание на високиот покрив ќе се постигне подобра искористеност на кабината.
Нова платформа Е-Кар за целиот концерн
Техниката за новото издание на 2ЦВ ќе ја понуди новата програма на Стелантис за таканаречени Е-Карс. Тоа ќе биде нова категорија електрични возила со мошне ниска цена, но услов е тие да се произведени во Европа. ЕУ планира да воведе нова подкатегорија малечки електрични автомобили, што ќе се водат како М1Е. Ќе се поддржува производството на малечки, лесни и евтини електрични автомобили. Се спомнува должина меѓу 3,5 и 4,2 метри, но и поедноставни технички стандарди, со цел да се постигне пониска цедна.
Новиот 2ЦВ веројатно ќе биде еден од првите сериски модели, што се скроени точно за новата класа возила. Стелантис најави дека производството ќе започне во 2028 година, во фабриката во Помиљано д’Арко во близина на Неапол.
Во фабриката во моментов се произведува Фиат Панда. Концернот планира и други модели врз истата платформа, вклучувајќи и соодветен модел од Фиат.

Едноставна електрична техника
Возилото веројатно ќе користи подостапна батериска хемија литиум железо фосфат, што веќе се користи масовно. Тие не содржат скап никел или кобалт, поиздрживи се, но се малку поголеми. За градски автомобил со умерен досег, тоа е сосем доволно. Стелантис веќе работи на вакви батерии со кинескиот КАТЛ и во моментов гради заедничка фабрика за батерии во Сарагоса, Шпанија.
Ситроен не наведува детали околу техниката. За батеријата може да се очекува големина меѓу 25 и 35 кВч, што значи досег меѓу 200 и 300 километри. Во град, досегот ќе биде уште подолг.
ЕУ уште решава околу моќноста во М1Е. Се разговара за два степени на моќност: Едниот со 40 до 50 КС за град, другиот со 60 до 90 КС, за патување.
Главниот дизајнер Пјер Леклерк уште кон завршетокот на 2025 година најави дека Ситроен забрзано работи на ново издание на 2ЦВ. Тој напомена дека новиот модел нема да биде само копија на изгледот, туку се внимава на практичноста и функционалноста.
Првото концептно возило може да се очекува на салонот во Париз во октомври годинава.
















