БМВ и М Кар остварија достоен пречек на важниот модел и-Икс-3, како првороденче од новата генерација, што се води како Ное Класе, и претставува најверодостоен пример за актуелниот стадиум на развој на автомобилите, а тоа се софтверски дефинирани возила.
Ное Класе веќе еднаш беше „новата класа“ на БМВ, кога во почетокот на 1960-те години, минхенскиот производител ја започна новата револуционерна серија модели, од коишто најзапеметени се 1600-2, како зачетник на серијата 02, а денешна Серија 3, или 2000 Ц, како основоположник на високата класа гран-туризмо модели, односно денешна Серија 8.
Новата Ное Класе доаѓа со нов дизајн, со ново осмислување на кокпитот и на ракувањето, со непосредно поврзување со секакви онлајн-услуги, напредни системи за асистенција, заради безбедност и заради комфор, а сето тоа се темели токму на СДВ-пристапот, односно на конципирањето како софтверски дефинирано возило.
СДВ не значи дека уживањето во возење ќе отсуствува кај новите БМВ, туку може да се прифати како унапредување на тоа што веќе ја има изградено марката, како премиум, динамична, германска марка. Разликата што ја воведува СДВ е во тоа, што место стотици „компјутерчиња“ со бавна техника, што е тешко да се договорат меѓу себе, тука работат 4 суперкомпјутери, брзи, моќни и посигурни.
Таа промена помага за системите за асистенција, вклучувајќи го системот за автоматско возење, да работат понадежно, помага и да се добие ново искуство во возачкото секодневие, вклучувајќи ги патниците.
БМВ и-Икс-3 е целосно електричен модел, што на пазарот ќе си наоѓа простор паралелно со новата Икс-3, којашто останува со мотори со внатрешно согорување, значи со бензинци, дизели, хибриди.
Новиот БМВ Икс 3 со дизел мотор на тестот во Аутомедиа
БМВ Икс 3 · Тест · Погонот лична карта, возните својства пасош
Како што напоменаа менаџерите на М Кар на свечениот почеток на продажбата на клучниот модел, БМВ отсекогаш се залагале, на клиентите да им се препушти самите да го изберат видот на погон, место со строги политики да им се одредува што да возат.
Настанот мина во одлична организација и во пријатната средина на Вила Ина на Водно, со присуство на личности од јавниот живот, новинари, инфлуенсери. Во секој случај, настан што ќе остане забележан и запаметен, впрочем тоа беше и целта на оваа организација.
View this post on Instagram
Електричниот и-Икс-3 веќе ги има освоено најважните светски титули во изборите за автомобил на годината и тоа е придружено со соодветен одговор од пазарот.
„Новиот БМВ и-Икс-3 не е само нов модел, туку симбол на трансформацијата на БМВ кон иднината. Тој ја претставува Ное Класе – нова БМВ платформа која комбинира врвна електрична технологија, сосема ново ниво на дигитализација и препознатлива БМВ динамика при возење. Ное Класе ќе биде основа за повеќе од 40 нови модели и технолошки унапредувања до 2027 година, означувајќи ја најголемата технолошка трансформација во историјата на брендот. Но без разлика на промените, едно нешто останува исто: БМВ секогаш ќе биде синоним за „задоволство при возењето“, изјави Билјана Колемишевска, одговорна за маркетинг комуникации и ПР во компанијата М Кар.
Погонот е апсолутниот врв што браншата го нуди во моментов: 800-волтна погонска техника, заедно со нова генерација батерии, со поголема ефикасност, подобри перформанси и побрзо полнење. Во најдобриот случај, досегот изнесува 805 километри, а со можноста за полнење со моќност од 400 киловати, за само 10 минути може да обезбеди досег до 372 километри.
БМВ и-Икс-3 носи и целосно нов визуелен идентитет, со прочистен и минималистички дизајн, нагласени површини и монолитен изглед кој ја истакнува неговата технолошка природа. Вертикалната БМВ бубрежна решетка, новата светлосна графика и модерните пропорции создаваат впечатлива комбинација на елеганција, динамика и препознатлив БМВ карактер, додека во внатрешноста БМВ воведува ново ниво на интеракција преку БМВ Панорамик ај-Драјв и БМВ Оперативен систем 10, овозможувајќи поинтуитивно користење, персонализација и поставување на информациите директно во природната линија на видик на возачот.
Една од најзначајните технолошки новини кај БМВ и-Икс-3 е новата електронска архитектура базирана на четири високо-перформансни компјутери – „супермозоци“. Наместо голем број поединечни контролни единици, овие четири централни компјутери управуваат со возењето, инфозабавата, системите за асистенција и клучните функции на возилото, со што БМВ и-Икс-3 станува возило базирано на централизирана софтверска архитектура и приближно 20 пати поголема компјутерска моќ во споредба со претходните генерации.
Дополнително, БМВ го воведува и новиот систем Харт оф Џој, централен компјутер за возна динамика, кој компанијата го опишува како „централен нервен систем“ на возењето и кој ги обединува клучните функции во еден централен „мозок“, овозможувајќи побрзи реакции, подобра координација меѓу системите, попрецизно управување, поефикасна регенерација и помазно чувство при возење. Развиен специјално за електрични возила, Харт оф Џој работи до 10 пати побрзо од претходните решенија и претставува една од најголемите технолошки промени што БМВ ги воведува во последните две децении.
Покрај технолошките иновации, БМВ и-Икс-3 поставува и нови стандарди во одржливоста. Производството е насочено кон циркуларна економија, намалување на CO₂ емисиите и зголемена употреба на секундарни и рециклирани материјали, додека фабриката во Дебрецин ќе функционира без употреба на фосилни горива во нормални услови на работа.
Новиот БМВ и-Икс-3 50 иксДрајв стартува на македонскиот пазар од 79.860 евра. Понатаму ќе бидат воведени изведби и-Икс-3 40 сДрајв, со погон само назад, со послаб погон и помала батерија, и соодветно пониска цена, негова изведба со погон на сите тркала, и секако, и-Икс-3 М, односно М60 иксДрајв, како врв на гамата.
Ограноци на глобално присутни компании преоѓаат не електричен погон
Тоа што остави посебен впечаток во разговорите со менаџерите на М Кар за време на настанот, беше вклучувањето на електричните возила на БМВ во возниот парк на македонското претсавништво на светски познатата козметичка куќа Ла Рош. Заложбата за животната средина на корпоративно ниво во Ла Рош, се пренесува и на нашата сцена. Постојат и други компании што покажуваат заинтересираност за вклучување на електричните возила.
Струјата засега минува пристојно меѓу такси-компаниите, хотелите и шатл-превозниците, затоа што таму нема двоумење дали електричниот погон е подобриот избор во поглед на оперативните трошоци, но БМВ цели во сосем друг сегмент, во управниот сектор.
Тоа кажува дека електричниот погон веќе го има надминато почетниот стадиум на прифатеност на домашната сцена. Додека порано беше неизвесно како домашниот пазар ќе одговори на новиот и реален погон, сега веќе е сосем извесно дека електричните автомобили доаѓаат на сигурен терен.















