БМВ тврди дека и-Икс-3 со четири супермозоци и 800 километри досег е прв вистински софтверски автомобил

БМВ тврди дека нивниот прв модел од Ное Класе, и-Икс-3, е „вистинско“ софтверско возило, автомобил каде што софтверот е главен.

БМВ и-Икс-3 располага со 800-волтна електрична платформа што дозволува полнење со моќност до 400 киловати. Тоа значи дека за 10 минути се полни енергија за 372 километри.

Баварскиот производител го прикажа својот целосно електричен СУВ од средната класа, којшто му се придружува на БМВ Икс 3 со класични и хибридни погони. Првиот модел од Ное Класе постигнува досег до 800 километри и ја имаше својата претпремиера на 5-ти септември, пред дебито на салонот ИАА во Минхен, што отвора на 8-ми септември.

„Ное Класе е нашиот најголем проект што е ориентиран кон иднината и одбележува огромен скок напред во поглед на технологијата, чувството при возење и дизајнот,“ порача извршниот директор на групацијата БМВ, Оливер Ципсе. „Буквално сé во него е ново, но тој пак е повеќе БМВ од кога било досега.“

Ципсе вели дека и-Икс-3 започнува „нова ера за БМВ“, затоа што „постигнува совршена рамнотежа меѓу хардверот и софтверот.“

БМВ и-Икс-3 поседува три компјутери со високи перформанси

Баварците мошне самоуверено напоменуваат дека нивниот целосно електричен СУВ од средната класа им е прв автомобил што е предодреден од софтвер, затоа што поседува четири „супермозоци“.

Квартетот од компјутери со високи перформанси ја користи својата процесорска моќ за динамиката во возењето, за автопилотираното возење, за инфо-забавата и за основните функции што се во насока на комфорот.

Процесорската моќ на супермозокот што е задолжен за автопилотирано возење е 20-пати поголема во споредба со досегашиот и-Икс-3. Како резултат од тоа, БМВ вели дека возачите на новиот и-Икс-3 „можат на подолго време да ги тргнат рацете од воланот“.

Иако БМВ тврди дека и-Икс-3 е способен за автономно возење од Ниво 3, тоа нема да биде достапно при почетокот на продажбата, главно поради тоа што возењето без раце на воланот и со поглед тргнат од патот не е дозволено во најголемиот дел од светот.

Во таа смисла, новата софтверска архитектура на и-Икс-3 може да се обновува постојано преку симнување од податочен облак, со нови функции, вклучувајќи и вештачка интелигенција.

Една од болните точки на новите автомобили беше времетраењето што е потребно за софверот да се обнови од податочен облак. Во некои случаи, тоа може да потрае со часови. БМВ вели дека тоа нема да биде проблем кај и-Икс-3, ветувајќи дека и најобемните обновувања на софтверот на возилото нема да траат подолго од 20 минути.

БМВ тврди дека супермозокот за возната динамика, што е задолжен за погонот, сопирачките, повратокот на енергија при сопирање и за потфункциите на управувањето, ги обработува податоците 10-пати побрзо од обичните контролни единици.

Тоа што моделите базирани врз Ное Класе ја поседуваат новата електронска и софтверска архитектура на БМВ, овозможува моделите како и-Икс-3 да псоедуваат нови функции на конективност.

На пример, саканото одредиште се испраќа до навигацијата во вистинско време, потоа брзината на полнење може да се следи преку телефонот, и корисниците можат да одредат време во коешто ќе се вклучи полнењето, за да се искористи поевтина тарифа.

Што е софтверски дефинирано возило, СДВ? Зависи кого прашуваш

Софтверски дефинираните возила поседуваат електронска мрежа што овозможува промени и обновувања во целиот век на возилото, главно преку податочен облак, ОТА. На тој начин може да се вчитаат нови апликации, за подобрување на функциите на возилото.

БМВ не е единствен што своите возила ги толкува како СДВ. Волво исто така тврди дека нивните целосно електрични Е Икс 90 и Е С 90 спаѓаат во таа категорија.

Сепак, не постојат критериуми што важат во цел свет, за некое возило да се води како СДВ. Педро Пачеко, потпретседател за истражување на Гартнер, вели дека тој поим е повеќезначен. Тој е одушевен од и-Икс-3 што се базира врз Ное Класе, но вели дека за БМВ, „тоа беше чекор што тие мораше да го направат.“

БМВ беше 14-ти меѓу 24 производители на автомобили што ги оценуваше Гартнер во текот на јули 2025. Нивните специјалисти оценуваа колку секој производител презема чекори за во иднина да стане дигитален производител на автомобили, дополнително ставајќи нагласок на тоа колку одредена компанија е способна да наплати за својот софтвер.

Тесла беше прва во одредувањето на индексот на дигитални производители на автомобили според Гартнер, пред кинеските Нио и Шаоми.

Производството на и-Икс-3 ќе почне прво во Европа, потоа следи Кина

БМВ во текот на есента ќе започне со производството на и-Икс-3 во својата фабрика во Дебрецин, Унгарија. Првата варијанта е и-Икс-3 50 иксДрајв, со потрошувачка на енергија од само 15,1 кВч на сто километри и досег до 805 километри.

Потоа следат останатите варијанти, вклучувајќи и подостапен модел.

Испораката за европскиот пазар ќе започне напролет во 2026, за во текот на летото да следат САД. Во тој момент, БМВ ќе почне да испорачува и примероци од и-Икс-3 што ќе бидат проиведени во фабриката во Шенјанг, Кина.

Цената за првата достапна моделска изведба во Европа, за и-Икс-3 50 икс Драјв, изнесува 68.900 евра во Германија. В година следи подостапна изведба на и-Икс-3 со цена од околу 60.000 евра.

Исправениот нос на БМВ и-Икс-3 поседува широки отвори за воздух и црна долна половина, што производителот цени дека ја нагласува спортската нота на возилото. Место хромирани лајсни, улогата ја преземаат светлечка лента по цела ширина

Главните обележја на БМВ и-Икс-3

  • Коефициентот на отпор на воздух на и-Икс-3 изнесува 0,24
  • Батеријата е со корисен капацитет од 108,7 киловати, што е прва примена на цилиндрични ќелии, со енергетска густина поголема за 20% и со полнење што трае 30% покусо
  • Багажник од 520 to 1.750 литри, плус 58 литри под хаубата
  • Димензии: Должина 4782 мм, ширина 1895 мм и висина 1635 мм
  • Потрошувачка од 15,1 до 17,9 кВч/100 км
  • Брзо полнење: и-Икс-3 може за 10 минути да наполни енергија за 372 км, при користење полнач од 400 кВ
  • Првата генерација на БМВ и-Икс-3 имаше премиера на салонот во Пекинг во 2018 година, како концептен автомобил. Производството започна во 2020 година во Шенјанг, Кина, од каде што се снабдуваше целиот светски пазар.
  • Испорака: Во Европа напролет во 2026, во САД налето, во Кина во летото 2026 ќе почне да се испорачува моделот од тамошно производство
  • Прв модел на БМВ од фабриката во Дебрецин, Унгарија
  • Моќност 345 кВ, односно 470 КС и вртежен момент 645 Нм
  • Највисока брзина 210 км/ч
  • Погонот на сите тркала е стандарен во моделот со којшто почнува продажбата на и-Икс-3.
  • Спринтот од место до темпо сто трае 4,9 секунди.

Тестот на БМВ Икс 3 во Аутомедиа

БМВ Икс 3 · Тест · Погонот лична карта, возните својства пасош

Претходна објаваМерцедес ГЛЦ по салонот ИАА ќе почне да вози на струја, само како дополнителна изведба
Следна објаваТрамп ги спушти царините за јапонските автомобили

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here