Мерцедес ГЛЦ по салонот ИАА ќе почне да вози на струја, само како дополнителна изведба

Мерцедес ветува чувство како дома во кабината на електричната изведба на ГЛЦ, којашто ќе се нуди покрај моделот со вообичаените погони.

  • Нов дисплеј по цела ширина со заднинско осветлување и зонско затемнување.
  • Унапреден дизајн на внатрешноста со дигитализација што освојува
  • Позадини за екранот со нов стил и висока резолуција

Мерцедес „ГЛЦ со Технологија Е Ку“ ќе ја започне новата ера за швабската марка, кога ќе се појави за својата светска премиера на салонот ИАА Мобилност во Минхен, на 7-ми септември. Тоа е прв сериски автомобил кај којшто Мерцедес-Бенц го применува новото дизајнерско поглавје.

Во маската е најголемата промена, што веројатно ќе предизвика побуна кај традиционалистите, барем додека не се покаже дека Мерцедес-Бенц и овојпат е во право. Како што претходно соопшти Штутгарт, формата на маската се повикува на големите Мерцедеси од 1970-те и 1980-те години, како серијата В 116 и В 126 по неа.

Вообичаено за најавата за нови модели од Штутгарт, претставувањето на новиот ГЛЦ почнува со слики од внатрешноста.

При осмислувањето на внатрешноста е земена предвид неизбежноста на дигитализацијата, со тоа што „мерцедес“ ќе се докаже во разбирливото и природно ракување, и „на возачката и возачот, како и на патниците, ќе им понуди простор, што се чувствува личен, едноставен и вмрежен“, пишува Штутгарт во соопштението.

Пречник од 99,3 сантиметри на новиот Хајперскрин

Целото внимание го привлекува новиот МБУКС хајперскрин, којшто стана составен дел од кокпитот, место да изгледа како да е додаден отпосле. Новиот хајперскрин се протега буквално по целата ширина. Соодветно е сменета и графиката што се прикажува, за да се постигне чувство дека човек тука е добредојден. Мерцедес-Бенц досега нема вградено поголем дисплеј: 99,3 сантиметри или 39,1 инчи.

Мерцедес се фали и со бистината и резолуцијата, а посебно со иновативното матрично заднинско осветлување, што го создаваат преку 1.000 светлечки диоди. Преку лизгач може да се избира различна осветленост во два различни дела од дисплејот. Овој изум е патентиран.

Тоа што светот досега го познава како обична преграда во средишната конзола, Мерцедес-Бенц вели дека во ГЛЦ е „украсна скулптура“. Целиот тој преод од средишната конзола меѓу седиштата и арматурната табла е изведен како украсен елемент, што се нагласува дополнително со амбиентално осветлување. Тука се наоѓаат две прегради, вклучувајќи безжичен полнач за телефон, а веднаш потоа следат физичките копчиња.

Веќе добро извежбана рутина се отворите за воздух, што исто така се вредни да се наречат скулптура, изработени со галванизирање и опремени со заднинско осветлување. При секое ракување со климата, соодветно се менува и бојата на амбиенталното осветлување во овие отвори.

Мерцедес Г Класа со електричен погон во Мак Аутостар

Многу внимание е посветено и во позадината што се прикажува на големиот дисплеј. Може да се избира различна графика, по расположение. Голем дел од новините и доживувањето во електричниот ГЛЦ се дело на оперативниот систем МБ.ОС.

Според Мерцедес-Бенц, новиот електричен ГЛЦ го издигнува вообичаеното чувство на добредојде во нивните возила, коешто произлегува од комфорот, безбедноста и згриженоста.

По салонот ИАА ќе бидат познати и останатите поединости околу електричниот ГЛЦ што му се придружува на моделот со класични и хибридни погони.

Претходна објаваДонгфенг со 115 возила учествуваше на воената парада во Пекинг
Следна објаваБМВ тврди дека и-Икс-3 со четири супермозоци и 800 километри досег е прв вистински софтверски автомобил

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here