Рено 5 е сам во европскиот Топ 10 на најпродавани батериски електрични автомобили во првите два месеци од 2026, како модел од новиот бран ЕВ со достапна цена. Доаѓа конкуренцијата од Фолксваген, со Купра Равал, што Волфсбург ја одбра да биде прва од целиот квартет вакви модели од концернот.
Купра Равал е автомобил со димензии на градската класа, со очекувано динамична појава за шпанската марка, со спортски перформанси, соодветна цена, и сето тоа е вообичаено, единствено е различно тоа што вози на струја.
Со 4,05 метри, Равал е долга колку Ибица и Поло, меѓутоа во внатрешноста стои на располагање повеќе простор во споредба со нив, благодарение на тоа што електричниот погон со сите свои компоненти зафаќа помалку простор од обичен погон.
Уште една причина за просторноста е тоа што инженерите на Фау Ве ја приспособија платформата МЕБ за новиот квартет достапни електрични модели, префрлувајќи ја од заден на преден погон.

Равал со спортската појава укажува дека ЕВ-квартетот ќе нуди и повеќе отколку „само“ достапна цена
Бидејќи Купра гради имиџ на спортска и несекојдневна марка, Равал продолжува во таа насока со изгледот. На хаубата се забележуваат испакнувања како кај спортска машина, потоа широки отвори за воздух, па дури и т.н. водушни завеси во краевите на предниот браник, како што доликува на динамичен автомобил.
Светлата се во задолжителната триаглеста форма, а се нуди и опција за матрични диодни светла. Во тој случај, свети и логото на марката.
Отстрана се забележуваат вовлечени рачки во вратите и нагласени рабови по должината на карoсеријата, што се шират наназад и прават опашот да изгледа моќно. Одзади, целата појава се заокружува со светлечката лента по цела ширина. Линијата на покривот се издолжува со спојлерот што е поделен на половина, додека дифузорот долу во браникот, се „качува“ нагоре.
Купра најави дека ќе ја нуди Равал во четири нивоа на опременост, без оглед на моќноста на погонот: Равал, Динамик, Динамик Плус и ВЗ Екстрим.
Има и многу место за багаж и товар, што пак е заслуга на ЕВ-погонот што штеди простор. Бидејќи погонот на МЕБ+ е префрлен напред, багажникот е длабок и поделен по висина, а зафатнината му изнесува 441 литри.
Меѓуоскиното растојание е 2,60 метри, што е ниво на класичен модел од компакт класата и навестува соодветна проторност назад.
Бидејќи има простор да се „наградува“, како спортска марка, Купра нуди отмени опции за својот најмалечок ЕВ и посредува пријатна средина, како што е случај со амбиенталното осветлување, што зафаќа и во вратите.
Може да се доплати за електрични седишта со меморија, па дури и за неколку видови на самите седишта, со спортска, школкеста или Куп-изведба. Истото важи и за изборот на материјали, со платно, рециклиран полиестер, микрофибер или вештачка кожа.

Нов софтвер на база на Андроид
За ракувањето со функциите на инфо-забавните системи стои на распагање средишниот дисплеј од 12,9 инчи од Купра Борн, шпанската изведба на Фолскваген ИД.3. Новина е софтверот, којшто сега се базира на Андроид. Тоа значи и достапност до 130 апликации од трета страна, што може да се симнат во Равал. Сменета е графиката, има и нови функции. Возачот има пред себе екран од 1-,25 инчи и волан со физички копчиња.

Врвната изведба нуди досег до 450 километри
За погонот може да се избира меѓу две големини на батерија и четири степени на моќност. Во основниот модел со батерија ЛФП од 37 киловатчасови и електромотор со 116 или 135 КС, може да се смета на досег до 300 километри. На обичен полнач се постигнуваат 11 кВ, односно до 88 кВ на брз полнач. Батеријата НМЦ има капацитет од 52 кВч и нуди досег до 450 километри, во изведбата на Купра Равал со 211 КС. И полнењето тогаш е побрзо, со моќност до 105 киловати.
Најсилната изведба на Купра е Велоз, ВЗ, којашто има 226 КС и 290 њунтметри, и досегот е незначително скусен на 400 километри. Во ВЗ не се нудат само перформанси, туку и возни својства, а тоа значи примена на електронска блокада на диференцијал. Брзината е ограничена на 175 км/ч.
Моделот на Купра се разликува од идните Фолксваген ИД Поло и ИД Крос, како и од Шкода Епик, по подвозјето што е спуштено 15 милиметри и ширината на трагата што е зголемена за 10 милиметри. Серво управувањето се менува со брзината, а задната оска има диск сопирачки. Со системот за сопирање што се води како Уан-Бокс и ги соединува засилувачот на силата на сопирање и контролата на стабилноста, чувството при сопирање се подобрува.
Според германскиот вебсајт на Купра, најдостапната изведба на Равал на тамошниот пазар, чини 25.950 евра, не вклучувајќи ги субвенциите во земјата. Таа ќе биде достапна подоцна. Вообичаено, засега се нудат посилните и поскапи изведби: Динамик со 211 КС и голема батерија, за 37.250 евра, Динамик Плус за 41.604 евра и екстремната ВЗ со 226 КС и цена од 46.525 евра.
















