BAW 212 T01: По планински пат што ретко кој го знае – и никој не го вози

Најмалку требаше да биде изненадување тоа што од Кина доаѓа навистина способен теренски автомобил. Од земја со географски екстреми од секаков вид, од Монт Еверест, до Такла-Макан, и од производител што е специјализиран за теренци уште од 1950-те години, доаѓа овој 212 T01, со ознака како тенк.

Од кинеските производители досега ни доаѓаа на тест главно СУВ и лимузини, коишто убедуваа со тоа што го достигнуваат рамништето на традиционалните производители. Овојпат доаѓа вистинско теренско возило, што не изненади толку со високата способност за возење на терен, кога ќе се земе предвид од колкава земја доаѓа, туку повеќе изненади со комфорот, па и со штедливоста.

Теренските возила се ѕвезди на автомобилската сцена. Исто како што секој ентузијаст, помалку или повеќе понесен од тоа што се случува на оваа сцена, ги знае и ги цени спортските икони, како Ferrari или Lamborghini, благородничките транспортери од ковот на Aston Martin или Rolls-Royce, така ги почитува и вистинските теренски автомобили, како G-Class, Wrangler, Defender, Land Cruiser, и секако, Niva или Jimny. Во оваа дружина, едно име отсега не смее да отсуствува.

Тоа е BAW, производител од Кина, што постои уште од 1951 година и зад кратенката стои Beijing Auto Works. Надвор од Кина, малкумина имаат слушнато за ова име. Тоа зачудува уште повеќе, покрај фактот што се работи за вториот по старост производител на возила во земјата, секако по FAW – First Automotive Works со својата историска марка Hongqi, но и за производител што досега има произведено преку 2,5 милиони вистински теренски возила.

Теренецов нема име во вообичаената форма, туку се води под бројка, 212. Оваа бројка им значи многу на кинеските автомобилисти, па и на војската, затоа што ознаката е користена кај првиот теренец на BAW, од средината на 1950-те години. Оттогаш се создава реномето на овој производител, како специјалист за теренци.

По приватизацијата во 2020 година, менаџерите сеќаваат дека можат со ова име да продаваат добро и надвор од домашниот пазар и ја издвојуваат „212“ како засебна марка. Автомобилската компанија е дел од групацијата Shandong Weiqiao Pioneering, гигант во произодство на текстил и алуминиум, со приход од 41,9 милијарди долари во 2021 година и преку 100.000 вработени.

Јасно е дека станува збор за моќна компанија и за моќно име. Но, кога човек ќе се впушти на терен со вакво возило, секако дека не може да им верува на ветувањата, туку само на исполнувањата. Како теренец што е на рамниште на G-Class или Wrangler, првичната рута за проверка на способноста на 212 Т01 Diesel требаше да води преку Трибор, превој на висина од преку 1.400 метри, преку којшто од Тиквеш се доаѓа до прилепско Мариово, меѓутоа во времето на тестот тој беше одвај прооден, така што мораше да се друга рута.

„212“ е уште едно откритие на увозникот ABC Brother, што со успехот на Forthing T5 Evo засекогаш го смени гледањето на автомобилите од Кина

Изборот падна на еден историски пат, по кој уште во римско време се пренесувала стока и се патувало меѓу Прилеп и Велес, преку планината Бабуна. Како што запишале патеписците, карвани со векови минувале на север преку превојот висок 1.098 метри и правеле починка во Извор, каде што и денес постои ширина сретсело. Постојат научно потврдени аргументи, дека овој пат од Прилеп до Велес, преку Присад, бил крак од некогашната Виа Егнација. На бројни места угоре се открива кострукцијата на подлогата, што е останата од римско време и тоа му дава посебност на возењето на патов.

Овој теренец со ознака како воено возило, како тенк, 212 Т01, во лимузински манир нé превезе од Скопје до Велес. Со цврста носечка рамка и со завртки што ги спојуваат водилките на тркалата со рамката, димензионирани со фактор на безбедност за лифт, возењето по брзиот пат требаше да биде многу покруто и со многу поголема резерва за брзината, меѓутоа 212-кава изненади.

За неговите 2.235 килограми и висина од 1,94 метар, качен 23,5 сантиметри од земја, овој апсолутно прв вистински теренец од Кина, што е дојден на македонскиот пазар, требаше да се тетерави во свијоците и да создава несигурно чувство, безволно да прифаќа промена на правец и да бара крајна будност на возачот, ако опашот почне да влече настрана.

Место тоа, овој тенк се вози сосем автомобилски, како во поглед на комфорот, така и во безбедноста, односно во предвидливоста на возните својства. Комфорот дури станува и прва причина за човек да се реши за купување. Додека дизел моторот во град ќе се потслушне, на пат, одвај дека звукот на моторот двои во звучната кулиса.

BAW 212 е вистински теренец што не наплаќа екстра за имиџот

Тоа е современ дволитарски турбодизел со впрскување со заеднички вод под висок притисок, со 170 КС при 3.600/min и вртежен момент од 415 Nm при 1.500 вртежи. За вистински теренец, секако дека е важно моторот уште рано да ослободува висока вредност на вртежниот момент, во ситуации кога е од суштинска важност да се спречи пролизгување.

Тука одлично се надоврзува 8-степениот менувач од германскиот специјалист ZF. Дополнително стојат на располагање и 10 програми за возење, вклучувајќи и посебно приспособени програми за возење во кал и снег, песок или карпа, со соодветно модулирана реакција на моторот, на системите за стабилност и контрола на тракција, како и на распределбата на вртежниот момент меѓу двете оски, зависно од ситуацијата.

„212“ стандарно вози со погон на една оска, на задната оска, што е добро за штедливоста, исто како и за возните својства. Предната оска се вклучува и во возење до брзина од 70 km/h. Нормално дека теренецов располага и со теренска редукција, меѓу другото и за совладување нагорини до 100 проценти, а тоа значи 45 степени.

Со исклучок на десетина места по патот до Присад, што во не толку далечкото минато, уште бил користен често од патници намерници, качувањето од клучката пред Јасеново, до Присад, не е претежок предизвик. Тие десетина места сепак можело да се спречат, доколку патот се одржува со поголема почит за неговото значење.

Овој кинески теренец, остави впечаток и со леснотијата со којашто го минува теренот и со сигурноста што му ја влева на возачот. За авантуристи во зародиш, овој 212 Т01, претставува одличен избор на возило, коешто ќе ги уверува да влегуваат во сé повозбудливи авантури надвор од асфалтот. Со цената од 40.000 евра, BAW е неколкукратно под наградата што ја бараат традиционалните, или поточно, нам познатите специјалисти за теренски возила.

Како точно мина возењето до превојот Присад, молиме погледнете го видеото што е објавено на нашиот канал на јутјуб.

Дали требаше да биде изненадување тоа што овој 212 излезе одличен теренец?

Иако превично се пристапува со предрасуди, околу „кинескиот“ теренец, всушност е многу лесно да се разбере зошто токму од Кина доаѓа способен автомобил од ваков ков, и зошто тоа не требаше да биде изненадување. Почнувајќи од големината на земјата. Шест планини на територијата на Кина се повисоки од 8.000 метри, вклучувајќи ги Монт Еверест и К2. Друг пример може да биде втората најголема пустина со жив песок, што има површина колку цел Балкански Полуостров. Крајниот исток и запад ги делат преку 5.000 километри, исто како северот и југот. Нормално е дека во земјата има голема потреба од теренски возила, дури и не земајќи ја предвид бројноста на населението.

Тоа што најуверливо го покажа овој теренец со ознака како тенк, е фактот што се работи за возило произлезено од Кина и од потребата на земјата за таков теренец, а не за копија на Wrangler или G-Class. Изгледот, патем, со тркалезните светла и маската со долги отвори, се повикува на историскиот модел од 1950-те. Наскоро следи и продолжението за лускузот што го нуди овој 212 T01, како екстра.

Претходна објаваФранцузите владеат во сегментот на градските автомобили
Следна објаваКонцернот Фолксваген држи 53% од продажбата во компакт класата

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here