По СУВ-моделите од компакт и градската класа, третиот најголем дел од европскиот пазар до февруари годинава го застапуваат градските комбилимузини. Првите три места во продажбата им припаѓаат на француски марки.
Рено Клио, Пежо 208 и Ситроен Ц3. Тоа се трите најпродавани модели во сегментот на класичните комбилимузини од градската класа, односно од Б-сегментот. Трите француски марки владеат со класата. Нивната доминација е уште поубедлива, кога ќе се земе предвид дека во Топ 10, само три модели не се поврзуваат со концерните на коишто им припаѓаат Рено, Пежо и Ситроен.
Во Б-сегментот, во јануари и февруари, продадени се вкупно 272.088 возила. Тоа е пад од 5,5 проценти и продадени се 15.952 возила помалку од лани, меѓутоа е умерен пад во споредба со компактите (-18,8%) или моделите од средната класа (-10,6%).
Само четири модели ја подобриле продажбата од лани: Електричниот Рено 5 Е-Тек, на 10-то место, со раст од 26,4% и продадени 12.517 возила, Фолксваген Поло (+0,3%, 15.885) и Шкода Фабиа (+1,0%, 15.719).
Вистинскиот шампион сепак е Фиат Гранде Панда, којашто се катапултираше на 9-то место и мошне е извесно дека ќе напредува уште повисоко.
Рено Клио е убедиво на 1-то место, со продадени 31.473 возила, којшто во меѓувреме стартуваше со продажба на македонскиот пазар и изненади со цена иста со претходникот, иако со посилен мотор и значително збогатена опременост.
Со голем пад се соочува доскорешниот бестселер на годишно ниво, Дачиа Сандеро, што францускиот производител го образложува со проблеми кај добавувачите, меѓутоа е можно дека се работи за стратешки чекор, за пазарот на Сандеро да се препушти на новото Клио.
















