Секоја година, со влегувањето во последниот ден недела во март, почнува летното сметање на времето. Во 2026 година, тоа е 29-ти март, кога во 2 часот наутро, часовникот се поместува еден час понапред. Тоа значи, дека место 2, ќе биде 3 часот.
Целта е да се добие повеќе време под дневно светло кон квечерината, како и да се заштеди енергија. Но, тоа предизвикува и бројни други промени и последици.
Возачите треба да ги имаат предвид следните опасности при префрлувањето на летно време:
Сменета видливост:
Со префрлувањето на летно време се разденува еден час подоцна. Возачите што поаѓаат рано треба да имаат предвид дека видливоста е сменета и мора да се биде повнимателен.
Замор и поспаност:
Менувањето на времето влијае врз човечкиот биоритам, исто како и врз т.н. циркадијален ритам, односно врз работата на најважните органи. Тоа понатаму доведува до проблеми со спиењето. Ненаспаноста ја зголемува опасноста од незгода.
Диви животни на патот:
Откако ќе се смени времето, зголемена е опасноста, возачите што патуваат од периферијата и воопшто се движат низ ненаселени подрачја, да наидат на дивеч на патот. Статистиката што се води, на пример, во Германија, покажува дека опасноста од наидување на дивеч на пат е поголема во периодите меѓу 5 и 8 часот, како и меѓу 17 часот и полноќ, во октомври и ноември, и во април и мај.
Местење на часовникот во возилото:
Возачките и возачите, обично среде возење забележуваат дека часовникот во возилото не е сменет. Кај некои возила, доколку е наместено така, часовникот се префрлува автоматски меѓу зимско и летно сметање на времето. Но, во повеќето случаи, за времето да се смени, треба да се влегува во менито, па во подменијата, за да се дојде до функцијата. Тоа може да потрае, но повлекува и опасност, доколку се врши во возење. Затоа, најдобро е веднаш откако ќе се седне, да се смени часовникот.
Средноевропското време се применува од 1-ви април 1893 година. Целта беше да се постигне единствено време на целиот континент. Одлука за летното сметање на времето е донесена во 1978 година и истото се применува од 1980 година. Бројни обиди да се укине летното сметање на времето, не донесоа успех.
















