Кросоверите од таканаречената крузер-понуда од модели на BAIC го донесоа следното големо освежување во настапот на кинеските производители на автомобили во Македонија. Тоа секако се врвниот модел X75 и компактниот X55, насочени кон стил и динамика. Наспроти нив, BJ30 прикажува повеќе класична форма, што ја комбинира со понапреден погон – со хибрид, со два електромотори и погон на сите тркала.
Ознаките на моделите на BAIC се шифра. Ако пишува X, тоа се спортски кросовери со динамична линија, ако стои U, тоа се лимузини, додека ознаката BJ е резервирана за модели што се повеќе во насока на теренски возила. Додека X-моделите почнуваат уште од градската класа со X35, основниот модел во серијата BJ е две класи погоре.
BAIC BJ 30 го означува почетокот на BJ-серијата модели со каросерија долга 4,73 метри. Тоа е големина споредлива со Volkswagen Tayron, Toyota RAV4, Mazda CX-60. Во истата насока се движи и ширината од 1,91 метар и висината од 1,79 метар. Меѓуоскиното растојание од 2,82 метри ја објаснува просторната понуда во внатрешноста.
Тоа што го прави посебен овој модел, што брзо исчезнува од салонот на BAIC, на местото на стариот салон за Kia на улица Перо Наков, покрај изгледот, секако е погонот. Македонскиот увозник за BAIC засега ја нуди само врвната моделска изведба на BJ 30, во поглед на опременоста и перформансите, но пак се задржува ценовната предност во однос на конкуренцијата.
Погонската спрега во BJ 30e се состои од 1,5-литарски турбо бензинец со директно впрскување и моќност од 116 киловати, односно 158 КС, на којшто му асистира еден електромотор од 130 kW/184 КС и 315 Nm напред, и уште еден електромотор назад, со 55 kW/75 КС и 135 Nm.

Комбинацијата ја заокружува DHT-менувач, односно специјален менувач за хибриден погон, што се разликува од CVT, DCT и класичните автоматици, и нуди повеќе предности.
Сé заедно дава максимум од 301 kW/409 КС и 685 Nm. Круната на хибридниот модел секако е во потрошувачката, за којашто производителот наведува просек од околу 6,5 литри.
Премиум Брендс, со третата марка BAIC, покрај Kia и Volvo, го понуди врвниот модел на BJ30 по акциска цена од 37.990 евра, што е 2.000 евра под редовната цена. Опременоста е исклучително богата, и во поглед на комфорот, и во поглед на системите за асистенција, со приспособлив темпомат, систем за следење лента и автоматско престигнување, пристап без клуч, електрично отворање на врата на багажник, собирање ретровизори, средишен дисплеј од 14,6 инчи, напреден аудио систем, сончев покрив, автоматски двозонски клима уред, секако со систем за пречистување на воздухот.

Разликата во цената со хибриден модел со споредлива моќност и споредлива опременост од теренските класици, изнесува најмалку 15.000 евра.
Врска до вебсајтот за моделот
















