Производителите на автомобили од Кина не се почнати со работа вчера и долго си го услужуваа народот со автомобили што им беа доволни. Но, по добра вежба со стотици милиони произведени автомобили, некој државник во Пекинг сигурно се прашал: „А, да пробаме дали нашите автомобили ќе му се допаднат на светот?“ И, така почна извозот и освојувањето на светскиот пазар. Вистинската приказна сепак е друга, меѓутоа вака е најделотворно, за човек да не се прашува многу, како се случи Кинезите да почнат да произведуваат добри автомобили, што конкурираат и со многу други работи, освен со цената. Тест на Бејџинг (БАИК) Икс 75, модел што во основа треба да се цени како кинески соперник на Тојота РАВ4 или Фолксваген Тигуан.
Кинеските производители излезе дека се вистинските херои на автомобилската сцена денес. Додека старите производители се молат во Брисел, за да добијат уште барем неколку децении со мрсни профити со моторите со внатрешно согорување, а во исто време парите што државите требаше да ги вложат во електрификацијата на сопствените автомобилски производители се потрошија за одбрана од погрешниот непријател, Кинезите туркаат на сите фронтови, и успеваат на сите.
Лани, производителите од Кина првпат испорачаа на еврпскиот пазар преку 700.000 возила на еден месец пред завршетокот на годината. Додека целиот европски пазар во 2025 порасна одвај два проценти, Кинезите ја зголемија продажбата за 95 проценти, речиси двојно. Сосем е извесно дека годинава ќе бидат продадени преку еден милион возила од кинески марки во Европа.
Иако многумина уште замислуваат дека автомобилите од производителите од Кина се малечки, неугледни, изработени површно и со застарена технологија, сликата во реалноста е сосем поинаква. Како што доаѓаат нови модели од производителите што веќе се присутни тука, но и од нови марки на сцената, така сé повеќе бледнеат предрасудите.
Било да станува збор за марки што на македонската сцена се присутни преку локални компании и постигнуваат бројки главно продавајќи си возила самите на себе, за сопствениот парк од рентакар возила, или одат за такси компании и општински/државни службени паркови со коишто продавачите имаат „сродни интереси“, или да станува збор за чисто приватна продажба на автомобили, што секако дека најмногу ги засега тие што размислуваат за нов автомобил, кинеските марки поминуваат добро на македонскиот пазар.
Некои компании веќе стекнаа и име на македонската сцена, како прва адреса кога купувач намерник ќе помисли на автомобил од кинески произуводител, како што тоа е случај со АБЦ Брадер, со марките на Донгфенг, но сега првпат се случи, компанија што е меѓу петте најголемите увозници на нови автомобили во Македонија, да вклучи кинеска марка во својата понуда.
БАИК, кусо од Бејџинг Аутомотив Индастри Холдинг Ко., до ноември лани имаше продадено 5.918 возила во ЕУ, со најголем удел на моделот од средината на понудата Икс 55. Со тоа, БАИК веќе е мошне блиску до Чери, со продадени 6.300 возила во истиот период и со многу подолго присуство на пазарот.
Додека Чери неубедливо им се обраќа на македонските купувачи, кај БАИК ќе биде сосем различна сликата. „Бејџингот“ станува трета марка на Премиум Брендс, покрај матичните марки Киа и Волво, од коишто лани се испорачани околу нови 600 возила на македонскиот пазар, што чини близу 10 проценти од целиот пазар. Значи, сериозно е. Но, што толку ги убеди менаџерите на „Премиум“ да ја вклучат БАИК? Тестот ќе открие најдобро.
View this post on Instagram
Ако некој очекува дека оваа грамада се вади од салон за 15.000 евра и реално е изработена од „картон“, вистината е сосем друга. Долг 4,75 метри и тежок 1,6 тон, Икс 75 е најпретставителниот модел од т.н. крузер-понуда на Беиџинг и спаѓа во еден потсегмент што го изградија Тојота РАВ4 и Фолксваген Тигуан, како главни напаѓачи во тој дел од пазарот, што е важен и за имиџ и за профит.
Исто како што тие балансираат меѓу Ц- и Д-сегментот на СУВ возила, така и Икс 75-кава користи „нормална“ техника на модел од Ц-сегментот, што значи од компакт-класата, но ја нуди во каросерија со големина блиску до средна класа. Имајќи го тоа предвид е полесно да се вагаат околу 35-те илјади евра што БАИК ги бара за овој автомобил. „Околу“, затоа што кај тест возилово станува збор за ексклузивен демо-примерок, а увозникот ќе ја има конечната цена откако тестов веќе ќе биде објавен.
Увозникот не игра на погрешна карта со тоа што одбра Икс 75 да биде прв модел со којшто ѝ се обраќа на македонската сцена, затоа што неговиот конкурент од шампионот Би Уај Ди, хибридниот Сил Ју, со цена далеку над 45.000 евра, е меѓу најпродаваните кинески автомобили на европскиот пазар во изминатата година, и тоа како 50-ти најпродаван модел воопшто на пазарот. Тоа е многу високо место.
Икс 75 е модел од крузер-понудата на Бејџинг, за терен има сосем друга линија модели, а тие се тешки теренци
Икс 75 изгледа згодно и повеќе скапо, отколку евтино. Како модел од крузер-понудата на БАИК, заедно со Икс 55 и Икс 35, овој повеќе личи како кросовер со елегантна појава и мек нарав, слично на способно семејно комби што е качено на големи тркала и се наоѓа секаде. БАИК секако има и цврсти теренци, и тоа цела армија, од Ф40 од ковот на Џип Вранглер, до БЈ80, што е скроен како Г-Класа.
Стилот се разликува од европските и останатите индустрии на глас, коишто и натаму се резервирани да направат ваква остапка од шемите, што тие ги нарекуваат проверени, а пазарот ги гледа како здодеани. Нема класична маска, има светлечки појас меѓу предните светла и воопшто има многу игра во светлата, дневните светла се долу, назад свети името Бејџинг, има многу хром, алуминиум со матирана површина, големи тркала од 19 инчи што половина се лакирани, а половина полирани. Според македонски мерила за автомобил што изгледа добро, Икс 75-кава дрско ќе ја паркирате директно пред дебармаалски ресторан.
Најдоброто е тоа што и изработката одговара. Инженерите си зеле претежок предизвик да изведат поклопување на заоблените завршетоци на хаубата кон крилата, но успеале. И тој еден милиметар колку што првично се чини дека е избеган спојот, кога ќе се погледне од подобар агол, се гледа дека сé е во линија. Впечаток оставаат и тенките зјаеви меѓу вратите и каросеријата, прецизното вклопување. Ова не е производител што допрво треба да учи.
Материјалите во внатрешноста повеќе изгледаат скапо, отколку што се чувствуваат скапо, но кој сака таков „Бејџинг“, постои како модел на Аркфокс, веројатно и со електричен погон
Внатрешноста оддава елеганција и сериозност. Изгледот на материјалите, комбинацијата од бои и изрботката во целина задоволуваат, меѓутоа кога ќе се посегне по површините, на неколку места се покажува дека материјалите се подобри на око, отколку на допир. Можеби само очекувањата се големи и целата атмосфера замајува лесно дека се седи во некоја стара европска марка. Но, мора да има нешто, инаку сите марки би се преселиле во Кина.
Разлики со старата школа се познаваат во вратите. Сите кинески автомобили како да мора да пречекаат со убаво и благородно обработени внатрешни панели во вратите, тоа е како добредојде.
Како се покажа Бејџинг Икс 75 во дисциплините што се однесуваат на возните својства, комфорот, погонот и потрошувачката, сите тие поглавја се содржани во деталното видео од тест-возењето, што е дел од секој модел на тест во Аутомедиа и се објавува на нашиот видео-канал на Јутјуб.
Линк до македонскиот вебсајт на Бејџинг Ауто https://baic.mk/















