Според Соопштението од Регулаторната комисија од 16-ти март, горивата од полноќ поскапуваат на 92 денари за литар дизел, на 86,50 денари за литар 95-октански бензин и на 88,50 денари за бензин БС-98.
Продолжува поскапувањето на горивата, а со тоа расте и неизвесноста колку тоа ќе влијае понатаму врз сите производи и услуги во земјата. Литар дизел место 85,50 денари, од полноќ меѓу 16-ти и 17-ти март ќе чини 92 денари (поскапува за 6,5 денари), литар супер бензин поскапува од 79,50 денари на 86,50 денари (+7 денари), и литар премиум бензин поскапува од 81,50 денари на 88,50 денари (+7 денари).
Заштедата што ќе се постигне доколку се чека гориво по „стара цена“ пред полноќ, земајќи претпоставка дека просечен резервоар на патнички автомобил има зафатнина од 50 литри, и во него се останати 10 литри гориво, ќе биде реална заштеда од точење 40 литри гориво.
Доколку се работи за дизел, разликата за 40 литри дизел по стара цена и по нова цена, ќе изнесува 260 денари. Но, кога ќе се земе предвид дека цените на горивата се во постојан раст уште од 13-ти јануари, според барометарот на цени што го води Макпетрол, разликата при полнење 40 литри дизел, во споредба со цените од 17-ти март, изнесува 1.060 денари. Литар дизел на Василица чинел 65,5 денари и тоа е најниското ниво во последните две години, според барометарот на Макпетрол, со исклучок на кусиот период меѓу 15-ти и 23-ти април, кога дизелот се спуштил на 65 денари за литар.
Регулаторната Комисија им укажува на нафтените компании „да ги намалат малопродажните цени за 2 денари по литар, согласно договорениот попуст од страна на Владата со главниот добавувач ОКТА, со што ќе овозможат бенефитот од ова намалување директно да го почувствуваат граѓаните,“ стои во денешното соопштение.
РКЕ објави и табела којашто прикажува дека во Македонија се точи дизел по најниска цена во поширокиот регион, со исклучок на Босна и Херцеговина.
Во Аутомедиа во претходните објави укажавме дека вистинската заштеда може да се постигне на подолг рок, затоа што „евтиното“ гориво откако ќе се потроши, пак ќе се точи по новата цена. Повеќе корист има од менувањето на стилот и преоѓање на штедливо возење, и секако, оставање возилото да мирува, кога тоа не е неопходно. Аналитичарите предвидуваат дека притисокот врз цените на горивата од геополитичката ситуација нема да мине преку ноќ, туку ќе трае многу подолго.
Еден полн резевоар со „евтина“ нафта не менува многу, се штеди на подолг пат
















