Сеат очекува раст на профитот откако ЕУ ја ослободи Купра Таваскан од царини за увоз од Кина

Купра лани продаде 35.730 Таваскани во Европа и за тоа плати царина во висина од 250 милиони евра, затоа што електричниот модел се увезува од Кина.

Купра лани продаде 35.730 Таваскани во Европа и за тоа плати царина во висина од 250 милиони евра, затоа што електричниот модел се увезува од Кина и ЕУ наплаќа посебна царина за тоа
  • ЕУ ја ослободи електричната Купра Таваскан, којашто се произведува во Кина, од царина во висина од 20,7 проценти.
  • Сеат претрпе околу 250 милиони евра трошок, за да ги плати увозните царини на ЕУ за Таваскан.
  • Оперативната добивка на Сеат лани се сведе на само 1 милион евра, наспроти 633 милиони евра во 2024 година.

Сеат очекува во 2026 година повторно да бележи зголемен раст, откако ЕУ ги откажа царините за увозот на електричниот СУВ-модел Купра Таваскан, којшто се произведува во Кина. Царините го погодија шпанскиот огранок на концернот Фолксваген со трошок од околу 250 милиони евра.

ЕУ кон завршетокот на 2024 година ја зголеми царината за увоз од Кина од 10 проценти, на 30,7 проценти во случајот на Купра, по завршувањето на деветмесечната истрага околу субвенциите, што Пекинг им ги исплаќаше на домашните производители на електрични автомобили и нивните возила на тој начин станаа посебно конкурентни со цените.

Дополнителната царина ја оптовари цената на секоја продадена Купра Таваскан во Европа со околу 7.000 евра. Тоа го соопшти директорот за финансии Патрик Мајер, на тркалезна маса со новинарите, при соопштувањето на финансиските резултати за минатата година, на 12-ти март.

Сеат реши да го преземе на свој трошок товарот со царината, место да препушти царината да ја плааќат купувачите, на коишто Таваскан ќе им беше 7.000 евра поскап.

Купра лани продаде 35.730 Таваскани, од каде што произлегува процената дека вкупниот трошок од царините изнесува околу 250 милиони евра.

Дополнителната царина беше укината во февруари, откако ЕУ ја прифати апликацијата од огранокот на Фолксваген во кинески Анхуеј, за возилото да го продава по или над минимално дозволената цена. Со тоа, царината за увоз на електирчни автомобили се врати на 10 проценти, во случајот на Купра.

Сеат пријави профит од 1 милион евра за минатата година, што е драстичен пад во споредба со 633 милиони евра во 2024 година.

„Тоа не е нивото на профит на коешто се надевавме,“ изјави извршниот директор на Сеат и Купра, Маркус Хаупт.

Прометот лани се зголеми за 5,1 проценти и достигна рекордни 15,3 милијарди евра, со заедничка продажба на 586.300 возила од марките Сеат и Купра, за 5,1 проценти повеќе од претходната година.

Испораките на спортските модели на Купра пораснаа 33 проценти, на 328.800 возила, додека продажбата на Сеат опадна 16 проценти, на 257.400 возила.

Порастот кај Купра дојде од електрифицираните модели. Продажбата на приклучните хибриди порасна 63 проценти, а уште поголем раст со 66 проценти постигнаа целосно електричните модели. Тоа им дава на овие возила пазарен удел од 28 проценти во вкупната продажба на Купра.

Овој напредок му овозможи на Сеат да ги исполни построгите норми за ЦО2 на ЕУ за 2025 година, но влијаеше врз маржата на компанијата, затоа што добивката кај електричните модели е пониска во споредба со моделите со мотор со внатрешно согорување.

„Тоа е цената на електрификацијата,“ кажа Хаупт.

Маржите кај ЕВ ќе се зголемат откако ќе биде лансирана новата Купра Равал, малечок ЕВ, најави Мајер. Моделот ќе има премиера на 9-ти април.

„Платформата МЕБ-21 ја менува играта,“ кажа Мајер, додавајќи дека Равал ќе чини слично со модел со мотор со внатрешно согорување.

Хаупт го опишува Равал како ‘рбет на стратегијата за ЕВ на Купра.

Автомобилот чиешто производство ќе започне за само неколку недели, треба да донесе благ раст во прометот на Сеат во 2026 година, кажа директорот. За оперативната добивка се очекува да го надмине нивото од 2025 година, но пак ќе остане под 633-те милиони евра во 2024 година.

Равал е еден од четирите малечки ЕВ што групацијата Фолксваген планира да ги произведува во Шпанија, почнувајќи годинава.

Купра Равал и Фолксваген ИД Поло ќе се произведуваат во фабриката на Сеат во Марторел, во близина на Барцелона, додека кросоверите Фолксваген ИД Крос и Шкода Епик ќе излегуваат од фабриката во Памплона.

Претходна објаваРуски Автоваз се спрема годинава да произведе 400.000 Лади
Следна објаваЕден полн резервоар дизел чини 260 денари повеќе

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here