Тесла традиционално го губи европскиот пазар и го заврши јануари со пад од 17 проценти во продажбата.
Затоа пак, целиот пазар на батериски електрични автомобили порасна за 14 проценти, во втората година, во којашто на производителите на автомобили им се пресметува емисијата на ЦО2 од секој продаден автомобил, за ЕУ на завршетокот на 2027 година да го пресмета просекот за сите три години и соодветно да ги казни или да ги поштеди производителите.
Силен напредок има и кај приклучните хибриди, чијашто продажба напредуваше за 32 проценти во споредба со првиот месец лани.
Речиси сите производители на автомобили, со исклучок на БМВ и Рено, влегоа во т.н. ЦО2-пулови, за да ги скусат своите емисии на ЦО2. За годинава уште нема најави дека производителите ќе се здружуваат во таков пул, на производителите со големи автомобили и висока емисија, со производители што главно имаат електрична понуда и соодветно на тоа имаат ниска емисија на ЦО2. Експертите предвидуваат дека некои производители сепак ќе се најдат под притисок, за да бидат под лимитот што го одредува ЕУ.
Дачиа изненади со пад од 35 проценти, покажуваат првичните податоци што се однесуваат на 98 проценти од пазарот во ЕУ, ЕФТА и ОК.
Романската марка на Рено изгуби 16.513 продажби од ланскиот јануари, што претставува речиси половина од продажбата од 35.331 возила, што му недостигаат на целиот европски пазар во првиот месец од 2026 година, во споредба со лани.
Од Дачиа и Рено посочија дека тој пад е последица од пречки во логистиката и во производство, како и од новите модели, коишто поседуваат хибриден погон, што е поскап.
Сандеро, модел што редовно е на врвот на продажбата во Европа, во јануари заостана со близу 9.000 возила во споредба со истиот месец во 2025 година.
Хјундаи исто така имаше силен пад, со 8.000 возила во минус годинава. Корејската марка изгуби 20 проценти од ланскиот пазар. Кај Фолксваген исто така има пад од 11 проценти, со 12.615 автомобили помалку.
Меѓу големите добитници се кинеската марка на Стелантис, Липмотор, со раст од 408 проценти и продадени 4.249 возила, вклучувајќи го компактниот СУВ-модел Б10. Напредуваше Би Уај Ди, со 17.630 возила и раст од 173 проценти.
Голем број традиционални производители имаа јак месец, со раст од 24 проценти кај Фиат, благодарение главно на лансирањето на Гранде Панда. По бавниот старт, продукцијата сега врви под полна пареа и тоа се покажа во пазарните бројки.
Уште две марки на Стелантис, Опел и Ситроен, напредуваа за 13 проценти во јануари, и тие благодарение на новите модели врз платформата Смарт Кар, истата од Гранде Панда.
Шкода (+9,7 проценти) и Рено (+5,2 проценти) исто така постигнаа солиден раст.
Меѓу марките што заостанаа се Тојота, со 8 проценти во минус, и Купра, со 8,5 проценти во негатива, што е редок случај кај шпанската спортска марка на Фолксваген.
БМВ исто така подзабави со 8,8 проценти, а во иста насока се движи и Порше, со 12 проценти пад. Волво изгуби 15 проценти од ланскиот пазар, Нисан 17 проценти.
Покрај БЕВ и ПХЕВ, порасна и продажбата на хибриди (4,4 проценти), дизелите назадуваа 18 проценти, бензинците 12 проценти. Во јануари, се продале речиси исто толку возила со приклучен хибриден погон (98.042) колку возила со дизел мотор (105.949). Со тоа воедно се потврдува дека приклучните хибриди ги заменија дизелите, што важи посебно за службените возила.
















