Спортските марки денес посегнуваат по електромотор за да ја зголемат моќноста. Сега и Ауди Шпорт го презема тој чекор, што веќе е вообичаен за сестринската марка од концернот, Порше.
Новиот Ауди РС5 користи усовршена изведба на 2,9-литарскиот мотор Ве-6 со битурбо натполнење, но дополнително располага и со батерија од 22 киловатчасови, што е сместена назад. На тоа се надоврзуваат и бројни зафати за подобрување на возните својства, вклучувајќи погон кватро со динамична контрола на вртежниот момент во задниот диференцијал.
Шестцилиндарецот сега испорачува 510 КС и заедно со електромоторот што е враден во менувачот, со 130 киловати, постигнува системска моќност од 639 КС и вртежен момент од 825 њутнметри. Тоа се 9 КС повеќе од РС6 Авант Перформанс и воедно се 42% екстра моќност во споредба со претходникот.
Но, тоа што буни на прв поглед е тежината: 2.370 килограми. Вредноста на спринтот сепак уверува во способноста на оваа машина, со 3,6 секунди до темпо сто.
Кој има намера да вози чисто и тивко, има на располагање електричен досег до 80-на километри. Електромотор го стартува моторот, нема класичен стартер. Преработени се впрскувањето и вграден е интеркулер со водено ладење. Моторот работи според милеров принцип, што ја зголемува ефикасноста.

Батеријата се полни под моќност од 11 киловати за околу 2,5 часови. Електромоторот сепак е повеќе од корист за возната динамика, отколку за возење на струја. Во спортски режим, батеријата постојано се држи на 90%, за да има енергија за електромоторот да се напои и да помага при забрзувањето. Во тој случај, во игра влегува вториот електромотор со 8 кВ, којшто не влијае врз самиот погон.
Посебно изведен погон Кватро
Осумстепениот Топтроник е комбиниран со средишен диференцијал со блокада, што ја распределува силата меѓу двете оски. Во нормални услови, 70% од моќноста одат напред, додека во исклучителни услови, до задната оска може да се испорачаат до 85 проценти од моќноста на погонот.

Новитет е блокадата што постигнува предната и задната оска секогаш да се впрегнати, дури и во случај кога диференцијалот не пренесува вртежен момент. Тоа ја зголемува стабилноста, на пример пред свијок, кога ќе се отпушти гаста. Постојаното впрегнување на двете оски се грижи силата да се пренесува брзо, во сите услови. Но, и тоа не е најголемата новина.
Ауди Шпорт тврди дека прв ја применува оваа техника во сериски модел
Вистинскиот новитет е електро-механичкиот систем за динамична распределба на вртежниот момент во задниот диференцијал. Тоа значи дека не се користи обична конструкција со ламела, туку системот се состои од спомнатиот електромотор од 8 киловати и механички преносник. На овој начин, во рок од 15 милисекунди може да се пренесат до 2.000 њутнметри од едно до друго тркало на задната оска.

Овој „Дајнемик Торк Контрол“ го подобрува забрзувањето, но и стабилноста при забавување. Се следат сите информации, од завртување на тркалата, положбата на педалата, надолжното и страничното забрзување, брзината. Се избегнуваат и загубите што се вообичаени кај класичната блокада на диференцијал. При отпуштање гас, овој електромотор од 8 кВ произведува струја и ја полни батеријата.
Ново подвозје
Тркалата и на двете оски се водени преку пет водилки. Напред се вградени подобрени лежишта и водилки. Задната оска е комплетно нова. Каросеријата е скрутена за 10% во споредба со обичната А5. За подвозјето да понуди и комфор, покрај врвна динамика, вградени се амортизери со 2 вентили.
Тркалата стандардно се 20-инчни, опција се 21 инчи. Предните сопирачки дискови имаат 420 милиметри пречник, задните 400 милиметри. Опција се керамички сопирачки. Притискањето на педалата за сопирање се пренесува како електричен сигнал, со тоа што прво се остава забавувањето да го изврши електромоторот, пред да се вклучи механичката сопирачка.
Нова програма за возење РС Торк Риар
Покрај комфорна и динамична програма, во новиот РС5 се добива и програма РС Торк Риар. Ауди порачува дека таа програма е наменета само за тркачка патека и дозволува контролирано лизгање. На дисплејот се прикажува успешноста на провоцираното лизгање. За сериозни возачи, тука е програмата РС Спорт, со неутрална регулација на сите системи, насочена кон постигнување брзи времиња на круг.

Уште една занимација е копчето „буст“ на воланот, преку коешто се ослободува максималната моќност во времетраење до 10 секунди, со отворени придушници во издувниот систем.
Заедничкото меѓу А5 и РС5 се сведува на предните врати, на покривот и на вратата на багажникот. Сé останато е различно. РС5 напред е 40 милиметри поширока, светлата имаат темна основа и работат со препознатливата РС-шема. Од секој агол се препознава за каков модел станува збор.
Продажбата стартува налето, производството е во Некарсулм. Германскиот ценовник вели 107.850 евра за Авант, односно 106.200 евра за лимузината.
















