Во актот за поттик на индустријата што ЕУ ќе го објави на 25-ти февруари, веројатно ќе се најде и предлог-законот, со којшто како услов за стекнување право на субвенционирање на купувањето електрични автомобили, најмалку 70% од вградените делови треба да бидат произведени локално.
Европската Комисија ќе предложи електричните возила да поседуваат најмалку 70 проценти содржина што е произведена локално, како услов за купувачите да добијат субвенција при купување електричен автомобил, објави Фајненшел Тајмс. Унијата на тој начин ќе ја брани својата индустрија од конкуренцијата од Кина, што напаѓа со пониски цени.
Предлогот веројатно ќе биде содржан во Актот за индустриски поттик од Комисијата, што се очекува да биде објавен на 25-ти февруари, информираше Фајненшел Тајмс на 17-ти февруари, по увидот во нацрт-законот.
Комисијата соопшти во 2025 година дека ќе работи на правила што пропишуваат деловите што се вградени во електричните возила да бидат од локално потекло. Тоа е дел од сеопфатниот пакет мерки за помош на индустријата, каде што спаѓа и олеснувањето на нормите што ја ограничуваат емисијата на штетни материи.
Индустријата сепак е поделена околу тоа, дали условот за локално потекло ќе биде протолкуван како протекционизам, којкшто ќе повлече и соодветен одговор од Кина. Добавувачите и неколку здруженија искажаа поддршка, додека некои производители на автомобили, како БМВ и Мерцедес-Бенц, напоменуваат дека со тоа се ризикува и Кина да одговори со исти мерки на својот автомобилски пазар, и воедно предупредуваат дека ќе се задушат иновациите.
Според објавата на ФТ, новите електрични, хибридни и водородни автомобили, мора да бидат монтирани во ЕУ или најмалку 70 проценти од деловите во нив мора да бидат од локално потекло, како услов за владата да го субвенционира нивното купување. Вклучени се и возилата што се во сопственост на јавните институции или се користат под наем. Условот важи за вредноста на вградените делови, којашто треба да биде најмалку 70 проценти од вредноста на возилото. За батеријата не се поставуваат услови за локално потекло.
Предлогот бара и неколку главни компоненти во батеријата да бидат произведени во ЕУ. Повеќето производители на автомобили во Унијата се снабдуваат со батерии од Кина или од Јужна Кореја, иако некои од нив изградија фабрики во ЕУ. Заедничката инвестиција на Стелантис и Мерцедес-Бенц, компанијата АЦЦ, неодамна се откажа од намерата да гради три гигафабрики во ЕУ.
Европската Комисија вети во 2025 дека ќе ја поддржи веригата „мејд ин Јуроп“ за снабдување на производството на електрични авотмобили, почнувајќи со фонд од 1,8 милијарда евра наменет за локалните гигафабрики за батерии. Тој потег беше наречен „батери бустер“.
Добавувачите, меѓу кои Валео, бараа условот за локално потекло да важи за сите компоненти.
Здружението на добавувачи КЛЕПА, во септември објави дека „доколку ЕИ не преземе итна акција“, Европа може да загуби до 350.000 работни места, поради „меѓусебната поврзаност на транзицијата во видот на погон и трансферот на вредноста надвор од ЕУ.“
Добавувачите наведуваат дека 75 до 80 проценти од возилата што се монтираат во ЕУ потекнуваат од Унијата, и додаваат дека условот за локално потекло треба да се движи во тој распон.
Се стравува дека кинеските производители на автомобили во своите фабрики во ЕУ ќе вршат монтажа на возила од готови китови или од компоненти од Кина, за да ги избегнат царините во ЕУ.
„Актот за индсутриски поттик мора да биде отпорен,“ објави КЛЕПА во соопштението до медиумите од 10-ти февруари, додека законодавците се подготвуваа за состанок во Брисел. „Конкретно, потребно е точно да се одреди што значи возило и компонента од ‘европско производство’. Европско возило мора да содржи најмалку 75 проценти европски компоненти.“
Добавувачите на батерии, во ноември испратија посебно писмо до претседателката на Комисијата, Урсула фон дер Лајен, со повик за донесување закони за локално потекло, наведувајќи дека тие се пресудни за да се намали зависноста од одредени земји, како Кина, и да се сочуваат работните места во Европа.
„Состојбата на европската верига на создавање дополнителна вредност во батериите, условува итни чекори,“ стои во писмото.
Мерцедес-Бенц, БМВ се противат на условот за локално потекло, Рено е за
Производителите на автомобили се поделени околу условите за локално потекло. Тие што имаат силно присуство во Кина, како БМВ или Мерцедес-Бенц, се противат. Рено, пак, излегува во пресрет, иако извршниот директор Франсоа Прово во декември предложи прагот да се постави на 60 проценти, со важност за целата компанија.
Извршниот директор на групацијата Мерцедес-Бенц, Ола Калениус, кој е воедно претседател на европското здружение на производители на автомобили АЦЕА, очекува годинава да се води „жестока дебата“ околу законите за локално потекло. „Се залагам за рамноправни услови“, вели тој, „но, ако веќе се воведуваат правила, треба да се користи фина, многу фина пила, место моторна пила, за да не се предизвикаат несакани последици.“
















