Алфа Ромео одбележува 75-годишнина откако ги испорача првите возила за карабиниерите. Прославите започнаа со скијачки натпревар на полицајците.
Многу се сменил возниот парк на италијанските карабиниери. Додека во 1950-те години, тие возеа Алфа Ромео Мата, слична на Вилис Џип, денес главен превоз им е Џулија Квадрифољо, во врвната изведба на лимузината, со преку 500 КС, врвни возни својства и карбон-керамички сопирачки.
Миланската марка пригодно ја одбележа соработката со италијансктие карабиниери преку присуство со своите возила на Арма 1814 Ски Челинџ. Тоа е угледен натпревар во зимски спортови, на којшто учествуваат карабиниерите, вклучувајќи и гости од странство, како и параспортисти. Како што соопшти Алфа Ромео, тоа е само почетокот на одбележувањето на 75-те години од соработката.
Алфа Ромео почна да ѝ испорачува возила на полицијата по Втората светска војна. Првите возила беа 1900 М Мата, во 1951 година. Во следната деценија, возниот парк го сочинуваше Џулија, во периодот од 1963 до 1968 година. Интервентниот одред беше познат како Газела, поради тоа што Џулиите брзо доаѓаа до местото каде што требаше да се интервенира.
Понатаму следат Алфета, 90, 75, 155, 156, па 159, Џилиета, Џулија, Тонале, до Џулија Квадрифољо, со мотор со преку 500 КС и погон назад. Повеќето од овие модели се дел од музејската поставка во Арезе, во делот „Алфа Ромео во униформа“. Возилата беа поставени на 24-ти јуни 2020, во знак на одбележување на 110-годишнината на марката.
Карабиниерската Квадрифољо е посебно опремена за брз и безбеден транспорт на органи и крв. Честопати е објавувано за оваа хумана мисија на брзите машини во возниот парк на Италијанците.
Скијачкиот напревар Арма се одржува 40 години. Овојпат настанот доби дополнителна тежина со Италија како домаќин на Зимската Олимпијада. Се натпреваруваа двесте карабиниери, како и атлети од армијата, морнарицата и авијацијата, заедно со гости од Франција, Швајцарија, Словенија, Германија и Австрија, па и неколку претставници од Катар.
Алфа Ромео Јуниор · Тест · Да не беше Алфа, ќе беше само 966
















