Норвешката автомобилска федерација (НАФ) го тестира тоа што најмногу ги засега сопствениците на електричен автомобил на Северот на Европа: Колку исклучителниот студ влијае врз досегот. Киа ЕВ2 покажа досег од 310,6 километри, што е за четвртина помалку од нормалниот досег според нормата ВТЛП.
НАФ годинава ги изложи електричните автомобили на најголемиот студ досега, за време на масовниот тест што се води како Ел При Винтер Тест Драјв. Секако дека тоа е еден од најпредизвикувачките и воедно веродостојни тестови во светот на ЕВ. Прототип на Киа ЕВ2, што наскоро ќе стартува со продажба, ги следеше трите дузини електрични модели во редовното зимско тестирање на НАФ.
Киа ја пушти на тест најпретставителната изведба од идната ЕВ2, во варијанта ГТ-лајн, со батерија од 61 киловатчасови.
Најдостапниот електричен автомобил на корејскиот производител возеше преку пет часови, со нормално темпо. Рутата минуваше преку планинскиот регион Јотунхеимен, каде што температурите се спуштија до 21 степени под нулата.
Хомологацијата според нормата ВЛТП уште престои, меѓутоа инженерите калкулираат со досег од 448 километри. Тоа важи за стандардната изведба. Во ГТ-лајн, на тестот, досегот се скусува на 413 километри, поради тркалата од 19 инчи.
Отстапувањето од нормата изнесува 24,81 проценти, што е помалку отколку кај останатите модели на тестот.
Според Пабло Мартинез Масип, директор за маркетинг во Киа Европа, „овој резултат е доказ дека ЕВ2 ќе продолжи да испорачува сигурен досег дури и при исклучително ниски температури“. Тоа што станува збор за основниот модел на Киа, „не значи дека мора да се прифатат компромиси“, додава тој.
ЕВ2 е конструирана врз истата платформа Е-ГМП, како останатите ЕВ-модели на Киа, но место скапа 800-волтна мрежа, користи подостапна и поразумна 400-волтна мрежа. Тоа значи единствено дека батеријата нема да се наполни за 20 минути на брз полнач, но затоа ќе се наполни за четириесетина минути. За автомобил што минува најмногу време во град, и што веројатно ќе се полни на приватен полнач, место на улица, тоа е сосем неважно.
Техничарите сакаа да го испробаат и тоа во „екстремната“ Норвешка. На брз полнач со еднонасочна струја и моќност од 50 киловати, ЕВ2 полнеше за 36 минути од 10 до 80 проценти, шест минути подолго од фабричките податоци – во услови на екстремен студ.
Вредностите на Киа ЕВ2 не се објавени во извештајот од тестот на НАФ, затоа што се работи за прототип. Но, друга Киа, сериска, учествуваше на тестот и покажа одлични резултати: ЕВ4 според нормата ВЛТП постигнува досег до 594 километри. Во Норвешка беа 390 километри. За споредба, Тесла Модел Уај, во истите услови, со 629 километри според ВЛТП, на студ задржа досег од 359 километри, или 270 километри помалку од нормата.
Киа Стоник · Дали е тоа автомобилот со најдобра противвредност до 20.000 евра?
Киа веќе започна со производство на ЕВ2 во фабриката во Жилина, Словачка. Во моментов се произведува подостапната изведба со батерија од 42,2 киловатчасови. Изведбата со 61 кВч, заедно со ГТ-лајн варијантата, ќе стартува со продажба во Европа во јуни 2026 година.
Македонската Киа потврди повеќе електрични модели што ќе бидат понудени на пазарот, вклучувајќи ја ЕВ2, покрај постоечките ЕВ3 и ЕВ6.
















