Возењето лете е уживање, патиштата се суви, глетките усреќуваат. Зиме е друго. Глетката пак усреќува, но не и патиштата, барем е така ако се вози обичен автомобил. Опел излезе на снег со својот електричен Грандленд во посебна изведба со погон на сите тркала и објави мошне инспиративни кадри.
За електричните автомобили важи дека досегот им се скусува драстично кога е студено. Сцената во меѓувреме научи дека не треба да се паничи со ЕВ при секој студ, а сега Опел убедува дека ЕВ се способни и за предизвикувачки услoви на возење на снег и на мраз. Секако, се работи за новата електрична изведба на Опел Грандленд, со погон на сите тркала, односно со втор електромотор назад.
Тоа е прв електричен модел со молња во логото, што вози со погон на сите тркала. Опел Грандленд АВД стандарно поседува и подвозје со амортизери што се приспособуваат според фреквенцијата на ударите што доаѓаат од нерамнините. Опел тврди дека возењето во зимски услови со оваа технологија е мошне пријатно.
Моќност 325 КС, вртежен момент 509 њутнметри, два електромотори и 4 начини на работа
Двата електромотори заедно создаваат системска моќност од 325 КС: Напред работи електромоторот од стандардната изведба од 213 КС, додека задната оска добива погон од е-мотор од 112 КС. Погонот на сите тркала ја зголемува агилноста при возење по серпентини, посебно по планински патишта, што водат до скијачките центри. Корист има и безбедноста.
Тоа што најмногу плени кај е-погонот, секако е високиот вртежен момент што се постигнува кусо по поаѓањето. Предниот е-мотор располага со максимални 334 њутнметри, задниот со 166 њутнметри.

Динамиката и сигурноста се спојуваат со удобно возење
За комфорот во возењето на Грандленд АВД придонесуваат и приспособливите амортизери. Тие поседуваат дополнителен вентил и втор систем низ којшто се движи маслото во амортизерот. Зависно од фреквенцијата на ударите од нерамнините, амортизерите реагираат различно – покруто на повисока фреквенција, односно на автопат, и помеко на пониска фреквенција, на пример, на планински пат.
Верзијата АВД користи пружини и стабилизатори што се разликуваат од стандардниот модел, а управувањето и ЕСП исто така се нагодени различно.
За возење на лизгава подлога служи режимот 4ВД, кога двата електромотори постојано ја распределуваат моќноста до четирите тркала. Во овој режим се приспособува и работата на ЕСП и на контролата на тракција.

Во нормален режим, погонот се сведува на предниот е-мотор, додека задниот се вклучува само по потреба. Моќноста е ограничена на 313 КС, вртежниот момент на 450 њутнметри. При кик-даун, активни се двата е-мотори.
Во спортски режим, системската моќност се распределува во сооднос 60:40 меѓу двете оски, со цел да се постигне поголема динамичност. Штедливиот режим ја ограничнува моќноста на 213 и вртежниот момент на 343 њунтметри, за да се постигне подолг досег. Клима уредот исто така работи во еко-програма.
Убедува вредноста на спринтот: 6,1 секунди до темпо сто
Со коефициент на отпор 0,278, Грандленд АВД е најаеродинамичната изведба во гамата на моделот. Тоа помага и при забрзување, и при возење на автопат, а најголемата придобивка е во досегот. Со батерија НМЦ од 73 кВч, Опелот постигнува досег до 502 километри. При користење брз полнач, батеријата се полни од 20 до 80 проценти за околу 30 минути.
















