Групацијата БАИК пријави раст во продажбата во 2025 година што е над просекот на браншата и воедно постави нов продажен рекорд. Матичната марка учествува со 1,07 милион возила во вкупната продажба од 1,752 милион возила во минатата година. Тоа е исходот во првата година од т.н. тригодишен акциски план за напредок.
Производителот во извештајот за минатата година издвојува дека матичната марка Беиџинг, односно БАИК, учествува со 1,07 милион возила во вкупната продажба од 1,752 милион возила. Тоа значи дека Беиџинг произведува и возила за други марки, и тоа, не кои било други марки, туку токму Мерцедес-Бенц. Новата генерација на ЦЛА, во нејзината изведба со целосно електричен погон, уште од минатото лето се произведува во погоните на Беиџинг и оттаму се снабдува кинескиот пазар.
Освен возила од германската марка, што годинава одбележува 140-годишнина од првиот автомобил во светот, Групацијата БАИК произведува и возила за Хјундаи за кинескиот пазар.
Тоа им дава дополнителна тежина на резултатите што лани ги постигнаа автомобилите од сопствената марка на групацијата, односно многумина дури откако ќе дознаат дека БАИК со децении наназад произведува возила за Мерцедес-Бенц (Бејџинг-Бенц) и за Хјундаи, покажуваат повеќе интерес за овој производител.
БАИК од минатата година стана и дел од понудата на Премиум Брендс, покрај Киа и Волво, што е првпат една од водечките компании во дистрибуцијата на возила на македонскиот пазар да вклучи кинеска марка.
БАИК во Премиум Брендс, прв голем увозник што вклучува кинеска марка
Од подмарката Аркфокс, што е специјализирана за електрични возила со напредна технологија, во 2025 година биле продадени 163.000 возила, и тоа е веќе втора година во којашто оваа подмарка постигнува удвојување на продажбата. Новите модели Аркфокс Т1, стартуван во август, и Алфа Т5 (од септември), достигнаа продажби до 20.000 примероци месечно.

Од теренските модели на БАИК од серијата БЈ, продадени се преку 200.000 возила, односно за 38% повеќе од преклани. Најпродаван теренски модел е знаменосецот БЈ40, којшто е водечки вистински теренец 11 месеци во низа, додека неговата електрична изведба со продолжувач на досег (бензински генератор) е најпродаван електричен СУВ со продолжен досег во низа од 9 месеци.
Стелато (оригинално Шангџи во Кина) е нова марка на групацијата БАИК и зад неа стои соработката со гигантот во производството на потрошувачка електроника Хуавеј. Гамата се состои исклучиво од електрични модели, продажбата веќе достигна 10.000 возила месечно. Стелато е премиум марка и со својата електрична лимузина Шанџги С9Т постигнува продажна динамика споредлива со останатите кинески марки што се впуштија во луксузниот сегмент.

Во продажниот извештај секако спаѓа и БАИК Фотон, производител на товарни возила, вклучувајќи тешки камиони, со преку 650.000 продадени возила лани. Голем дел од произведените возила на БАИК Фотон се испорачани на извозните пазари. Електричниот погон одамна се подразбира и кај товарните возила во Кина.
За извоз лани заминале 308.000 возила од групацијата БАИК, што е раст од 26 проценти. Тоа е истовремено и за 7,3 процентни бодови над просекот што во минатата година го постигна извозот на автомобили од Кина од сите производители. БАИК денес продава во преку 130 држави и региони во светот.
Меѓу извозните пазари што постигнаа најголем раст се Јужна и Централна Америка, Блискиот Исток, Северна Африка и Југоисточна Азија. Засилува и производството во фабриката во Јужна Африка.
Електричните и хибридните возила надминаа 390.000 произведени примероци и тоа е раст од 95 проценти, повеќе од кој било друг производител од Кина. Главни за тој раст секако се марките Аркфокс и Шангџи, со двоцифрен раст, а брзо напредува и електрификацијата кај теренците од серијата БЈ, каде што таа учествува со 40% во продажбата.
Планот за 2026 година е групацијата да ја зголеми продажбата на 2,2 милиони возила.
















