Местото на коешто Премиум Брендс во средата вечер ги повика новинарите, познати јавни личности, пријатели и клиенти, за да ја најави новата марка во својата понуда е познато автомобилско одредиште точно 20 години. Рефлекторите во вис, што уште од километри водеа кон настанот, исто така се вообичаена сценографија, единствената новина е марката. Тоа не е ниту корејска, шведска или германска марка, туку е кинески БАИК.
Тоа несомнено ќе се води како уште едно поглавје од историско значење за македонската автомобилска сцена. Кинеските производители на автомобили, за коишто регионалниот менаџер за БАИК, Џенгбао Боб Џанг, во неслужбениот разговор коригираше дека тие „не се главна тема само во Европа, туку во цел свет“, досега имаат постигнато силен пробив на домашниот пазар.
Меѓутоа, најголемите увозници на автомобили главно го следеа одвивањето на пазарот и како тоа ќе влијае врз нивниот матичен бизнис. Очигледно, го следеле будно. Премиум Брендс е прва поголема автомобилска компанија од браншата во македонска сопственост, а тоа главно значи увозник на традиционални автомобилски марки, што вклучи марка од кинески производител во своето портфолио.
Во салонот што сега ѝ припаѓа на марката БАИК, пред точно 20 години првпат беше поставен тогашниот овал на Киа во овој простор. Малку обележја од т.н. корпоративен идентитен беа доволни тогаш, за на намерниците во салонот да им укажат дека тоа е автомобилски салон и дека е салон на Киа. Сцената, многу пошироко од границите на автомобилскиот интерес, уште одамна има посведочено за напредокот што низ годините се има случено со марката и со бизнисот на компанијата.
Оттука имаат излезено најпродавани модели на македонската сцена, секако вклучувајќи ја Киа Спортаж, којашто и во претходната и во оваа генерација, повеќе години го има освојувано насловот на најпродаван модел во Македонија. Денешниот салон на Киа е на стотина метри и тоа пак беше пионерски чекор, како досега најрепрезентивен автомобилски салон воопшто, дури и надвор од границите на земјата.
View this post on Instagram
БАИК е „новата киа“, во смисла на новиот предизвик, за кинеската марка да постигне повпечатлив пробив на пазарот.
Сопственикот на Премиум Брендс, Иван Петровиќ, кажа дека идејата, за марка од кинески производител да се вклучи во портфолиото на компанијата, датира повеќе години наназад и дека намерата притоа била да се избере традиционален производител, „место производител што постои десетина години“.
БАИК има традиција долга близу седум децении, со својот прв автомобил произведен уште во 1958 година. Оттогаш во фабриките на БАИК, чиешто име доаѓа од Беижинг Аутомотив Индастри Корпорејшн, произведени се преку 35 милиони возила. Тоа е шестиот најголем производител на автомобили во Кина, а со тоа и еден од најголемите автомобилски субјекти во државна сопственост, за „којшто Кина сигурно нема да дозволи да исчезне“, меѓу другото и поради тоа што го носи името на Пекинг.
БАИК, патем, со години ги произведува моделите на Хјундаи за кинескиот пазар. Уште едно големо име од историјата е тогашен Дајмлер Бенц АГ, коишто со помош на кинескиот партнер ја создадоа премиум марката електрични возила Денза, уште пред деценија и пол.
На свеченоста присуствуваше Женгбао (Боб) Жанг, извршен директор на БАИК Франција-БЦФ Ауто Груп, официјален дистрибутер на БАИК Интернационал во Франција. Почесниот гостин потсети на еден факт што тука многу лесно и наивно го имаме заборавено, „Од Македонија во минатото се извезуваа автобуси (на ФСА 11-ти Октомври) во Кина.“ Освен Македонија, во овој ран регионален пробив на БАИК следат пазарите во Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Полска и во меѓувреме сигурно уште некој нов пазар.
Генералниот менаџер на Премиум Брендс, напомена дека присуството на БАИК на македонската сцена ќе се потпира врз столбовите на услуга, стручен персонал, и секако, посебен и специјализиран сервис што е отворен за БАИК во Скопје. Понудата од модели ја сочинува СУВ-триото Икс 35 од градската класа, Икс 55 од компактната и Икс 75 од средната класа. Во улога на цврст теренец се поставува БЈ 30 со хибриден погон. Почетната петорка ја заокружува лимузината ЕУ5.
Возилата им стојат на располагање на заинтересираните клиенти за тест-возење, Аутомедиа секако ќе објавува детално за сите случувања околу марката БАИК, се чекаат возила на тест во редакцијата. Со среќа, БАИК!
















