Ситроен Ело личи како најава за нов Пикасо

Ако Французите ја следат шемата од концептот Оли, што потоа прерасна во серискиот модел Ц3, тогаш и од Ело треба да се очекува модел во салон на Ситроен.

Кога Ситроен прво ги прикажува Траксион Авант, светнувањето на Ајфеловата Кула, Пајчето 2ЦВ, Мехари, Пикасо и Берлинго, за видеото потоа да премине на концептниот автомобил Ело, јасно е дека се подготвува нешто големо и дека приказната нема да заврши само на слики и ветувања.

На Ситроен му успеаја многу потези во изминативе години, почнувајќи од денешната Ц3, којашто ја наследи истоимената претходничка, што беше меѓу ретките модели од градска класа со шарм и со новиот модел испадна дека може уште подобро. Кусо потоа следеше Ц3 Еркрос, за тој залетот сега да го искористи Ц5 Еркрос. Нормално дека сцената се прашува, што е следно? Сите овие три модели постигнаа по една мала револуција на сцената. Следно е Пикасо.

Ело е малечко, одвај нешто повеќе од 4 метри, но пак со простор за шест патници и со безброј можности за разместување на седиштата и приспособување на кабината. Гласноговорниците на Ситроен смислија текст на 14 стандардни страници, снимија видео од 7 минути и пуштија 83 фотографии, за да опишат што сé се случува со Ело.

Според нив, Ело е „лабораторија на идеи што ги отелотворуваат вредностите на марката да иновира и креира, соединувајќи ги идеите за иднината.“

Експерименти со шест седишта на должина од 4,1 метри и екстра ширина на каросеријата, правеше уште Мултипла пред влезот во новиот милениум. Ситроен ја надградува таа идеја со огромна слобода за разместување на „мебелот“ во кабината на Ело.

Истражувачите на француската марка заклучија дека денес светот бара возила што треба да служат и за патување, и за релаксација и за слободно време и за работа. Затоа и името е Ело: Рест, Плеј, Ворк, односно одмарај, играј, работи.

За практичните решенија во кабината и за изборот на материјалите, Ситроен соработуваше со Гудјир и Декатлон.

Возилото е готово за прикажување и чека на светска премиера на салонот во Брисел, на 9-ти јануари, како концептен автомобил.

Претходна објаваФорд подготвува електрични модели што ќе ги произведува Рено
Следна објаваБАИК во Премиум Брендс, прв голем увозник што вклучува кинеска марка

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here