
Двата електрични модели на Форд со техника од Рено и произведени во ЕлектриСити се дел од партнерството меѓу двата производители на автомобили, коешто предвидува и можност за заеднички развој на доставни возила.
Партнерството со Форд е од клучно значење за остварување на целта на Рено, да ги скуси трошоците за производство на модели што се базирани врз платформата АмпР за малечки возила. Платформата ја користат моделите Рено 4 и Рено 5, како и Нисан Микра.
Автомобилите на Форд ќе бидат проектирани од огранокот за ЕВ на Рено со име Ампер и ќе се произведуваат во фабриката ЕлектриСити, во северна Франција. Форд ќе работи на дизајнот, како и на возните својства.
„Посветени сме на Европа и веруваме дека Рено ги докажа своите способности во поглед на волуменот и трошоците,“ изјави извршниот директор на Форд, Џим Фарли, за време на заедничката конференција за медиуми што се одржа во Париз на 8-ми ноември, со извршниот директор на Рено, Франсоа Прово. „Обајцата сме убедени дека ќе воспоставиме разлика меѓу нашите брендови во сегментот на патничките автомобили.“

Форд не ги наведе имињата на моделите со техниката од Рено и нивната каросериска форма, меѓутоа се очекува дека еден од нив ќе продолжи да го користи името Фиеста, откако компанијата во 2023 година престана да го произведува моделот со мотор со внатрешно согорување.
Вториот модел веројатно ќе биде мал СУВ, што на купувачите ќе им понуди посовремена технологија во споредба со моделот што Форд го нуди во моментов, со електричната изведба на Пума со ознака Ген-Е. Овој модел се произведува во Романија и не дозволува „спротивно полнење“, односно приклучување на возилото да испорачува струја за дистрибутивната мрежа.
Зошто Форд за новото партнерсто го избра Рено место Фолксваген
Фарли кажа дека партнерството не го поништува договорот со Фолксваген, за користење на техниката од доставните модели и електричните автомобили на геерманскиот производител. „Се надевам дека ова нема да го прикажете како љубовен пар што си нашол нови партнери“, изјави тој пред новинарите.
Форд во моментов ги произведува електричните СУВ-модели Експлорер и Капри во фабриката во Келн, коишто се базирани врз платформата МЕБ на Фолксваген. Но, Форд реши тоа партнерство да не го проширува кај помалите автомобили, што како основа ја користат верзијата на платформата МЕВ со преден погон. Фолксваген ја користи таа платформа за идните електрични модели ИД Поло и Купра Равал.
„Ние целосно го разбираме индустрискиот систем на компанијата Фолксваген. Ја познаваме нивната верига на снабдување, нивните трошоци и ги разбираме нивната моќ и можностите,“ кажа Фарли. „Спроведовме темелна истрага и Рено изби на прво место од повеќе причини, меѓутоа трошокот е една од главните.“
Рено се обиде да ги намали трошоците преку скусување на времетраењето на развојот на новите модели. Новиот Рено 5 е развиен за 36 месеци, додека за новото градско мини Твинго беа потребни 21 месеци.
„Тоа исто така ни влева самодоверба дека нашиот концепт Ампер и нашата замисла за развој на конкурентни и достапни електрични технологии во Европа се на добар пат,“ кажа Прово.
[the_ad id=”85764″]
Форд ја скуси понудата од модели за да „конкурира претпазливо“
Форд во изминатите неколку години ја скуси понудата од модели во Европа, со цел да ги намали трошоците и да создаде одржлив профит од својот бизнис во регионот.
На 17-ти ноември престана производството на компактниот модел Фокус во фабриката во Зарлуи, Германија. Во фабриката значително е скусена работната сила, којашто ќе продолжи да работи на снабдување со компоненти на останатите фабрики на Форд.
Малечката комбилимузина Фиеста во 2023 година престана да се произведува во Келн, Германија. Така се создаде простор за производство на електричните модели Експлорер и Капри. Вановите С-Макс и Галакси, како и моделот од средна класа Мондео, уште одамна престанаа да се произведуваат во Шпанија.
„Немаме целосна понуда од модели на патнички автомобили. Мошне претпазливо ќе ги избираме сегментите во коишто ќе настапуваме,“ кажа Фарли.
Форд нема да дозволи продажбата на патнички возила да падне на ниво да ги изгуби дилерите, што ја продаваат успешната палета од доставни возила на компанијата. „Постои одреден обем што е потребно да се постигне кај патничките возила, за на тој начин да се финансираат вложувањата на дилерите во лесните доставни возила,“ објасни Фарли.
Фарли и Прово кажаат дека партнерствата се клучни во Европа, за одбрана од кинеските брендови што продираат во регионот. „Голема е конкурентската закана што Кинезите ја претставуваат за Европа,“ вели Фарли. „Тоа нé наведува сите да преиспитаме колку ефикасно го вложуваме капиталот и до кое ниво можат да ги спуштат троошоците, за овие автомобили да бидат достапни.“
Партнерството меѓу доставните возила може да создаде моќна компанија за лесни комерцијални возила
Форд и Рено соопштија дека кај партнерството во сегментот на доставни возила се работи за писмо на намери, а не за склучен договор, меѓутоа постои потенцијал за тоа да се прошири.
„Одлично се надополнуваме во поглед на дистрибуцијата и географските посебности на пазарот на доставни возила,“ кажа Фарли. „Заедно можеме да создадеме моќна компанија за доставни возила во Европа.“
Се разликуваат предностите на Форд и Рено во сегментот на доставни возила, додаде Фарли.
„Форд е одличен во сегментот на комбиња од еден тон (Транзит Кастом) и одличен е во сегментот на пикапи (Рејнџер), меѓутоа во сегментот на комбиња од два тони и мали комбиња немавме успех како остантите,“ кажа Фарли. „Во тој поглед, понудата на Рено е вистинско надополнување,“ додаде Фарли, мислејќи на Рено Мастер и Кангу.
Форд произведува комбиња во Турција и Романија, во соработка со холдингот Коч, којашто Фарли ја цени како една од најуспешните на компанијата. „Во случај на Форд, партнерството е апсолутно основно за успех во Европа”, цени тој.
Форд го произведува комбито Фолксваген Транспортер во Турција, а Амарок во Јужна Африка, заедно со Рејнџер. Фолксваген го произведува комбето Транзит/Транзит Конект во Полска, покрај својот Кеди.
Фарли кажа дека ќе го покани Фолксваген да се придружи во партнерството со Рено, во производството на комбиња.















