Ограничувањата на емисијата на СО2 го натераа и Ferrari да го смени „срцето“ на марката. На салонот во Париз доаѓа 458М со нов осумцилиндарски мотор со турбонатполнење.
Комисијата на ЕУ бара производителите на возила да ја намалат емисијата на СО2 на своите модели, па ниту Ferrari не е исклучок. За секој дополнителен грам СО2 над лимитот од 120 g/km, производителите ќе плаќаат пенали кон Комисијата, автомобилите соодветно ќе поскапат. Ferrari сигурно нема да успее да го задоволи овој строг лимит, за разлика од Fiat или Opel, но барем ќе плаќа помалку. Како резултат од „општата паника“, Ferrari ќе воведе нова верзија од 458 Italia, со нов мотор со турбонатолнење. Според традицијата, оваа верзија веројатно ќе ја носи ознаката 458М и ќе има поголема силина наспроти досегашниот модел, но и драстично намалена емисија на СО2. Дебито на моделот може да се очекува веќе на салонот во Париз, во октомври, а продажбата би стартувала напролет.
Карпараците веќе ги уловија прототипите од новата верзија на 458 на тестирање. Италијанците веќе го користат новиот V8 со турбонатполнење во California T, со зафатнина од 3,8 литри и моќност од 560 КС, којшто во верзија со повисок притисок на натполнење и соодветно поголема моќност ќе се вградува и во 458М. Замената со помал мотор не мора да предизвика разочарување кај фановите, зашто од новакот се очекува да има најмалку 100 КС повеќе, што би значело дека 458M би имал преку 670 КС.
Имајќи во предвид дека California T со новиот турбо мотор забрзува за 3,6 секунди до сто, 458M сигурно ќе игра во повисока лига, со спринт за помалку од три секунди и крајна брзина од преку 320 km/h. Покрај тоа, со преоѓањето на турбонатполнење ќе се добијат и пониски вредности на потрошувачката на гориво – барем на хартија.

Заедно со промените во погонот одат и неколку освежувања во стилот и во аеродинамиката. Флексибилните гумени крилца во предната маска се идентични со актуелниот 458 Italia, но на фотографиите се забележува канал во предните поткрила, заради намалување на притисокот на воздух под возилото. Тројната издувна цевка е заменета со две издувни цевки во стил на 458 Speciale, заедно со нов заден браник и нов дизајн на дифузорот.
Главниот предизвик за инженерите на Ferrari е да ги задржат акустичниот настап и будната реакција на гас на актуелниот 458, што не е едноставно кај мотори со натполнење. Италијанците ќе се повикаат на помош од специјална модулација на контролната електроника, ограничување на вртежниот момент во пониските степени на пренос и на комплексен издувен систем, со цел 458М да звучи и да вози уште подобро од актуелниот 458 Italia.
















