Кинескиот извоз на автомобили забрза во 2025 година, произведени близу 35 милиони возила

Кина во минатата година извезе преку 1,6 милион чисто електрични возила на пазарите ширум светот и постави нови рекорди.

Извозот на целосно електрични возила од Кина во 2025 година постигна раст од 67 проценти и постави нов рекорд од 1,65 милион возила. Дополнително, извозот на автомобили со приклучен хибриден погон, порасна трикратно и достигна 969.000 возила.

Експлозивниот раст на извозот на електрифицирани возила е најверно сведоштво како Кина успеа да го пробие светскиот пазар за своите автомобили. Тоа се случуваше во време додека на домашниот пазар од една страна владее сé пожестока конкуренција, а од друга страна се заситува пазарот во земјата.

Податоците што Кинеското здружение на производители на автомобили ги објави на 14-ти јануари, сведочат за континуираниот напредок на производителите на автомобили од кинески марки, коишто го зголемија својот удел од пазарот, на сметка на меѓународните ривали.

Потпомогнати од силната побарувачка за нивните електрифицирани автомобили, како на домашниот, така и на извозните пазари, домашните брендови лани го зголемија својот удел на кинескиот пазар за 4,3 процентни бодови и освоија 69,5 проценти од пазарот во земјата, покажуваат податоците од Здружението.

Вкупниот број на големопродажни испораки во Кина, вклучувајќи возила за домашниот пазар и за извоз, како и товарни возила и автобуси, пораснал за 9,4 проценти, на рекордни 34,4 милиони возила, сооопшти трговското здружение.

За извоз заминале 7,1 милиони возила, што претставува зголемување од 21 проценти во споредба со 2024 година.

Големопродажните испораки на лесни возила во 2025 година, кои вклучуваат лимузини, кросовери, СУВ, повеќенаменски возила и минибуси, се зголемија за 9,2 проценти на 30,1 милиони, при што извозот порасна за 22 проценти и надмина 6 милиони.

Вкупните испораки на електрични возила, вклучувајќи го домашниот и извозниот обем, лани пораснаа за 38 проценти на 10,6 милиони возила, додека вкупните испораки на електрифицирани возила, вклучувајќи ги и хибридите, пораснаа за 28 проценти на 16,5 милиони.

Електрифицираните возила заедно сочинуваат 48 проценти од вкупните испораки на возила во Кина минатата година, што е за 7 процентни бодови повеќе од 2024 година.

Трговското здружение предвидува дека растот на испораките ќе забави во 2026 година, бидејќи индустријата се соочува со нови пречки, вклучувајќи ги потенцијалните трговски бариери и промените во политиката во Кина, коишто предвидуваат зголемени даноци при купување и ја ограничуваат стимулацијата за замена на старо за ново возило.

БАИК Икс 75 · Тест · Не било само до цената

Севкупните големопродажни испораки се предвидува дека во 2026 година ќе пораснат за само 1 процент на 34,75 милиони возила, соопшти трговското здружение. Се очекува извозот да се зголеми за 4,3 проценти на 7,4 милиони, додека испораките на електрифицирани возила во земјата и надвор од неа се предвидува да пораснат за 15 проценти на 19 милиони, прогнозира трговската група.

Производителите со кинески брендови, поддржани од силната побарувачка за нивните електрифицирани производи дома и во странство, освоија поголем пазарен удел на сметка на меѓународните ривали.

Претходна објаваПежо лани надмина 100.000 продажби на британскиот пазар
Следна објаваХонда произведе приколка за кампување

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here