Алфа Ромео ги откажа електричните Џулија и Стелвио, нема нови модели до 2027 година

По откажувањето на наследничките на Џулија и Стелвио, што требаше да бидат електрични автомобили, Алфа Ромео ја одложи планираната моделска офанзива.

Шефот на Алфа Ромео, Санто Фичили, ја смени стратегијата од темел и марката во иднина нема да нуди само електрични автомобили.

Алфа Ромео нема да пушти во продажба нови модели до завршетокот на 2027 година. Причина за тоа е откажувањето на наследничките на лимузината Џулија и СУВ-моделот Стелвио, два модели од средната класа, што требаше да преминат на електричен погон. Тоа сега го потврди шефот на марката Санто Фичили.

Место својата понуда да ја сведува исклучиво на електрични автомобили, миланската марка во иднина ќе нуди и електрични и бензински модели. Намерата на Алфа Ромео е на тој начин да посегне по поширок круг на купувачи, изјави Фичили во минатата седмица, за време на претставувањето на новото моделско годиште на Тонале во Пиза.

Пазарот на големи електрични автомобили во Европа забавува, додека приклучните хибриди си ја враќаат популарноста. Алфа Ромео веќе ги приспособи своите планови за идните модели, со тоа што бензинските и електричните модели ќе се нудат заедно подолго време отколку што беше планирано првично, порачува Фичили.

Нови соработки

Во отсуство на премиери на нови модели, Алфа Ромео ќе го одржува интересот за Џулија и Стелвио, што се пуштени во продажба во 2015, односно во 2017 година, преку организирање настани и преку соработки со големи имиња на сцената. Таков пример е соработката со едриличарскиот тим Луна Роса.

Тонале имаше премиера во 2022 година и сега заслужи моделско освежување, со повпечатлив нос и со почисти мотори според нормата Еуро 6е. Во понуда се 1,5-литарски благ хибрид со 175 КС, што е 15 КС повеќе од претходно, потоа со приклучен хибрид со 1,3-литарец со системски 270 КС, а на некои пазари се нуди и 1,6-литарски дизел со 130 КС.

[the_ad id=”85764″]

Според планот наречен Храбро Кон 2030, за време на поранешниот извршен директор Карлос Тавареш, Алфа Ромео од 2025 година требаше да пушта само нови електрични модели, за до 2030 година целата понуда да се состои само од автомобили на струја. Таа намера беше откажана во почетокот на 2025 година, и во иднина ќе се нудат повеќе видови погон.

Новиот стратешки план ќе биде донесен во 2026 година

Новиот извршен директор на Стелантис, Антонио Филоса, кој го презеде шефовското место во јини, најави дека новиот стратешки план ќе го соопшти во првото полугодие од 2026 година. Покрај идни модели, во тој план ќе биде вклучена и нова внатрешна организација, како и промени во дилерската мрежа. Алфа Ромео во иднина ќе им биде посветена на малечките, на компактните и на моделите од средната класа, додека големите автомобили „нема да бидат територија за марката“, нагласи Фичили.

Според аналитичарот Матијас Шмит, оттапувањето од стратегијата со целосно електрична понуда нема да биде преголем финансиски товар. Платформата СТЛА Медиум на концернот Стелантис, којашто служи како основа и за електрични и за бензински модели, ѝ овозможува на Алфа Ромео да користи постоечка технологија во концернот.

Моделското освежување ќе донесе зголемување ва продажбата на Алфа Ромео Тонале, којашто подзабави во изминатиов период

Јуниор е пазарен хит, Тонале подзабави

Продажбата на Алфа Ромео во Европа во првите осум месеци од годинава порасна за 37 проценти и достигна 41.200 возила. Главната заслуга ја има новиот Јуниор, со 23.092 продажби. Тонале е втор најпродаван модел, но продажбата му опадна за 42 проценти, на 10.841 возило. Џулија имаше пад од 24 проценти, а исто и Стелвио забележи за 40 проценти намалена продажба.

Бизнисот во САД трпи поради царините што ги воведе владата на Трамп. До септември се продадоа 30 проценти помалку возила, односно 4.778 примероци. Посебно се погодени Стелвио (-37 %) и Џулија (-32 %). Поради ослабнатата побарувачка, производството на Тонале есенва беше запрено две недели, додека производството на сестринскиот модел во САД, Доџ Хорнет, запре уште во јули.

Фичили напомена дека бизнисот во САД се враќа во форма, откако царината за европските модели е спуштена на 15 проценти. Алфа Ромео малку ги накачи цените, додека погоемиот дел од дополнителниот товар го носат дилерите.

Претходна објаваГолферка освои скап електричен БМВ со погодок од прва
Следна објаваСајбер нападот врз Џагјуар Ланд Ровер ја скуси продукцијата во Британија за 27 проценти

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here