Волво една година ќе им ги плаќа сметките за струја на сопствениците на електричен автомобил

Волво нуди една година бесплатно полнење на електричен автомобил во кругот на домот, најавувајќи го почетокот на продажбата на клучниот модел Е Икс 60.

Волво се здружи со шведскиот дистрибутер Ватенфал, за да понуди една година бесплатно полнење, како поттик за повеќе возачи да преминат да возат на струја.
  • Почнувајќи од Шведска, Волво нуди една година бесплатно полнење во домот, со намера да ја забрза својата продажба на електрични возила во Европа.
  • Волво го избра за партнер електродистрибутерот Ватенфал, затоа што е присутен на повеќе пазари ширум Европа.
  • Почетокот на акцијата е најавен за февруари, еден месец по светското деби на важниот електричен модел Е Икс 60.
  • Акцијата веројатно ќе се повтори во САД и Кина, иако засега не е одредено времето.

Волво сака полнењето на еден од своите електрични модели да им го направи бесплатно на сопствениците, како потег со којшто го насочува вниманието на сцената кон почетокот на продажбата на новиот Е Икс 60, којшто производителот го најавува како еден од своите најважни ЕВ.

Почнувајќи од Шведска, од февруари, производителот ќе го покрие трошокот за струја за полнење 5.150 киловатчасови во батериите на електричните автомобили во период од една година.

Таа енергија соодветствува со пат од околу 25.000 километри годишно и вреди приближно 7.500 круни, односно околу 690 евра.

Не постои ограничување на бројот на приватни корисници што ќе можат да учествуваат во акцијата. Трошокот за струја за полнење на автомобилот ќе се пресметува посебно и ќе биде одбиен од месечната сметка.

Волво се здружи со шведскиот електро дистрибутер Ватенфал во акцијата, со којашто производителот очекува да ги поттикне возачите да се префрлат на возење на струја.

„Тоа навистина им е големо олеснување на корисниците за да преминат на струја,“ вели заменик директорот за енергетика во Волво, Кастро Перез.

[the_ad id=”85764″]

Перез не наведе кои пазари ќе следат по Шведска, меѓутоа посочи дека клучната причина за Ватенфал да се избере како партнер било нивното присуство на повеќе пазари ширум Европа.

Бранислав Славиќ, директор за клиенти и решенија во Ватенфал Нордикс, вели дека компанијата е активна во Европа, вклучувајќи ги Германија и Холандија, коишто се клучни пазари за продажба на Волво и воедно се силни пазари за ЕВ.

Во деветте месеци годинава, 46,8 проценти од продажбата на Волво во Холандија биле ЕВ, додека во Шведска уделот изнесува 35,9 проценти, и во Германија 15,7 проценти од пазарот на марката годинава.

Најавната слика за доаѓањето на Волво Е Икс 60. Електричниот пандан на најпродаваниот СУВ-модел на Волво, Икс Ц 60, има деби закажано за јануари.

Најголем пазар на Волво во Европа е Обединетото Кралство, со продадени 51.839 возила за девет месеци, следи Германија со 44.946 возила и Шведска со 35.998 возила.

Друга причина за Ватенвал да биде изборот на Волво е партнерството за развојот на првиот автомобил со дизел мотор со приклучен хибриден погон, моделот Волво В60 што беше лансиран во 2012 година. Ватенфал учествувале во развојот на батеријата и полнењето.

Бесплатно полнење како преднајава за дебито на Е Икс 60

Волво во јануари ќе го одржи дебито на Е Икс 60, нов СУВ од средна класа со целосно електричен погон, што ќе се продава заедно со најуспешниот модел во 98-годишната историја на шведскиот производител, моделот Икс Ц 60 со бензински и хибриден погон.

Волво вели дека Е Икс 60 е „пресвртница“ во понудата на марката, затоа што како прв модел врз новата платформа СПА Три, ќе понуди подолг досег од кој било друг електричен модел во гамата на марката.

Швеѓаните лани се откажаа од намерата да станат целосно електрична марка до 2030 година.

Новата цел гласи, елекртичните модел и приклучните хибриди заедно да учествуваат со 90 проценти во продажбата на марката во 2030 година.

За 2025 година, целта беше БЕВ да учествуваат со половина во светската продажба на Волво, но и таа цел беше сменета лани. Сега планот е БЕВ и ПХЕВ (приклучни хибриди) заедно да учествуваат со 50 до 60 проценти во светската продажба. Во деветте месеци годинава, тие учествувале со 44% во светската продажба на Волво.

Во духот на промените, Волво ги освежи Икс Ц 60 и Икс Ц 90, своите две најпродавани моделски серии. Двата освежени модели дојдоа приближно во исто време со стартот на четири целосно електрични модели, Е Икс 30 и Е Икс 90 (двата се продаваат во Македонија), како и со луксузната лимузина Е С 90 и големиот ван ЕМ 90.

Е Икс 30 е трет најпродаван БЕВ во 2024 во Европа, меѓутоа по воведувањето на царината од 28,8 проценти за увоз на ЕВ од Кина лани во ноември, продажбата на моделот годинава падна за 47 проценти, на 28.498 возила. Моделот во меѓувреме почна да се произведува во Белгија, заради избегнување на царините. Е Икс 30 годинава е само на 13-то место во продажбата на БЕВ.

Е Икс 90 почна да се продава со доцнење од две години, поради што Волво мораше да земе кредит во висина од 11,4 милијарди круни (околу 1,05 милијарда евра) во второто тромесечје. Големиот СУВ на струја е 59-ти најпродаван БЕВ во Европа, но затоа со 8.383 примероци е трет најпродаван целосно електричен модел во сегментот на премиум СУВ од виша класа, зад Ауди Ку 6 Е-трон (35.750 возила) и БМВ и Икс (10.969 возила) за девет месеци.

ЕС 90 до завршетокот на годинава ќе почне да се продава и во Европа, но не и во САД, поради високите царини за возила произведени во Кина.

Волво Е Икс 60, произведуван во Торсланда, Шведска, ќе дојде на пазарот кусо по два силни соперници: БМВ и Икс 3 и Мерцедес-Бенц ГЛЦ Е Ку.

Претходна објаваОпел планира кинескиот Липмотор В10 да го продава како свој модел
Следна објаваВолво и Полстар сочинуваат 95% од продажбата на Џили во Европа

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here