
Опел ги проверува можностите за батерискиот електричен СУВ од компактната класа Б10, да го продава под својот знак, почнувајќи во 2026 година. Веста прв ја објави германски Аутомобилвохе.
„Уште не е решено, но интересна е можноста да се понуди добро опремен и достапен ЕВ во сегментот на компактните СУВ“, кажува изворот на Аутомобилвохе.
Б10 ќе почне да се произведува во 2026 година во фабрика на концернот Стелантис во Шпанија, веројатно во Сарагоса. Во фабриката во моментов се произведуваат Опел Корса, Опел Мока и Ситроен Ц3 Еркрос.
Липмотор на европскиот пазар во моментов го нуди Б10 што е произведен во Кина. Марката планира в година да додаде изведба од Б10 со продолжувач на досег (бензински генератор), иако уште е неизвесно дали таа исто така ќе се произведува во Шпанија.
Со производството на Б10 во Шпанија, Липмотор нема да ги плаќа царините на ЕУ за увоз на електрични автомобили од Кина, коишто за овој произведувач изнесуваат 20,7 проценти, дополнително на основните 10 проценти царина за увоз од Кина.
[the_ad id=”85764″]
Кинескиот Б10 во моментов се нуди на германскиот пазар почнувајќи од 29.900 евра во основната изведба.
Моделот што ќе се произведува во Шпанија ќе чини помалку и со тоа ќе биде силен конкурент во сегментот на компактните електрични СУВ во Европа, којшто го предводат Фолксваген ИД4, Шкода Елрок и Киа ЕВ3. Верзијата од Б10 што ќе се продава под знакот на Опел, сепак ќе му конкурира на сопствениот електричен модел на германската марка, Фронтера.
Липмотор стартуваше на европскиот пазар во минатата година, со градското електрично мини Т03 и со СУВ-моделот од средна класа Ц10.
За деветте месеци годинава, марката продаде 16.485 возила во Европа, што е нагло зголемување од само 299 примероци во истиот период во 2024 година. Евтиниот модел Т03 учествува со 11.064 возила во вкупната продажба, додека Ц10 учествува со 5.080 возила. Од В10 се продадени само 313 примероци досега.
Планот на Липмотор Интернационал е годинава да продаде меѓу 50.000 и 60.000 возила на светскиот пазар, главно во Европа.
Опел не коментира за гласините околу воведувањето на модел на Липмотор во својата понуда.















