Волво и Полстар сочинуваат 95% од продажбата на Џили во Европа

Волво Икс Ц 70 е новиот СУВ-модел со приклучен хибриден погон, од којшто Швеѓаните очекуваат значително зголемување на продажбата

Од секои сто продадени автомобили од марките на кинескиот холдинг Џили во првите девет месеци од годинава на европскиот пазар, 95 биле од шведските марки Волво и Полстар, додека од сопствените марки на Џили, се продавале само по пет примероци, главно од марката Линк и Ко, којашто во основа е препакувано Волво.

Волво е одличен пример дека Кинезите се покажаа подобри стопани на туѓите марки, отколку компаниите од Големата Тројка од САД. Во времето на Форд, Волво беше ставен во т.н. Премиум Ауто Груп, заедно со Џагјуар, Астон Мартин и Ланд Ровер. Тоа беа несреќни времиња за европските автомобилски марки со бесценето историско наследство, чијшто маки завршија (по)среќно, кога светската економска криза силно ги погоди производителите од САД.

Сите овие марки настрадаа од ненаситноста на Детроитската Тројка и им беше потребна деценија за да го вратат некогашниот сјај. Додека Волво, Џагјуар и Ланд Ровер денес повторно функционираат, кај Астон Мартин уште е голема неизвеноста околу иднината, додека Сааб, шведската легенда, исчезна засекогаш, по банкротот на Џенерал Моторс и обидот техника на Опел да се продава по цена на Сааб.

Детроитската тројка ги уништи европските марки, чијшто имиџ почива врз иновација и постојан технолошки напредок; Волво повторно е на таков пат

Европските марки им беа прескапи за „одржување“ на производителите од САД, затоа што мораше постојано да се вложува во развој на нова технологија и градење на имиџот. Доколку автомобилскиот свет останеше наивен, Сааб, Волво, Рејнџ Ровер, денес ќе користеа евтина застарена техника од Џенерал Моторс и Форд, и ќе се рекламираа скапо со европското име – и соодветно скапо ќе се продаваа. Меѓутоа, автомобилите не се сендвич со пластична плескавица.

Во холдингот Џили, Волво денес им се придружува на матичната Џили Ауто, Линк и Ко, Протон, Лотус, смарт (заедно со Мерцедес-Бенц), Радар, ЛЕВЦ (Лондон Такси) и Фаризон, и секако Полстар, марка што е издвоена од Волво и специјализирана е за електрични автомобили.

[the_ad id=”85764″]

Џили продава одлично на кинескиот пазар, меѓутоа на пазарите надвор од Азија, Волво и Полстар не само што се во преедимство, туку и целосно владејат со продажбата на Холдингот.

Од вкупно 291.194 продадени возила од марките на Џили во Европа, во првите девет месеци, според статистиката на Датафорс, од марката Волво се 243.446 возила и уште 34.329 возила од марката Полстар.

Моделите на смарт се водат посебно од статистиката за Џили, затоа што сепак се работи за заеднички бизнис со Мерцедес-Бенц Група. Но, да не недостигаат и тие бројки: До завршетокот на септември, во Европа биле продадени 9.048 примероци од електричните модели на смарт. Некогашните форту и форфор веќе не се дел од понудата на марката.

Кој очекува дека кинеските марки на Џили се поевтини од оригиналните шведски автомобили, сигурно греши. На македонскиот пазар, електричниот СУВ-модел Волво Е Икс 30, тестиран во Аутомедиа, чини 33.488 евра, со бесплатно сервисирање и одржување во следните три години, додека автомобил со истата техника, но каросерија на Линк и Ко, се продава под името Линк и Ко 02 и чини 34.490 евра со попустот.

 

Претходна објаваВолво една година ќе им ги плаќа сметките за струја на сопствениците на електричен автомобил
Следна објаваГолферка освои скап електричен БМВ со погодок од прва

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here