Возачите на Tesla Model S отсега можат да патуваат користејќи бесплатна струја од полначите што се поставени по целата должина на потегот од Стокхолм до Азурниот Брег.
Американскиот специјалист за електрични автомобили ја постави 50-та станица за полнење на батериите на електричните возила во Европа. Со пуштањето во работа на последната станица којашто се наоѓа во францускиот Нарбон, Tesla продолжува со енормното ширење на инфраструктурата за погонот на струја на територијата на Европа. Покрај Франција, станици за брзо полнење на батерии се наоѓаат и во Германија, Австрија, Швајцарија, Скандинавија, Велика Британија и Бенелукс.
Tesla ја постави првата станица за полнење во Норвешка во минатиот август и оттогаш оваа мрежа од станици се развива со неверојатно темпо. Полначите се поставени стратешки покрај најважните сообраќајни жили во Европа, овозможувајќи им на возачите на електрични возила да патуваат со бесплатно полнење на батериите меѓу големите градови и по главните сообраќајници на потегот од Скандинавија до француската ривиера.
Досега се целосно покриени рутите од Осло до Копенхаген, преку Осло, потоа од Хамбург до Женева и од Берлин до Франкфурт. „Сончевиот пат“ во Франција води од Париз до Азурниот Брег. Наскоро ќе се постават нови полначи на Северот на Европа, со што во мрежата ќе се вклучи и Амстердам. Во Англија неодамна се поставија нови полначи во Лондон и Бирмингем.
Во целиот свет Tesla има поставено 168 брзи полначи, што резултира со најдолгата и најбрзо растечка мрежа од брзи полначи во светот. Полначите во Европа само во јули им испорачаа реку 600 мегаватчасови електрична енергија на возачите на Tesla Model S. Оваа енергија одговара на 3,6 милиони извозени километри, односно 4,5 пати повеќе отколку што е растојанието до Месечината и назад. Со тоа се заштедени 380.000 литри бензин и спречена е емисија на 1.100 тони јаглероден диоксид.
















