
Предизвик за новиот извршен директор Антонио Филоса ќе биде да ги смени овие бројки. За очекување е дека аналитичарите и новинарите ќе го преплават новиот шеф со прашања, кога подоцна во текот на денов ќе бидат објавени конечните резултати.
Директорот за финансии Даг Остерман кажа дека причината за раното објавување на бројките биле „разликите со процените на аналитичарите“, околу профитабилноста и приливот на готовина – што значи дека, иако Стелантис пред кусо време соопшти дека нема да ги постигне поставените цели за годинава, очекувањата на аналитичарите веројатно биле премногу оптимистички.
Аналитичарите сепак увидоа дека постои основа за оптимизам во Европа, каде што испораките на возила од марките на Стелантис во второто тромесечје имаа пад од 6 проценти, во споредба со истиот период лани.
Остерман соопшти дека пазарниот удел на Стелантис во Европа се зголемил незначително во првото полугодие во споредба со лани.
„Остануваме на ставот дека Стелантис ја достигна пресвртницата и очекуваме интерно назначениот извршен директор брзо да ги донесе стратешките одлуки на коишто се чекаше,“ стои во извештајот на Џефрис.
Во продолжение следат некои од најголемите предизвици за Филоса во Европа, најголем регионален пазар за концернот, со испорачани 722.000 возила во првото полугодие.
Достигнувањето на зацртаната продукција на новите модели
Еден од проблемите што се создаде за време на порашениот извршен директор Карлос Тавареш беа јазовите меѓу старата и новата генерација на популарни модели. Таков пример е Ситроен Ц3. Тоа влијаеше и врз резултатите од работата на концернот во првото полугодие, посочува Остерман, признавајќи дека „забрзувањето на продукцијата се одвиваше побавно од очекувањата.“
Покрај Ц3, кој штотуку ја достигна продажбата на моделот од претходната генерација, меѓу останатите европски модели што допрво ќе мораат да ја качат својата продажба, се Ситроен Ц3 Еркрос и сестринскиот модел Опел Фронтера, исто како и новата Фиат Гранде Панда. Сите овие модели се конструирани врз платформата Смарт Кар, којашто е подостапна изведба на платформата ЦМФ што се користи за градските модели.
Ситроен Ц3 Еркрос на тестот во Аутомедиа
Остерман посочи на „лансирањето“ на Гранде Панда што треба да се случи во септември. Со овој модел се означува враќањето на Фиат во класата на градските модели. Продажбата започна пролетоска, но досега се продадени само 3.600 примероци.
Масерати и марките што стојат
Масерати, најпретставителната луксузна марка на Стелантис, со години се соочува со потешкотии. Во првото полугодие продажбата се сведе на околу 2.000 примероци. Стелантис направи трошок од 3,3 милијарди евра во првото полигодие, со тоа што откажа неколку програми за развој, меѓу кои беше и проектот за возила со водороден погон. Во исто време се инвестираше во популарните хибридни модели, како и во моделите со големи бензински мотори за пазарот во САД. Масерати учествува со 700 милиони евра во тој трошок.

Стелантис соопшти дека ги разгледува опциите за Масерати, вклучувајќи можност да се најде нов сосптвеник за проблематичната марка.
Но, и останатите европски марки, вклучувајќи ги ДС и Ланчиа, исто така ќе се најдат под лупа. ДС продаде само 17.000 возила во првото полугодие, што е пад од 21 проценти. Ланчиа регистрираше само 6.500 продажби и тоа е за 74 проценти послабо од лани, и покрај тоа што има нов модел, градскиот автомобил Ипсилон, а марката воедно почна да се продава и надвор од Италија.
Загрижува и Ситроен, поради тоа што марката претрпе од задоцнетото лансирање на важни модели и продажбата во првото полугодие опадна за 15 проценти, на 191.000 возила.
Доставни возила
Продажбата на доставните возила во Европа во првото полугодие е намалена за 13 проценти, соопшти Остерман. Тоа е голем удар за Стелантис, како концерн со најголем пазарен удел во Европа, со своите марки Ситроен, Фиат, Опел и Пежо, вклучувајќи и производство на доставните модели на Тојота, коишто се на иста база.
„Ние држиме 30 проценти од пазарот“ во Европа, кажа Остерман, додавајќи дека доставните возила се „голем центар на профит“.
Продажбата на вановите во основа е поврзана со целата економија, посочи тој.
„Наслушнуваме дека постои голема незвесност во денешните состојби“, кажа директорот. „Клиентите од комерцијалниот сектор подолго ги задржуваат своите возни паркови и пристапуваат со ‘чекај и гледај’ стратегија.“















