
Мерцедес-Бенц, групацијата Фолксваген и БМВ се меѓу 11-те компании од автомобилската и техно браншата што потпишаа писмо за намери за заеднички да се развива и да се споделува најнапредна софтверска платформа наменета за автомобили.
Сојузот има за цел да се спротивстави на сé поизразената превласт на САД во технологијата, како и да се воспостави контрола над дигиталните платформи за идната генерација возила.
Со поддршка од здружението на германските производители на автомобили ВДА (Фербанд дер Аутомобилиндустри, здружение на автомобилската индустрија), иницијативата треба да ги скуси растечките трошоци за развој и да го забрза воведувањето на новите технологии во сериските автомобили. За тоа да се постигне, се создава основно софтверско јадро со отворен код, што повеќе марки ќе можат да го користат.
„Заеднички развиваме моќен софтверски екосистем со сигурна иднина – отворен, транспарентен и безбеден,“ порача во соопштението Маркус Болих, директор на ВДА.
Покрај производителите на автомобили, меѓу основачите спаѓаат добавувачите Роберт Бош, Континентал, ЗФ Фридрихсхафен и Валео (преку својот огранок Бреин), како и специјалистите за софтвер ЕТАС, Кворикс и Вектор.
Компаниите имаат намера до 2026 година да создадат основно јадро, како темел за модерна софтверска архитектура за автомобили. Првите возила што ќе ја користат идната софтверска платформа ќе почнат да излегуваат од фабриките најдоцна до 2030 година.
Самото софтверско јадро не ѝ припаѓа на ниту една марка и невидливо е за корисниците на автомобилите. Разликите ќе бидат во тоа што секој производител ќе може да примени модуларни додатоци, на пример за инфо-забавните системи или за системите за асистенција.
Софтверскиот код за јадрото ќе биде отворен и со него ќе располага Фонрацијата Еклипс. Тој се создава врз проектот С-Кор, на којшто веќе се работи.
Во зависност од потребите на бизнисите, компаниите ќе можат да ја користат целосната платформа или само делови од неа.
ВДА соошти дека најголемата заштеда во трошоците и брзината во развојот ќе се постигнат преку широка примена на софтверското јадро.
„Како учесници во создавањето на отворениот автомобилски екосистем, ние активно работиме на иднината на софтверот во автомобилите, преку нашата стратегија во којашто најважен е кодот,“ порачува во соопштението Магнус Остберг, главниот софтверски инженер во Мерцедес. „Отворените стандарди се основа за нашата моќ на иновирање.“
Софтверскиот сојуз е отворен и за трети корисници
Иако првичната замисла е само членките на сојузот да имаат корист, тој е отворен и за трети корисници. Се водат преговори и со француската автомобилска асоцијација, ПФА.
Извршниот директор на Бош, Штефан Хартунг, во изминатава седмица предупреди за опасностите доколку Европа со своите строги закони го забави развојот во вештачката интелигенција. Таа се цени како клучна технологија и за автомобилскиот софтвер, и за развојот и производството на автомобили.
Бош до завршетокот на 2027 година планира да вложи дополнителни 2,5 милијарди евра во АИ.















