Последните случувања во БИД се знак дека силниот раст во изминатите неколку години, којшто доведе до смена на Тесла како најголем производител на електрични автомобили во светот, почнува да забавува. Плацевите со непродадени автомобили се полнат сé побрзо и покрај тоа што БИД понуди големи попусти во жестоката ценовна војна на кинескиот автомобиолски пазар.
БИД ги откажа ноќните смени и ја скуси продукцијата за најмалку една третина од капацитетот на дел од своите фабрики, наведуваат изворите што бараат анонимност поради тоа што се работи за приватни разговори.
Овие мерки што досега беа необјавени се применети во најмалку четири фабрики на БИД. Еден од изворите кажува и дека биле откажани некои планови за воведување нови производствени линии.
Со продадени 4.27 милиони автомобили во минатата година, од коишто секако дека главнината отпаѓа на кинескиот пазар, БИД располага со најмалку седум фабрики во земјата. За годинава е поставен план за близу 30-процентен раст и достигнување на светска продажба од 5,5 милиони автомобили.
Ројтерс не успеа да дознае за колку точно возила е скусена продукцијата и колку планови се откажани, а исто така е неизвесно и колку долго ќе траат воведените мерки. Еден од изворите наведува дека целта на овие чекори е да се скусат трошоците, додека друг извор вели дека причина се неисполнетите цели да продажбата.
Податоци од кинеското здружение на производители на автомобили покажуваат дека растот во продукцијата на БИД во април и мај е смален на 13 проценти, односно на 0,2 процент, во споредба на годишно ниво. Тоа е најголемото забавување во продажбата по февруари 2024 година, кога фабриките не работеа поради долгото празнување на кинеската Нова Година.
БИД почна да ја зголемува месечната продукција во второто тромесечје во 2023 и 2024 година, покажува статистиката. Но, тој тренд се смени годинава, со просечна продукција во април и во мај што е за 29 проценти под нивото од последниот квартал во 2024 година.
Како БИД се издигна во најголем светски производител на електрични автомобили
БИД за само неколку години се издигна до позицијата на најголем производител на електрични автомобили во светот, со значително зголемување на продукцијата и со забрзано пуштање во продажба на нови и подостапни модели.
Последните попусти, со коишто цената на најдостапниот модел беше сведена на 55.800 јуани (околу 8.700 долари), поттикнаа масовна распродажба на залихите од возила на плацевите во Кина, на што следеше и соодветен одговор од конкуренцијата.
Истражувањето на кинеското здружение на дилери на автомобили во мај, покажа дека БИД располага со залиха од возила со којашто во просек се покрива побарувачката за 3,21 месеци. Тоа е најголема залиха од сите марки во Кина, каде што просекот на браншата е залихите да траат по 1,38 месец.
Додека растат залихите, комората на кинеските автомобилски дилери во почетокот на јуни ги повика производителите да престанат со натрупување возила кај дилерите и да постават „разумни“ производствени цели врз основа на постигнатата продажба. Комората критикува дека жестоката ценовна војна го скусува приливот на готовина и ја уништува профитабилноста.
Дилерите во Кина во минатиот понеделник ги повикаа производителите да извршат поврат на готовина до 30 денови, со цел да се ублажи финансискиот притисок.
Кинеските производители сé повеќе се свртуваат кон извозните пазари за да постигнат раст
Жестоката ценовна трка ги принуди кинеските власти да ја зголемат својата контрола врз автомобилскиот сектор во изминатите месеци, поради тоа што долгогодишната практика ги исцрпи добавувачите, производителите на автомобили и дилерите ширум земјата.
Кинеските прозводители почнуваат сé повеќе да го насочуваат вниманието кон извозните пазари, за да ја постигнат продажбата и да надоместат за слабеењето на домашниот пазар.
Во првите пет месеци од годинава, БИД продаде 1,76 милион возила, од коишто 20 проценти заминаа за извоз.
















