Мицубиши планира големо враќање во Европа со модели на база на Рено

Мицубиши Моторс планира да продава 75.000 до 80.000 возила годишно во Европа, што е раст од 20% во споредба со лани. Тоа е задача на двата нови модели врз база на Рено, што почнуваат со продажба годинава, изјави шефот за Европа, Франк Крол, за индустрискиот гласник Аутомотив Њуз Европа.

Тоа ќе биде голема пресвртница за Мицубиши, откако марката во 2020 година најави повлекување од Европа, поради загубите што беа предизвикани од пандемијата. Една година подоцна, Мицубиши се откажа од таа намера, откако постигна договор да ја користи техниката на сојузникот Рено.

Меѓу моделите на Мицубиши што се базираат на Рено се градскиот модел Колт (на база на Клио), СУВ-моделот А-Ес-икс (на база на Каптур) и новиот компактен СУВ Грандис, којшто како основа го користи Рено Симбиоз. Неговата продажба ќе почне подоцна во текот на годинава.

Наесен следи електричен Еклипс Крос, исто така врз основа на модел на Рено, којшто ќе биде конструиран врз платформата ЦМФ-ЕВ на алијансата, меѓутоа со изгледот ќе се разликува повеќе од моделите на Рено. Тоа важи за новата верзија на „динамичната маска“, којашто првпат ја прикажа новиот Аутлендер.

„Колт и А-Ес-Икс беа првиот чекор,“ кажува Крол. „Еклипс Крос ЕВ е вториот чекор, што повеќе личи како модел на Мицубиши.“

Мицубиши сака да го зголеми бројот на своите модели во Европа. Јапонскиот производител се откажа од намерата да развива два сопствени електрични модели. Место тоа, ќе се работи на развој на приклучни хибриди и хибриди, „каде што сме повеќе конкурентни,“ соопшти извршниот директор на Мицубиши Моторс, Такао Като, при објавувањето на деловните резултати на 8-ми мај.

За пазарите каков што е Европа, каде што се бараат повеќе БЕВ, Мицубиши се одлучи да ги користи моделите на партнерите од алијансата, односно Рено и Нисан.

Рено неодамна почна со производство на градскиот електричен модел Нисан Микра. Крол најави и „трета фаза“ од соработката со Рено, не посочувајќи за кој модел би станувало збор. Постои голема веројатност дека Мицубиши ќе конструира своја верзија врз техниката од идниот Рено Клио, чијашто премиера треба да се случи во текот на годинава.

Мицубиши пролетоска почна со дистрибуција на новиот Аутлендер со приклучен хибриден погон до своите дилери во Европа.

Компанијата пролетоска започна со продажба на задоцнетиот Аутлендер со приклучен хибриден погон, очекувајќи дека Мицубиши со овој модел ќе може да се впушти во трка против кинеските марки што напредуваат сé поубедливо.

„Некои од нив (Кинезите) се мошне силни и сигурно дека ќе зграпчат дел од традиционалните производители, така што ги проверуваме сите аспекти – не само понудата од модели туку и начинот на којшто ги продаваме возилата и им се приближуваме на клиентите“, додава Крол.

Пример за тоа е сменетиот модел на продажба, односно продажба на своите возила директно на дилерите, место на увозниците.

Продажбата на Мицубиши во Европа во првите пет месеци опадна за 29 проценти поради заминувањето на достапниот Спејс Стар, како и на Еклипс Крос.

Мицубиши во минатата година ја зголеми продажбата за 44 проценти и достигна 60.879 возила, главно Колт и А-Ес-Икс. Но, во првите пет месеци од годинава, таа падна за 29 проценти, на 21.398 возила, поради заминувањето на достапниот Спејс Стар и на компактниот СУВ-модел Еклипс Крос, коишто не ги исполнуваа новите стандарди на ЕУ. Спејс Стар беше најпродаван модел лани, со удел од 39 проценти во продажбата.

Мицубиши Спејс Стар беше меѓу последните модели на македонскиот пазар што се продаваа со цена под 10.000 евра. Македонскиот увозник Мак Аутостар тогаш направи историски бизнис-потег, нарачувајќи стотици примероци од малечкиот Мицубиши, во време кога повеќето увозници беа резервирани со нарачките, поради пандемијата – и останаа без модел во таа ценовна категорија, од којшто се бараше примерок повеќе.

Мицубиши ја поддржува идејата на шефот на Рено во заминување, Лука де Мео, и на претседателот на Стелантис, Џон Елкан, кои пролетоска предложија ЕУ да воведе повластена категорија возила, којашто ќе биде до достапна цена, по пример на јапонските микро-автомобили, со ограничена зафатнина на мотор и димензии на каросерија.

Претходна објаваБИД го скусува производството, забавува ширењето на фабриките
Следна објаваДиректори ја напуштаат Тесла, замина и Омед Афшар, близок соработник на Илон Маск

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here