Мерцедес и БМВ се тркаат за електричниот пазар, секој со различна стратегија

БМВ во првото тромесечје продаде ширум светот трипати повеќе електрични автомобили од Мерцедес, вклучувајќи го и-Икс-1. Нема да остане така.

БМВ ќе го пушти во продажба првиот модел од својата Ное Класе, додека Мерцедес уште летово ќе започне со испорака на новата генерација на ЦЛА. Кој производител ќе победи во трката да се продадат повеќе електрични автомобили?

Доколку се погледнат бројките за изминатиот период, БМВ е во голема предност.

Во 2024 година, БМВ ја зголеми продажбата на своите целосно електрични модели за 12 проценти. Побарувачката за новите и5 и и7 врви одлично. Баварците имаат еднаков пристап за класичните мотори и за електричниот погон. Купувачите можат да се решат за Серија 5 или Серија 7 со бензински или дизел мотор, исто исто како и за изведби со приклучен хибриден погон, но се нудат и целосно електричните и5 и и7.

Наспроти тоа, продажбата на БЕВ (батериски електрични возила) на Мерцедес во минатата година опадна за 23 проценти, вклучувајќи го и падот од 7 проценти во Кина, којшто е најголем пазар на штутгартскиот производител. Тамошните купувачи почнаа масовно да се префрлуваат на скапи модели од домашните марки. Мерцедес забави со пуштањето во продажба на модели што се конструирани врз новата и модуларна платформа ММА, со што се појави мала пауза во лансирањето нови БЕВ.

БМВ во првите три месеци продаде 109.513 БЕВ, што е раст од 32 проценти. Мерцедес, пак, имаше пад од 14 проценти во продажбата на БЕВ во периодот, со продадени 40.706 возила.

За споредба, светската продажба на Тесла во првите три месеци имаше пад од 13 проценти, на 336.681 возила.

Според тоа, БМВ во првиот квартал продаде 2,7 пати повеќе БЕВ од Мерцедес и постигна речиси третина од продажбата на Тесла, покажува истражувањето на Бернштајн Рисерч. „БМВ веќе е неприкосновен лидер во продажбата на БЕВ во конкуренција на традиционалните производители,“ стои во извештајот.

БМВ прикажа маскиран и-Икс-3 од Ное Класе на годишната конференција за инвеститори што беше одржана на 14-ти мај.

Педро Пачеко, потпретседател во истражувачкото одделение на Гартнер, вели дека сепак не е сé околу бројот на продадените возила. БМВ навистина продава повеќе БЕВ од Мерцедес, меѓутоа нема јавно достапни показатели за тоа кој производител профитира повеќе од своите БЕВ, посочува експертот.

Фердинанд Дуденхофер, директор на Центарот за автомобилско истражување во Бохум, Германија, вели дека сцената уште не знае колку купувачите се задоволни од новите модели.

БМВ и Мерцедес со различен пристап во електромобилноста

Ное Класе, цело семејство електрични модели, е најголемата инвестиција во историјата на компанијата. Во тоа семејство спаѓа и и-Икс-3, новиот СУВ-модел од средна класа, како прв модел од Ное Класе. Сериското производство ќе стартува во ноември во новата фабрика во Дебрецин, Унгарија.

До 2027 година, БМВ ќе лансира преку 40 нови или освежени модели, вклучувајчи ги сите погони, од БЕВ, опреку хибриди, до модели со мотори со внатрешно согорување.

„Секој од тие модели ќе има ДНК од Ное Класе,“ најави извршниот директор на БМВ, Оливер Ципсе, на настанот на 14-ти мај. До завршетокот на годинава, компанијата ќе брои над 2 милиони свои БЕВ по патиштата.

[the_ad id=”85764″]

Мерцедес во меѓувреме се подготвува за почеток на испораката на новиот ЦЛА во јули. Штутгарт го позиционира ЦЛА како почеток на новото поглавје на електричниот погон во Мерцедес. ЦЛА е прв модел што е конструиран врз новата платформа ММА, и освен како БЕВ, ќе биде достапен и со хибриден погон.

Новата генерација на Мерцедес-Бенц ЦЛА Купе ќе почне со продажба во Европа во јули, а понатаму следи и старт во САД и Кина

Мерцедес претходно најавуваше дека по 2030 година ќе продава само БЕВ, меѓутоа пазарот на овој погон забави, поради што беше донесен нов план, со 50 проценти во продажбата на завршетокот на деценијата да учествуваат БЕВ, а хибридни модели со преостанатата половина.

Претходна објаваKIA Sportage Concept со врвна опрема и неверојатна цена!
Следна објаваНа Опел Фронтера покривот ѝ е автокамп

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here