Мерцедес ги објави цените на новиот ЦЛА, хибридниот модел ќе почнува од 46.500 евра

Мерцедес-Бенц почна со нарачки за новиот ЦЛА на германскиот пазар. Продажбата почнува со електричната изведба, што во Германија чини 55.858,60 евра. Кон завршетокот на годината следи изведбата со благ хибриден погон, како и дополнителни електрични изведби.

Досег до 792 километри, брзо полнење за уште 325 километри за само десет минути, исклучително богата опременост и виртуелни асистенти во возењето. Тоа се клучните аргументи со коишто Мерцедес-Бенц го пушта во трка својот нов ЦЛА, со голема промена во концептот на моделот

Матијас Гајсен, член на управниот одбор на групацијата Мерцедес-Бенц, надлежен за продажба, го рекламира новиот ЦЛА како „најинтелигентен Мерцедес што го имаме произведено досега.“ На купувачите им се ветува сосем ново возачко искуство за овој сегмент на возила, со врвен комфор и со новиот оперативен систем МБ.ОС, којшто е буквално мозокот на возилото. „Тоа е само почеток: Со новиот ЦЛА со голема гордост ја започнуваме најголемата моделска и технолошка офанзива во историјата на нашата марка,“ заклучува Гајсен.

Во почетокот се нудат две моделски изведби, со електричен погон. Уште една промена е тоа што електричните модели на Мерцедес-Бенц повеќе не се водат под името Е-Ку, туку на традиционалното означување се додава Е-Ку Технологија. Првиот е ЦЛА 250+ со Е-Ку Технологија, со моќност од 200 кВ (272 КС) и цена од 55.858,60 евра во Германија.

Втората изведба е ЦЛА 350 4Матик со Е-Ку Технологија и со погон на сите тркала, со моќност од 260 кВ (354 КС). Цената на овој модел во Германија е 60.380,60 евра.

Основата на гамата на новиот ЦЛА ќе пристигне кон завршетокот на годината, во изведба со благ хибриден погон и цена од 46.500 евра во Германија.

Исклучително богата опременост за возило од компакт класата

Стандард во опременоста на новиот ЦЛА е пакетот Прогресив Лајн. Тоа вклучува диодни светла со продолжен досег и автоматско долго светло, собирање на ретровизори, спортски волан, комфорни седишта во комбинација од вештачка кожа и платно, со грејачи, посебна автоматска клима за задната клупа, УСБ со моќност за полнење од 100 вати, камера за селфи.

Покрај тоа, стандард е и големиот сончев покрив, дополнителен багажник напред, осветлена маска и ѕвезда, навигација МБУКс.

За нарачки што ќе се направат до 30-ти септември на германскиот пазар, следи попуст при нарачка на дополнителна опрема. Старт-пакет со избрани ставки опрема чини 2.091,43 евра и со тоа е подостапен за 35 проценти отколку при одделно нарачување.

Во овој пакет се вклучени амбиентално осветлување, потпирач за раце назад, безжичен полнач за телефон, рачки што автоматски се извлекуваат, пристап без клуч, меморија, задна камера и интеграција со телефон. Во списокот на опции секако не недостигаат пакети АМГ Лајн, за надворешност и за внатрешност.

 

Оперативниот систем се обновува исто како телефон, се вчитуваат и нови функции

Новиот ЦЛА е прв Мерцедес што го користи сопствениот оперативен систем МБ.ОС. Секое возило располага со суперкомпјутер, што е поврзан со податочниот облак на Мерцедес. Освен освежување на софтверот, на тој начин се вчитуваат и нови функции, вклучувајќи и системи за асистенција.

Возилото разговара со возачот и патниците

МБ.ОС ја донесува и 4-та генерација на системот МБУКс. Тоа значи влез за вештачката интелигенција, со поддршка од Мајкрософт и Гугл. Новиот Виртуелен Асистент МБУКс може да разговара, а располага и со краткотрајно помнење.

Преку Чет ГПТ и Мајкрософт Бинџ се прибираат сознанија од интернет. Гугл Џеминај знае да одговори на сите прашања околу навигацијата. Понатаму, системот преку дијалогот препознава и емоции, па соодветно реагира. Виртуелниот Асистент постојано е присутен како аватар на почетниот екран на централниот дисплеј.

Полнењето на батеријата трае речиси исто како полнење гориво

Платформата што работи со 800-волтен напон и новата генерација батерии овозможија Мерцедес ЦЛА да полни мошне брзо. ЦЛА 250+ со Е-Ку Технологија за само 10 минути полни енергија за 325 километри. Електричниот Мерцедес-Бенц може да полни со моќност до 320 кВ. Во двата модели се вградува литиум-јон батерија со големина од 85 кВч.

За спринт и за маратон: Прв двостепен менувач во овој сегмент

Место обичен редуктор, новиот ЦЛА поседува двостепен менувач и со тоа е прв електричен модел во компакт класата со ваква техника. Двостепениот менувач е интегриран во задната оска и наспроти „едностепените“ електрични автомобили, ЦЛА користи еден покус пренос за брз старт и еден продолжен пренос за возење со висока брзина, со намалена потрошувачка на енергија.

Користа од двостепениот менувач се покажува двострано: Еднаш преку дозволената максимална брзина од 210 километри на час, еднаш преку кусиот спринт за 6,7 секунди, односно 4,9 секунди за посилната изведба.

Топлинската пумпа исто така е стандард

Електричниот ЦЛА е прв Мерцедес-Бенц што доаѓа стандардно со воздушна топлинска пумпа. Таа може во исто време да користи три извори на топлина: Од електричниот погон, од батеријата, од средината. Користа е во тоа топлинската пумпа работи мошне ефикасно и се одзема помалку од енергијата во батеријата, за греење на кабината. Тоа исто така придонесува за долгиот досег.

Претходна објаваНовиот Ауди А6 со приклучен хибриден погон минува над 100 километри на струја
Следна објаваНа Тесла не ѝ дозволија да го заштити името Роботакси, било премногу општо

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here