Киа разви нов хибриден погон со два електромотори

Во споредба со обичен мотор со иста моќност, новиот хибриден погон на Киа постигнува потрошувачка намалена за 45%, во исто време нудејќи за 19 проценти повисока моќност. Планот е новиот хибриден погон да се нуди во целата гама, во цел опсег од 100 КС до близу 350 КС.

Киа го најави новиот хибриден погон, за којшто вели дека поставува нови мерила во моќноста и во штедливоста, по тој редослед. Суштинската промена е во преносот на сила, односно во менувачот, каде што се додадени два електромотори, секој со посебна задача.

Корејскиот производител напоменува дека новиот хибриден погон е развиен со цел да се вградува во целиот опсег на понудата од модели на Киа, во комбинација со мотори со различна големина и во повеќе класи. Во целина, намерата е новиот хибрид да се нуди во сите клучни модели. Во развојот се користени и вредните искуства од електричните модели на Киа.

Техничките подробности, околу моќноста и перформансите, уште не се објавени, меѓутоа се посочени неколку детали околу начинот на работа. Менувачот исто така е со нова конструкција – иако уште не е откриен типот, само е претпоставка дека се работи за класичен автоматски менувач. Првиот електромотор е задолжен за стартување на моторот, за полнење енергија во батеријата и за придружување во погонската спрега, како помошен погон.

Вториот електромотор има функција да испорачува погон и да го претвора залетот во електрична енергија, за полнење на батеријата, при секое сопирање, запирање, отпуштање гас.

Намерата со двата електромотори е да се зголемат моќноста и перформансите, а во исто време да се подобри штедливоста, да се обезбеди помеко префрлување, смалена бучава и помалку вибрации, со цел на крајот да се постигне уште попријатно возење.

За електрификацијата да биде делотворна, потребно е и моторот да биде совршен

Првиот мотор што ќе биде искористен како основа за новиот хибриден погон е 2,5-литарски бензинец со турбонатполнење, којшто е подобрен во споредба со сегашниот мотор со иста зафатнина. Следен мотор што ќе биде хибридизиран е нов 1,6-литарски турбо бензинец.

Подобрената штедливост на 2,5-литарецот во голем дел се должи на тоа што сега електромоторот го задвижува возилото при поаѓање. Но, има клучни зафати и во моторот. Главната промена е во преоѓањето на милеров циклус на работа, каде што целата смисла е во задоцнетото затворање на вшмукувачките вентили при компримирањето на работната смеша.

Милеровиот циклус практично е стандард кај хибридниот погон. Тој во основа постигнува пониска моќност, меѓутоа многу е поголема користа од тоа за смалувањето на потрошувачката на гориво. Со задоцнетото затворање на вшмукувачките вентили – по долната мртва точка – се смалува силата што самиот мотор треба да ја совлада за да ја компримира смешата, што е целата смисла на овој зафат во класичниот принцип на работа на ото-моторот. Како резултат, значлително се зголемува ефикасноста.

Промени кај новиот 2,5-литарец има и во клиповите, а воведено е и трикратно впрскување на горивото – во три различни фази – со цел да се забрза согорувањето, подобро да се контролира согорувањето и да се спречи самопалење на смешата. Сето тоа додава во ефикасноста.

Во СУВ со големина на Телјурајд – модел на Киа што е мошне успешен во САД – хибридот со моќност од 334 КС и вртежен момент од 460 њутнметри, троши во просек малку над 7 литри бензин на сто километри. Новиот погон е поштедлив 45 проценти, а пак нуди за 19% повисока моќност.

Видеото од тестот на Киа Соренто

Вториот по ред мотор што ќе биде комбиниран со новиот хибрид е 1,6-литарски турбо бензинец, којшто веројатно ќе се вградува прво во Спортаж. Самиот мотор е поштедлив за 4%, со вртежен момент зголемен од 367 на 380 њутнметри и со подобрена реакција при забрзување.

Преоѓањето од електричен во хибриден или бензински режим е побрзо и неосетно, во корист на комфорот и перформансите.

По потреба, новиот хибрид може да се користи и за верзии со погон на сите тркала, како во верзија со електромотор назад, така и со класично карданско вратило.

Повеќе конфигурации се во игра, погон на сите тркала може да се изведе и со втор електромотор назад, но и со класично карданско вратило, како на сликата

Користи и комфорот. Додека возилото мирува, клима уредот и радиото, на пример, може да работат до еден час, доколку батеријата претходно била полна најмалку 70 проценти.

Уште една корисна функција е можноста возилото само да вклучи режим за полнење на батеријата, на 2 километри пред одредиштето што е наместено во навигацијата, за потоа да може да се користи климатизацијата додека возилото мирува.

Слично како кај ЕВ6 или ЕВ9, батеријата во новите хибридни модели на Киа ќе може да се користи за напојување електрични потрошувачи со моќност до 3,6 киловати. Технологијата В2Л може да се користи или додека работи моторот или чисто со енергијата во батеријата. Доколку батеријата е полна 80%, Киа ќе испорачува струја за приклучените надворешни потрошувачи додека не се испразни до 30%.

Првиот модел што ќе го користи новиот хибрид почнува со продажба во 2026 година. Засега не е посочено за кој модел станува збор.

Претходна објаваСо три нови модели, Ситроен на пат да освои 5% од европскиот пазар
Следна објаваМерцедес ќе го произведува и ГЛЦ во својата фабрика во Алабама, САД

ОСТАВИ КОМЕНТАР

Please enter your comment!
Please enter your name here